Грејсон Пери отсекогаш бил фасциниран од вкусот – зошто луѓето купуваат одредени работи или носат одредена облека и што тие одлуки кажуваат за нив. Во овој триделен серијал, Пери пројде одредено време со секоја општествена класа во Британија, обидувајќи се да го разбере нивниот вкус и да ни го објасни преку својата уметност. Во секоја епизода уметникот се обидува да го сфати начинот на живеење на луѓето од различните нивоа на општествениот спектрум – работничката класа од малиот град Сандерленд, средната класа во Танбриџ Велс, и на крај високата класа на Котсволд.

Епизода 1: Вкусот на работничката класа  МТВ1, 20 декември во 00.00
Епизода 2: Вкусот на средната класа  МТВ1, 21 декември во 00.00
Епизода 3: Вкусот на високата класа  МТВ1, 22 декември во 00.00

Овој серијал го прикажува креативниот процес на Грејсон, од почетните идеи кои ги добил преку своите истражувања до скицирање на дела врз основа на тоа што го доживеал. Грејсон подоцна ги дизајнираше таписериите кои се произведени во Белгија по неговите спецификации. 

„... прекрасно сошиен портрет на општествената класа, градот и уметникот.“

Алекс Харди, Тајмс 

На крајот, секоја епизода завршува со откривање на завршените таписерии на луѓето кои Грејсон ги запознал во текот на своето патешествие во една од најпознатите галерии за современа уметност во Лондон. Тие имаат можност да реагираат на уметничките дела и да дебатираат со Грејсон за начинот на кој тој одлучил да го прикаже нивниот вкус.

Откривајќи го креативниот процес од самиот почеток, каде уметникот проучува еден од најфасцинантните аспекти на современата култура, овој серијал ја покажува моќта на уметноста да прикаже кои сме навистина ние.

Гледачите во Македонија ќе имаат можност да го гледаат серијалот на Македонската радио телевизија (МТВ1).

Епизода 1: Вкусот на работничката класа

Грејсон Пери го започнува своето истражување за вкусовите во Сандерленд, град со силно присуство на работничката класа и нејзините традиции. Потекнувајќи од работничка класа, Пери се занимава со тоа како нашите семејства и наследство го обликуваат начинот на кој ќе се дефинираме себе си преку она што го носиме и купуваме и како живееме. Пери ја открива дречливата култура во Сандерланд, како и некои изненадувачки потсетници на начинот на кој и тој бил воспитан. Исто така, се соочува со снобизмот кој влијае на начинот на кој многу млади луѓе гледаат на вкусот на работничката класа. На крајот, Пери ги поканува сите луѓе во Лондон на свеченото отварање на неговата изложба инспирирана од искуствата што ги доживеал во нивниот град, што предизвика интересна дискусија околу начинот на кој ги претставил луѓето со кои се сретнал и нивниот вкус.

Епизода 2: Вкусот на средната класа

Грејсон Пери се приклучува на животот на средната класа во Танбриџ Велс. Како некој кој што потекнува од работничката класа, а сега го живее животот на средната класа, Пери е фасциниран од концептот на социјалната мобилност и подемот до новата средна класа. Тој пронаоѓа свет на аспирации, поим за вкус кој во е целост управуван од познатите брендови, луѓе кои сакаат да се одвојат од работничката класа која ја оставиле зад себе, но не се сигурни какви нови сигнали испраќаат со својот вкус. Преминувајќи во средната класа во срцето на Танбриџ Велс, Грејсон ја истражува опсесијата со вкусот – од органска храна и гостилници, до ретро мебел и богати вечери – традиционални за средната класа. Тоа се луѓето кои се најсвесни за тоа што нивните вкусови откриваат и зборуваат за нив. Грејсон сфаќа дека, и покрај разликите што постојат помеѓу различните групи на средната класа со која се соочува, сите нив ги поврзува желбата да ѝ докажат на околината дека се добри луѓе.

Епизода 3: Вкусот на високата класа

Во текот на последниот дел од своето истражување за тоа што нашиот вкус кажува за нас, Грејсон Пери живее помеѓу високата класа на Котсволд во Глостершир каде се сретнува со маркизата од Бат и Лонглит и боемот Детмар Блоу. Грејсон верува дека вкусот на високата класа може истовремено да биде и товар и благослов. Луѓето кои ги сретнува ги почитуваат традицијата и наследството на нивните предци што го доведува да се запраша дали тоа им отежнува да развијат сопствен вкус. Како сопственици на величествени стари куќи, тие имаат многу познавања за таписериите, но современиот пристап кој Грејсон го користи кај традиционалните таписерии – комбиниран со неговото гледиште за нивниот вкус – резултира во таписерии кои прилично се разликуваат од оние на кои тие се навикнати.

Споделете на социјални мрежи