Нова религија е изложба на еден од најзначајните современи уметници, која беше претставена во Музејот на современа уметност во Скопје од 33 јуни – 11 август 2016. Изложбата ја погледнаа повеќе од 13,000 посетители.
Со оваа изложба се разработуваше комплексната врска меѓу смртноста и верата, и фасцинацијата со наука и технологија, суштински теми во долгогодишната кариера на Дејмиен Хрст, како провокативен и понекогаш контроверзен уметник. Четириесет и четирите графики изработени во ситопечат техника, заедно со четирите скулптури кои ја сочинуваа „Нова религија“ функционираа како циклус од фрески – започнувајќи од Создавањето на светот, преку патот на Крстот па се до Последниот суд. Графиките опкружуваа икона на олтар со крст направен од кедар исполнет со апчиња кои наликуваат на скапоцени камења, череп на дете, големо апче изработено од мермер, и срце завиткано во бодликава жица и избодено со сребрени игли и жилети. Визијата на Хрст е брак помеѓу светото и профаното, размислување за кревкоста на животот и потрагата по вечност.