Во рамки на платформата PlayUK, Британскиот совет, во партнерство со Нордеус Хаб и СГА (Српско здружение за игри), во Белград во јануари 2020 година го организираше фестивалот PlayUK 2020, кој на едно место собра развивачи на игри, дигитални уметници и креативци од гејминг индустријата. 

Беа избрани 30 учесници од регионот, од кои шест македонски претставници, кои имаа можност да ги подобрат своите вештини во наративен дизајн, UI/UX дизајн, уметност, програмирање и други сродни области. Работилниците ги водеа предавачи кои се пионери во нивните области, вклучувајќи ги Џо Твист, Калум Андервуд, Џон Мекелен и други.

Диме Ѓорѓиевски е 2Д аниматор од Скопје, еден од учесниците на работилницата, кој во оваа прилика изјави:

„Бидејќи веќе имав искуство со PlayUK во Скопје минатата година, веднаш знаев дека настан како овој ќе биде одлична можност за мене како човек кој сака да игра и да креира видео игри. Очекувам да научам нови работи и да се сретнам со нови луѓе кои работат со најразлични интерактивни медиуми.“

Работилниците на фестивалот PlayUK 2020 се одржаа во периодот од 20 до 24 јануари на кои се зборуваше за различни сегменти од гејминг индустријата.
Најинтересен дел на фастивалот беше изложбата на видео игри која можеа да ја посетат сите љубители на видео игри.

За пошироката публика, фестивалот PlayUK 2020 во Белград понуди разновидна програма која ја покажа уметничката страна на гејмингот и овозможи врвна забава. Интерактивната изложба се состоеше од најновите уметнички видео игри од Велика Британија поставени во изложбен формат, кои за оваа пригода беа избрани од двајца кустоси од Единбург, во светот на игрите познати како WeThrowSwitches.

Споделете на социјални мрежи