Програмата Creative Producers во Западен Балкан влегува во нова фаза со успешно избрани учесници и нивните возбудливи проекти коишто ќе се реализираат претстојниве пролет и лето во Северна Македонија!

Програмата Creative Producers претставува можност за професионален развој и финансирање на надежните продуценти од Западен Балкан и има за цел да ги подобри нивните вештини и капацитети, да изгради нови мрежи и да обезбеди помош при копродукција. Целта е да се создаде одржлива заедница на креативниот сектор којашто е вкоренета на локално ниво, a истовремено е поврзана и на меѓународно ниво и има познавања од бројни области: од креативна визија и технички предизвици до буџети, логистика и публика.

Програмата започна со отворен повик за пријавување во ноември 2021 година, по што 14 успешни кандидати од регионот беа избрани да учествуваат во понатамошните активности: двенеделни онлајн работилници за развој коишто беа поддржани од Curated Place, уметничка и креативна продукциска компанија од Манчестер, којашто ги водеше учесниците низ процесот на дизајнирање на нивните креативни проекти. Покрај драгоценото знаење, учесниците добија насоки и за тоа како јасно да ги пренесат своите идеи, како да размислуваат за тоа каде, кога и како ќе се одвива практичната реализација на тие идеи и што е најважно – како да ја одредат својата целна публика. 

Откако успешно ја завршија оваа фаза во февруари 2022 година, сите продуценти ја презентираа својата идеја пред програмскиот тим и добија зелено светло и средства да започнат со почетната фаза на проектот – со утврдени датуми и логистика. 

Кон крајот на претстојната пролет ќе започнат вкупно 14 проекти коишто ќе се одвиваат во текот на летниот период во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија.

Нашите идни креативни продуценти имаат сè – инспиративни и свежи идеи во комбинација со енергичен порив за нивно остварување, а сето тоа сигурно ќе привлече разновидна публика желна за незаборавни и занимливи искуства оваа сезона!

ФИЛТЕР (функционалност; иновации; локално; технологија; екологија; ресурси)

Формат: Проект за одржливост и циркуларна економија

Организација/Продуцент: Брокули/Дарко Кузманоски

Датум(и): април 2022 година

Локација: Скопје

Целта на ФИЛТЕР е да повика различни чинители за да се справат со прашањата поврзани со чиста и здрава животна средина, да понудат креативни решенија и да презентираат добри практики преку користење нови модели на самоодржливост и дискутирање за придобивките од циркуларната економија. Општата цел на овој проект е да се зголеми учеството на младите во донесувањето одлуки на локално ниво, заштитата на животната средина и борбата против климатските промени, како и да се зајакне нивниот капацитет за самовработување, при што ќе се следат принципите на циркуларна економија на локално ниво преку создавање силна мрежа на независни уметници, граѓански организации, локални и државни институции, училишта, универзитети, приватни компании и граѓани. Друга конкретна цел е да се овозможи информално и практично образование со што ќе им се помогне на младите да стекнат знаења и вештини за нови уметности, занаети и правилно постапување со отпадот преку поправка, повторна употреба, намалување, рециклирање и креативно рециклирање на отпадот во нови еколошки производи. 

MAGDA GameDev 1UP

Формат: Онлајн работилници/предавања за развој на игри

Организација/Продуцент: МАГДА/ Гораст Цветковски

Датум(и): 4 мај, 11 мај, 18 мај, 25 мај, 1 јуни (Работилници)

18 јуни 2022 година (Хакатон + Предавање)

Локација: Скопје

MAGDA GameDev 1UP ќе продуцира 6 сесии/работилници за учење ВО ЖИВО со професионалци во индустријата за развој на игри. Темите коишто ќе бидат опфатени вклучуваат дизајн на ниво, арт дирекција, дизајн на игри, дизајн на звук, програмирање игри, продукција на игри, монетизација и др. Во зависност од времетраењето на предавањата, ќе има по еден или двајца предавачи на ден/сесија. Како кулминација на настанот, ќе биде организиран дводневен GameDev Hackathon, каде што учесниците од предавањата заедно со други ентузијасти и професионалци за развој на игри ќе се соберат за да развиваат прототипови на игри.

НИЕ – Збирка на приказни, песни

Формат: Книга и документарен филм

Организација/Продуцент: Shortbas/Горазд Китановски

Датум(и): април – јули 2022 година

22 август 2022 година (Промоција на книга и документарен филм)

Локација: Скопје

Позитивната енергија, емпатијата и сочувството никогаш не биле толку потребни како во овие беспримерни времиња. Целта на проектот е да продре во психата на луѓето и да ја извади на површина целата нивна позитивна енергија, да им покаже дека не се сами во суровиот процес. Идејата е тоа да се постигне преку различни методи: улични поетски слемови и организирани настани, со цел да се соберат песни и да се создаде една книга со наслов НИЕ. Процесот на собирање приказни ќе се снима. Книгата нема да има автор – таа ќе им припаѓа на луѓето коишто учествуваат во нејзиното создавање. Една од целите на овој проект е да им помогне и да ги инспирира луѓето да го следат својот сон за пишување, но и да ги поттикне луѓето коишто не се професионални писатели да ги преточат своите најдлабоки чувства на лист хартија. Концептот за овој проект ги надминува јазичните граници – секој може да напише што сака на кој било јазик. Финалните производи на проектот ќе бидат книгата НИЕ и придружниот документарен филм.

Споделете на социјални мрежи