ИДНИ ЕКОЛОГИИ е дел од програмата „НИЕ СМЕ ОВДЕ“: Уметнички подвижни слики од колекцијата на Британски совет и „ЛУКС““.
Создадена е од Британски совет, меѓународна организација за културни врски и образовни можности во Обединетото Кралство, и „ЛУКС“, меѓународна уметничка агенција со седиште во Лондон која ги поддржува и промовира активностите на уметниците во областа на подвижните слики. „НИЕ СМЕ ОВДЕ“ се состои од пет уметнички филмски програми кои обработуваат теми како раскажување, наследство, социјална инклузија, урбанизација и национален идентитет, преку биографија, документарци, поезија и фикција.
Постапките на човекот го менуваат светот со неверојатна брзина и тоа никогаш не било поизразено од денес, кога се соочуваме со најголемата глобална криза на нашето време и со проблеми кои произлегуваат од сè поголемото влијание што го имаме врз природата. Опасното загадување, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се реалност за земјите од Западен Балкан, па оттаму оваа програма на подвижни слики е совршена основа за суштински разговори во јавноста. Минатите години соработувавме со национални уметнички институции, а оваа година сме возбудени што ќе се префрлиме во алтернативни изложбени простори и локации, со цел да се контекстуализираат овие теми и да се поттикне еден поинаков дијалог.
Интензивните промени во природата како резултат на човечкото влијание нè доведоа до точка кога нашата помош е неопходна за да ги запреме глобалните промени. Се соочуваме со загрижувачка слика на уништување на животната средина низ целиот свет, вклучувајќи го и Западен Балкан, каде што урбанизацијата и масовната експлоатација на јавните простори направија огромна штета.
Како одговор на овој глобален предизвик, програмата ИДНИ ЕКОЛОГИИ ги посети сите шест земји од Западен Балкан. Собравме куратори и уметници коишто имаа можност да разменуваат идеи и ставови со колеги од Обединетото Кралство преку учество во интензивни онлајн програми и изложби. Следниот чекор е да се информира пошироката јавност во однос на проблемот со цел да се решат некои од прашањата за кои се дискутираше.
Кураторите од шесте земји од Западен Балкан досега учествуваа во еднонеделна интензивна онлајн програма за куратори, која во декември ја организираше „ЛУКС“ и за време на која тие се поврзаа и разменија идеи со нивните колеги од Обединетото Кралство преку стручни консултации и дискусии за уметноста. Тие беа поканети да ги истражат темите опфатени во ИДНИ ЕКОЛОГИИ и да ги контекстуализираат во нивната средина. Во текот на следната година, кураторите ќе работат на проекти во кои ќе ја вклучат пошироката публика и ќе ги обединат гласовите од Обединетото Кралство и Западен Балкан, со цел да се подигне свеста за важните еколошки прашања.
Допирот е изложба во Северна Македонија која се однесува на „смртоносниот допир“ на човекот што го остава зад себе, свесно или несвесно, и претставува голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. Изложбата претставува пет уметници од Велика Британија и три македонски уметници и проекти кои покриваат теми за екологија, миграција, идентитет, маргинализација и наоѓање убавина во грдото. Дознајте повеќе за изложбата и настаните овде.
За да ја започнат програмата и да ги објават своите изложби, кураторите смислија специјални настани за лансирање за секоја држава, од кои сите се одржаа онлајн во првите две недели од март. Како дел од ИДНИ ЕКОЛОГИИ, организиравме неколку работилници што се одржаа во јануари и февруари 2021 година. Нашите говорници опфатија голем број теми од врската помеѓу луѓето и различните екосистеми, до создавање уметнички проекти и интердисциплинарни настани кои развиваат етички и имагинативни врски низ границите на видовите.
Горди сме што околу 15.000 луѓе ги посетија изложбите и учествуваа на нашите онлајн настани, панел дискусии, разговори со уметници и работилници. Покрај тоа, преку медиумите допревме до повеќе од 2,7 милиони луѓе во Западен Балкан. Резултатите од влијанието на програмите во текот на 2021 година се поделени по земји:
Албанија – околу 1.500 луѓе ја посетија изложбата 'Островот на трњето' во Валона и учествуваа во нашата јавна програма составена од неколку онлајн работилници коишто се одржаа во јули и август 2021 година
Босна и Херцеговина – повеќе од 300 луѓе уживаа во изведбите, проекциите, читањата и прошетките коишто се одржуваа на различни локации во Мостар во јуни 2021 година
Косово – речиси 2.000 луѓе ја посетија изложбата 'Големиот смог од 2021' во Националната галерија на Косово во Приштина во текот на ноември и декември 2021 година
Црна Гора – повеќе од 6.500 љубители на уметноста одвоија време да проучуваат уметнички дела и да учествуваат во различни онлајн дискусии и работилници во Подгорица во мај 2021 година
Северна Македонија – повеќе од 400 луѓе присуствуваа на свеченото отворање на изложбата 'Допирот' во Скопје во октомври 2021 година, а самата изложба беше отворена до средината на ноември 2021 година
Србија – околу 3.000 луѓе ја посетија изложбата 'Конфликти' којашто беше поставена на две локации во Белград во април и мај 2021 година
Ако сакате да видите како изгледаа изложбите и настаните во секоја од земјите, посетете го нашиот профил на Фликр и разгледајте ги сликите.
Со „ИДНИ ЕКОЛОГИИ“ продолжуваат заложбите на Британски совет за решавање на актуелните социјални прашања и за поттикнување дебата.