Локалните работодавачи можат да бидат најдобар извор на совети и насоки за учениците кои размислуваат за идната кариера. Преку соработката со бизнисите, училиштата и колеџите можат да им дадат на учениците искуства од реалниот свет, да му дадат поголемо значење на учењето и да им ги информираат за различните кариерни патеки.

„Морган Синдал“ е градежна компанија која повеќе од десет години е во партнерство со образовни институции. Овде зборуваат за вредноста на партнерствата меѓу индустријата и образованието, нивните иницијативи да им помогнат на учениците да ги разберат многубројните можности за вработување, и важноста да се сфати техничкото и стручното образование и обука (ТСОО) како добар пат кон плодна кариера. 

Во „Морган Синдал“ напорно работиме да ги одржиме силните врски со локалните заедници каде што работиме. Со оглед на недостигот на вештини во градежната индустрија, една од клучните области на кои се фокусираме е вработливоста на младите. Преку различни иницијативи работиме директно со училиштата, колеџите и универзитетите за да им го претставиме работниот свет и да ги истакнеме потенцијалните кариерни можности достапни во градежната индустрија. 

Многу активности во оваа област се организирани и координирани од нашите тројца советници за претприемништво, кои ја инспирираат следната генерација да истражува кариери во различни сектори, како што е градежниот. Ние имаме и тим на регистрирани СТЕМ амбасадори, кои досега поддржале повеќе од 7000 млади преку повеќе од 300 волонтерски часови. 

Бидејќи се повеќе работодавачи ја согледуваат важноста на соработка со учениците во сите фази на образование, училиштата и колеџите имаат вистинска можност да им дадат поголема важност на нивните ТСОО програми така што ќе ги користат вештините и експертизата на локалните бизниси. Овде ги претставуваме најефективните начини на кои што соработуваме со училиштата и колеџите како извор на инспирација за образовните институции што сакаат да се поврзат со работодавачите. 

Практични совети и насоки

Многу од нашите иницијативи со училиштата и колеџите се фокусираат на давање практична поддршка на учениците преку поврзување со нив во опкружувањето каде што учат. На овој начин, можеме да ги истакнеме сите можности за вработување што им се достапни во градежната индустрија и ги поддржуваме да се здобијат со потребните вештини, способности и ставови што работодавачите ги очекуваат од потенцијалните кандидати во различни сектори. 

Многу наши градежни менаџери, проектни менаџери, инспектори за надзор и инженери одат во училиштата и колеџите да одржат презентации за нивната улога и што таа опфаќа. Некои од нашите помлади вработени зборуваат и за нивните искуства и одговараат на прашања од учениците. Преку пишување на биографии и пробни интервјуа, ги потенцираме главните обврски и карактеристики што ги бараат работодавачите, со поддршка на практични активности за да се развијат клучните вештини за вработливост. 

Образовни предизвици

Преку инцијативи за предизвици им помагаме на училиштата и колеџите да воведат нови искуства во учењето за да се развијат вештините на младите и да им се претстави живописно градежниот свет. Една таква иницијатива е „Конструкционариум“, која им дава на учениците практично градежничко искуство така што тие прават намалени макети од инженерски проекти од целиот свет. Оваа иницијатива успешно го поврзува образованието со индустријата преку формирање на партнерства меѓу академските институции, изведувачите и консултантите, комбинирајќи ги академските, дизајнерските и изведбените перспективи. 

Како дел од Британската недела на наука 2017, им дадовме предизвик на учениците од 7. одделение (на возраст од 11-12 години) во училиштетото Сент Бенедикт, во Вајтхејвен, Камбрија, да развијат свои предлози за одржлива колонизација на нова планета, и да земат предвид одлагање на отпадни води и смет, производство на енергија, транспорт, производство на храна и градежништво. Проектот ги поттикна учениците да размислуваат за врските меѓу науката, градежништвото и животната средина, и да го оценат своето влијание врз животната средина. Ученичките тимови ги претставија своите предлози пред претставници на компании, и покажаа како правеле истражување и ги развиле своите вештини за управување со проекти, комуникација и тимска работа. 

„Во текот на целиот проект учениците покажаа зрелост многу поголема отколку за седмо одделение. Добро работеа во тимови и се однесуваа позитивно и професионално. Презентирањето не е лесно, и беше навистина впечатливо што учениците самоуверено се претставија пред директорот, локалните бизниси и соучениците“, вели Џилијан Џонстон, координатор за инвестиции во заедницата од „Морган Синдал“, која беше присутна дента. 

Можности за работно искуство

Можноста за квалитетно стажирање не само што ги запознава младите со работниот свет, туку е и од голема помош при одлучување за нивната идна кариера. Во 2017 дадовме поддршка за 170 дена стажирање за 28 млади од источна Англија. Еден од учениците е Џек Чаплин, од средното училиште Стоуапленд, Сафолк. Тој смета дека тринеделното стажирање му го променило мислењето за курсот што сакал да го учи на колеџ, и се запишал на трето ниво од квалификацијата Изградено опкружување на колеџот Вест Сафолк. Истовремено продолжува со еден ден неделно стажирање во „Морган Синдал“ како надополнување на теоријата што ја учи. Од перспектива на работодавач, примање на ученици стажанти помага да се зголеми бројот на таленти на почетно ниво, а на младите им се дава можност да ја покажат својата способност и да стекнат самодоверба. 

Ако сте работодавач и сакате да изградите врски со образованието, или сте училиште или колеџ што сака да соработува со локалните фирми, достапен е практичен онлајн ресурс со насоки и примери од компанијата „Кариери и претприемништво“ како поддршка на овој процес. 

Дополнителни страници