Многумина се свесни дека техничкото и стручното образование и обука (ТСОО) и практикантството немаат секогаш ист позитивен имиџ во јавноста како универзитетското образование. Во многу земји во Европа, овој недостиг на репутацијата придонесува да се зголеми јазот кај вештините во многу сектори, што пак резултира со недостиг од вешти матуранти кои ќе преземат витални улоги.

Добротворната организација „Фондација Еџ “од ВБ има за цел да го смени ова така што ќе работи на промена на перцепцијата за вредноста на ТСОО и практикантсвото, особено кај родителите и учениците .Овде „Фондацијата Еџ“ зборува за најуспешните начини за промоција на ТСОО како ефективен пат до вработување. 

Не треба да се потценува вредноста на ТСОО и практикантството. Во Британија, практикантството има богата историја и е начин да се обезбедат добри приходи за живот уште од средновековните занаетчиски здруженија, а стручното образование е во сржта на постигнувањата на многу од нашите најголеми изумители, инженери и научници. 

Сепак, факт е дека ТСОО и практикантството како добар пат кон вработување, се недоволно ценети од родителите и учениците, особно во споредба со академското образование стекнато на универзитет. Во „Фондацијата Еџ“, независна образовна добротворна организација која спроведува истражувања и кампањи за да влијае врз образовните политики, веруваме дека нешто треба да се промени ако сакаме да обучиме нова генерација на професионалци кои ќе го пополнат се поголемиот јаз кај вештините и ќе ги исполнат предизвиците на дигиталната револуција. 

Во последните пет години работевме на трансформирање на јавната перцепција за практикантството како начин да се поддржи целта на Владата на ВБ да се остварат три милиони практикантства до 2020 година. Иако забележуваме голема промена кај перцепцијата за практикантството, се уште не чека долг пат. Овде ги претставуваме некои од клучните области што помогнаа да се промовира практикантството како програма за зголемување на свеста за поголеми можности на ТСОО. 

Иако овој пристап се базира на истражување спроведено во Англија, кое опфаќаше разговори со родителите за тоа што би го сменило нивното мислење за практикантството, предизвиците со кои што се соочува ТСОО се проблем во цела Европа, и веруваме дека иницијативите што ги претставуваме овде може успешно да се применат и во други региони. 

Зголемување на јавната свест

Една од клучните работи што произлезе од истражувањето е потребата да се зголеми информираноста за достапни практикантства - не само во традиционалните занаети, туку и во области како што се развивање софтвер, право и финансиски услуги. 

Еден од најефективните начини за зголемување на јавната свест за практикантството во Англија е „Националната недела на практикантство“, која им дава на сите чинители, како што е владата, понудувачите на обуки и практикантите, можност да го споделат своето искуство со пошироката јавност. Со различни годишни теми, оваа иницијатива ги поттикнува чинителите да преземат разни активности за зголемување на свеста, од национални настани и отворени денови за консултација, до објави на друштвените мрежи и конкурси - ставајќи акцент на поимагинтивни и понеобични форми на комуникација. Националната недела на практикантството 2018 е во процес на планирање и би требало да е најголемиот настан до сега. 

Друга страна на напорите да се зголеми јавната свест за вредноста на практикантството е да се прикажат примери на практикантство во добро познати компании што ќе им помогне на луѓето да се поврзат со најдобрите брендови. Една клучна активност беше националната рекламна кампања со приказни на млади кои успеале во кариерата благодарение на практикантството на високо ниво. Кампањата користеше телевизиски реклами и постери наменети за родителите и реклами на друштвените мрежи наменети за идните практиканти. 

Славење на успехот

Истражувањето, исто така, ја потенцираше потребата да се споделат и прослават успешни примери за практикантството за да им се помогне на родителите и учениците да ги ценат вистинските можности што тоа ги нуди. 

Воспоставување на систем на награди за практикантство може да биде одличен начин да се прослави успехот на ТСОО, а во 2018 година се одбележува 15-тата година од Националните награди за практикантство во Англија. Настанот содржи категории што се фокусираат на постигнувањата на практикантите и на работодавачите, а категориите на работодавачи се поделени според големината на фирмата, за да се постигне правична застапеност. Постојат и локални, регионални и национални натпревари за да се постигне максимален публицитет на сите нивоа. 

Градење мрежи

Можеби најсилните застапници за практикантството се самите практиканти и бизниси, така што амбасадорите треба да бидат важна нишка во секоја комуникациска стратегија за промовирање на практикантството. Мрежата на амбасадори на практиканството е одличен форум за градење на мрежи на работодавачи и за зголемување на комуникацијата меѓу постоечките и идните понудувачи на практикантство. Оваа мрежа постојано помага во зголемувањето на можностите за практикантство, со привлекување на нови работодавачи кои ќе понудат практикантство. 

Поранешни практиканти се исто така моќни застапници, кои им помагаат на младите да размислат за алтернативни патеки до успехот. Нашата програма Кариерни чекори им помага на училиштата да организираат кариерни настани каде што волонтери кои завршиле техничко или стручно образование ги споделуваат своите искуства за нивните улоги и учењето. Оваа програма е дел од иницијативата „Инспирација за иднината“, воспоставена од добротворната организација „Образование и работодавачи“.

Дополнителни страници