Универзитетот „Де Монфорд“ во Лестер е еден од многуте што нудат програми за студиско практикантство што се разликуваат од традиционалните дипломи, но го задржуваат истото ниво на академски предизвик. Тие ги приближуваат работодавачите и понудувачите на обука така што програмите за учење ги прават релевантни за работното место и им овозможуваат на практикантите да придонесуваат за работодавачите а во исто време да студираат.
Предности на практикантството пред универзитетските курсеви
На практикантството често гледаме како на квалификација стекната на работното место што е алтернатива за вишо и високо образование по училиштето. Меѓутоа, за кандидатите постои и поинаква перспектива, како алтернатива за универзитетски курсеви:
- Практикантството се базира на вистински работни места што опфаќа релевантна обука. Практикантите се платени и имаат договор за работа и слични права како и другите вработени.
- Практикантството е достапно на многу нивоа. Можно е да се почне на ниско ниво и да се напредува кон ниво на факултетска диплома, а и повеќе.
- Студиското практикантството ги нуди придобивките од високото образование, но без трошоците.
За работодавачите
- Додека поголемите работодавачи плаќаат мала такса за практикантство, без разлика дали примаат практиканти или не, сите компании може да имаат полза од субвенционирана квалитетна обука.
- Тие се директно вклучени во развивање на практикантските стандарди, доколку сакаат. Обуката е релевантна за потребите на компанијата и помага да се надмине недостигот од вештини.
- Практикантите обично се лојални на компанијата што прва ги вработила.
За колеџи, универзитети и други понудувачи на обуки
- Програмите нудат подобри врски со работодавачите, што може да доведе до други заеднички програми.
- Академскиот предизвик и стручните вештини се комбинираат за да се понудат најдобрите образовни можности.
- Постојат јасни финансиски извори што не водат до финансиски потешкотии за некои студенти.
Студиско практикантство на Универзитетот „Де Монфорд“
Кандидатите може да конкурираат за ова во исто време и кога конкурираат за нормално универзитетско место, иако обично ова се прави преку работодавач што учествува во програмата.
Со вакво практикантство практикантите половина од времето минуваат на универзитетско студирање, а половина на работното место, и се вработени во текот на целиот курс.
„Де Монфорд“ соработува со локалните работодавачи за да понуди програми во области како менаџмент, сајбер безбедност, дигитални и технолошки решенија и развојно инженерство. Се развиваат програми и во архитектура, сметководство и техничко градежништво.
Меѓу работодавачите што учествуваат во програмите се Националната служба за здравство, Британски телеком, КФЦ и полицијата на Лестершир. Но, практикантството со дипломи не е ограничено само на големи организции. Може да учествуваат и мали компании, а најголемиот дел од трошоците ќе бидат покриени од надвор.
Практичното искуство на работното место сочинува 80 проценти од обуката, што значи дека работодавачите и студентите веднаш имаат придобивки, наместо да чекаат до крајот на програмата пред да се стекнат со практично искуство. Како и кај сите нови практикантства, „стандардите“ ги развиваат групи на работодавачи според знаењето, вештините и однесувањето потребни за одредено занимање. Тие се мапираат наспроти универзитетските програми за да се осигура релевантна содржина и резултати од учење.