Можеби најголема пречка за младите да го остварат својот целосен потенцијал е тоа што не заат какви се работни места постојат или не ги разбираат различните патишта кои водат до вработување. Ова особено важи за учениците на кои традиционалниот академски пат не им е привлечен или им е недостижен. 

Добротворната организација „Образование и работодавачи“ се обидува да го реши овој проблем преку иновативна програма што ги поврзува волонтерите кои работат со ученици во училишта и колеџи. Овде „Обрзование и работодавачи“ зборува како поради овие инспиративни искуства се повеќе млади се свесни за алтернативните кариерни патеки и како тие помагаат да се отстрани стигмата што се поврзува со техничкото и стручното образование и обука (ТСОО). 

Прафул има успешна кариера во инвестициски менаџмент во глобалната фирма за консалтинг „Мерсер“. Но за разлика од многу други на негова позиција, тој одеше по неконвенционален пат така што се запиша во стручно образование по завршување на средното училиште. „Бидејќи имав прилично лоши оценки по општообразовните предмети, сфатив дека ако сакам да сум успешен, ќе мора да се обидам со поинаков пристап,“ вели тој. „И покрај стигмата што се поврзува со стручните курсеви, увидов дека совршено ми одговара Бизнис и финансии од трето напредно ниво. Сфатив дека ако вложам труд, можам да постигнам нешто.“

Прафул сега го користи своето искуство и дава кариерни совети на ученици преку нашата програма „Инспирација за иднината“, која регрутира волонтери од различни индустрии кои одат во училиштата и колеџите да им помогнат на младите подобро да го разберат работниот свет и различните кариерни патеки преку кои можат да стигнат до таму. 

„Кога размислувам каков бев на тие години, се сеќавам дека не бев свесен и немав мотивација кога требаше да размислувам за кариера. Тоа беа тешки времиња“, вели Прафул. „Имав среќа што поминав на другата страна релативно безболно и сега сакам да придонесам колку можам повеќе така што ќе давам совети и насоки во овој критичен период во животот на децата.“

„Инспирација за иднината“ беше создадена откако спроведовме истражување за пречките со кои младите се соочуват кога треба да одберат кариера. Еден од клучните наоди на истражувањето беше дека што повеќе прилики имаат младите да се сретнат со работодавачи додека се уште на училиште, толку помали се шансите да останат без образование или без работа во иднина. 

Преку поголема вклученост на работодавачите и директен пристап на младите до инспиративни волонтери, им помагаме на учениците да станат свесни за многубројните можности за образование и вработување што им се достапни. Еден од нашите проекти, „Кариерни чекори“, што го спроведуваме во партнерство со независната добротворна организација „Фондација Еџ“, се фокусира на поврзување на училиштата со волонтери кои завршиле стручно образование. Како ефективен начин за учениците да добијат кариерни совети и да согледаат дека ТСОО е добар пат кон вработување, се покажа можноста да чујат примери и искуства директно од лица кои биле во слична ситуација, особено за оние кои не размислуваат за универзитетско образование.

Преку „Инспирација за иднината“, ги поврзуваме училиштата и колеџите со волонтери од сите сектори и со различно минато на средби лице-в-лице, кои се фокусираат на конкретна тема или сектор, и преку нашата онлајн платформа, на која моментално има повеќе од 39.000 регистрирани волонтери и 12.000 наставници. Преку платформата, наставниците можат да најдат и да се поврзат со волонтери бесплатно за да организираат активности во нивните училишта, како што се пробни интервјуа и разговори. Организираме и други активности во целата земја, преку Кариерни чекори, каде што волонтери што завршиле стручно образование и се вработиле зборуваат со групи ученици за нивните искуства. 

Зошто волонтерските програми се толку ефективни

  1. Тие се одличен начин да се најдат мотивирани лица - волонтери кои одвојуваат од своето време за да учествуваат во активности, што значи дека се мотивирани и ја гледаат вистинската вредност во пренесување на нивните искуства на младите
  2. Се фокусираат на искуства од вистинскиот живот - учениците слушаат директно од луѓе кои биле во нивната ситуација, и на тој начин полесно може да се пронајдат во нивните совети, а целото искуство добива на тежина.
  3. Се флексибилни - училиштата и колеџите можат да најдат волонтери кои совршено им одговараат, без оглед на која индустрија, регион или активност сакаат да се фокусираат, а активностите можат да се прилагодат на потребите на нивното специфично опкружување за учење. 

Иако „Инспирација за иднината“ е британска иницијатива, голем број други земји го преземаа концептот и брендот, и го прилагодија на нивниот локален контекст. Меѓу нив се Австралија, Ирска, и за нашата кампања „Инспирација за жените“, Кина. Се надеваме дека се повеќе земји ќе го користат нашиот модел за да воспостават значајни врски меѓу обрзованието и локалните бизниси. Од нашата работа со работодавачите преку „Инспирација за иднината“, забележуваме дека се повеќе бизниси ја сфаќаат вредноста на програмите за вклучување во образование како ефективен начин на градење на вештините за вработливост на следната генерација матуранти. Постои интерес, треба само да се воспостави врска. 

Дополнителни страници