Врз основа на последниот извештај на Светскиот економски форум за работните места на иднината, донесени се неколку конкретни заклучоци што се корисни за иднината и за работните места на иднина. 

Новите работни места ќе имаат позитивно влијание врз прашањето за вработување. Се верува дека дури 75 милиони од тековните работни места ќе бидат променети така што работните задачи ќе бидат поделени меѓу луѓе, машини и алгоритми, додека истовремено ќе се појават 133 милиони нови работни места. Новите професии вклучуваат улоги како што се аналитичари на податоци, програмери на софтвери и апликации и експерти за е-трговија и социјални медиуми - работни места кои се значително засновани и подобрени преку употреба на технологија.

Покрај тоа, се очекува пораст во работните места поврзани со работа која бара социјална интелигенција или меѓучовечки вештини, како што се работници во корисничка служба, експерти за продажба и маркетинг, позиции за обука и развој на луѓе, експерти за култура и експерти за развој на организација, како и менаџер за иновации.

1. Аналитичар на податоци (Data Analysts and Scientist)

Тој собира, организира и толкува статистика користејќи алатки за анализа на податоци со цел да дојде до значителни резултати. Овие толкувања подоцна се користат за донесување на важни работни одлуки.

2. Специјалист за вештачка интелигенција и машинско учење (AI and Machine Learning Specialist)

Тој мора да има вештини на научник за податоци (data scientist). Тој треба да биде умешен во статистиката, па дури и математиката и да разбира различни практики на тестирање и да познава голем број програмски јазици.

3. Генерален и оперативен менаџер (General and Operations Managers)

Тој главно ги спроведува процесите и практиките низ целата организација. Специфичните должности на оперативниот менаџер вклучуваат формулирање стратегија, подобрување на перформансите, набавка на материјали и ресурси и обезбедување конзистентност помеѓу сите тие задачи. Дел од потребните вештини вклучуваат лидерство, способност за решавање на конфликтни ситуации, организираност, одлучност, сигурност, вештини за известување и презентација, аналитички вештини, вештини за критичко размислување и решавање на проблеми, итн.

4. Програмер на софтвер и апликации (Software and Applications Developers and Analysts)

Програмерот создава и модифицира општ софтвер за компјутерски апликации или специјализирани корисни програми. Корисни вештини за оваа професија се креативноста и иновативноста, меѓучовечките и комуникациските вештини, но исто така и тимскиот дух и аналитичките вештини.

5. Експерт во продажба и маркетинг (Sales and Marketing Professionals)

Ескпертот за маркетинг и продажба им помага на компаниите и брендовите да разберат што сè може да се продаде. Тој одредува што луѓето купуваат, какви пропусти постојат на пазарот, каква категорија на луѓе купуваат какви производи и колку пари луѓето се подготвени да потрошат на тие производи. Некои од карактеристиките што треба да ги поседува експерт за маркетинг и продажба се креативност, преговарачки вештини, комуникациски вештини, аналитичко размислување, способност за јавно зборување и употреба на технологија, како и вештини за критичко размислување и решавање проблеми.

6. Специјалист за податоци (Big Data Specialists or Data Scientist) Научник за податоци (data scientist)

Специјалист за податоци беше прогласена за најперспективна работна позиција во 2019 година во САД. Оваа работа вклучува анализа и толкување на сурови податоци во деловни решенија со употреба на машинско учење и алгоритми. Научникот за податоци ги извршува истите должности како аналитичарот на податоци, но поседува понапредни алгоритми и стручност во статистика. Научниците за податоци можат да бидат инженери кои имаат силна деловна моќ и комуникациски вештини, се аналитични, знаат статистика и барем еден програмски јазик R / Python, се посветени на детали (вадење податоци, трансформација и вчитување податоци) и знаат алгоритми за машинско учење и визуелизација на податоци.

