Се верува дека дури 65 проценти од денешните ученици ќе работат на работни места што се уште не постојат, што значи дека подготвувањето на нашите млади за идниот работен свет никогаш не било поголем предизвик. Иако квалификациите и знаењето остануваат важни, на денешните ученици треба да им се даде можност да израснат во креативни и критички настроени граѓани, подготвени сами да ја обликуваат својата иднина. 

За да се поддржи оваа цел, новата програма на Британскиот совет, „Училишта на 21 век“, е подготвена да ги поддржи училиштата во Западен Балкан да воведат иновативна наставна методологија и да им помогнат на учениците да се стекнат со неопходни дигитални вештини, вештини за решавање проблеми и за критичко размислување потребни за нивното идно образование и кариера. По повикот за апликанти, кој беше отворен за сите училишта во Западен Балкан, програмата наскоро ќе ја објави првата група на училишта што ќе добијат директна поддршка. 

Како програмата ќе ги поддржи училиштата?

Во соработка со Министерство за образование и наука и други релевантни министерства во регионот, „Училишта на 21 век“ ќе понуди пристап до обука, опрема и материјали, како и пристап до мрежа на училишта во Западен Балкан и ВБ. Поддршката ќе опфаќа:

  • обука и поддршка за школските директори за дополнително да ги развијат своите менаџерски и лидерски вештини и да им помогнат ефективно да ги интегрираат и вградат дигиталните и основните вештини во постоечките национални наставни програми. 
  • обука и поддршка за наставниците за два основни модула: дигитални вештини, кој се фокусира на вклучување на дигиталната писменост во програмата, и користење на дигитални алатки за учење, комуникација и соработка; и критичко размислување и решавање проблеми, кој се фокусира на подобрување на самонасоченото размислување и учење на учениците за да се создадат нови и иновативни идеи. 
  • pесурси за развивање на дигиталните вештини на учениците, како што се бесплатни Микро:бит мали уреди што може да се кодираат (во партнерство со образовната фондација Микро:бит), и кои ќе им дадат на учениците почетни вештини и самодоверба за компјутерска писменост и кодирање на часовите по ИКТ и други предмети; ресурси како да се иницираат и започнат клубови за кодирање и да се приклучат на меѓународни предизвици и иницијативи за кодирање; и можност да се пробаат и тестираат нови производи и услуги, како апликации и вебсајтови, од Британски совет и други идни партнери. 
  • можности за врмежување, вклучувајќи и шанса да се споделат искуства и добри практики со училишта од целиот Западен Балкан; можност за соработка со други училишта преку меѓу-училишни клубови за кодирање; можност да се придонесе во дискусиите за политики во земјата и во Западен Балкан; и покана за годишниот настан „Новите технологии во образованието“ во Белград. 
  • можност да се добие наградата „Училишта на 21 век“ на настанот „Новите технологии во образованието“ во јуни 2018 година. 

Ќе се споделат успешни приказни за време на програмата и по неа, а ќе има и други можности за повеќе училишта да се вклучат во некој следен циклус, по завршувањето на почетната пилот фаза.

Училиштата може да ги читаат вестите за програмата и да дознаат како да се вклучат во неа на вебсајтот на „Училишта на 21 век“.