7. Специјалист за дигитална трансформација (Digital Transformation Specialist)

Специјалистот за дигитална трансформација ги координира промените во дигитализацијата што се шират преку оперативниот модел и сите аспекти на бизнисот, вклучувајќи луѓе, процеси, технологии и метрика. Неговата цел е да ѝ донесе на организацијата значителни позитивни резултати. Некои од потребните вештини за оваа професија се комуникативност и интеракција, флексибилност, иновативност, проактивност, вештини за критичко размислување и решавање проблеми.

8. Специјалист за нова технологија (New Technology Specialist)

Специјалистот за нова технологија создава дизајни на апликации и развива веб страни за поедноставување на деловните процеси и програми. Тој обезбедува техничка поддршка за програмите и апликациите како и на клиентите и на другите членови на персоналот во компанијата. Дел од потребните вештини за оваа работна позиција се можноста за наоѓање и решавање на проблеми, посветеност на детали и аналитички и комуникациски вештини. 

9. Специјалист за организациски развој (Organization Development Specialist)

Специјалистот за организациски развој ги анализира организациските структури, одговорностите, тимската работа, деловните или оперативните процедури, односите за известување и работните процеси за да создаде ефективни методи за извршување на работните обврски. На специјалистите за организациски развој им се потребни организациски, меѓучовечки и лидерски вештини. 

10. Сервисер за информатичка технологија (Information Technology Services)

Сервисер за информатичка технологија работи во одделот за корисничка служба и има за задача да обезбеди решенија за технички прашања покренати од потрошувачи и вработените во компанијата. Тој е одговорен за инсталирање и конфигурирање на компјутерски системи, обезбедување услуги и поддршка на крајните корисници преку софтвер за автоматска дистрибуција на телефонски повици, дијагностицирање и решавање на технички проблеми и слично. Некои од потребните вештини за оваа позиција се исклучителни вештини за решавање проблеми и добри аналитички вештини, силна комуникација и меѓучовечки вештини.

Сите овие нови работни места ќе имаат различни барања и задачи од досегашните и ќе ја стимулираат побарувачката за нови вештини. До 2022 година, вештините потребни за извршување на повеќето работни места значително ќе се променат. Се очекува дека до 2022 година, вработените ќе користат 58% од веќе постоечките вештини и дека ќе им биде потребно да научат дури 42% од новите вештини за извршување на претходните работни места. Потребните истакнати вештини вклучуваат аналитичко размислување и активно учење, проследено со вештини како што е дизајн на технологија, истакнувајќи ја зголемената побарувачка за разни форми на компетенции поврзани со технологијата. Се пак, познавањето на новите технологии е само еден дел од потребните вештини за 2022 година. Креативноста, оригиналноста, иницијативноста, критичкото размислување, вештините за убедување и преговарање исто така ќе ја задржат или зголемат својата вредност, како ипосветеноста на деталите, флексибилноста и сложеното решавање на проблемите. Емоционалната интелигенција, лидерството и социјалното влијание, како и ориентација кон услугите ќе бидат многу повеќе потребни во иднина во споредба со нивната вредност денес.

Иднината почнува денес

Бидејќи глобализацијата и брзиот напредок на технологијата продолжуваат да го трансформираат граѓанскиот простор и светот на работата, системите за образование стануваат сè пооддалечени од реалноста и потребите на глобалните економии и општества. Во контекст на застој на работа и зголемена поларизација, системите за основно и средно училиште играат клучна улога во глобалната подготовка на граѓаните и работната сила за иднината. Едукативните модели треба да бидат прилагодени за децата да ги совладаат вештините за создавање на поинклузивен, кохезивен и продуктивен свет.

Програмата “Училишта на 21 век” е прилагодена на потребите на глобалните општества и им овозможува на децата да ги совладаат клучните вештини за критичко размислување и решавање проблеми, но и да станат дигитално писмени и креативни. На овој начин, промените во искуството на учење поблиску ќе ги рефлектираат потребите на работните места на иднината.

Споделете на социјални мрежи