Two students working in a lab

Бидејќи многу земји во Европа се соочуваат со недостиг на вештини во областите на МИНТ(математика, инженерство, наука и технологија), владите, просветните работници и компаниите бараат нови и креативни начини да ги инспирираат младите да размислат за кариера во МИНТ. 

Националната агенција за вештини на Шкотска, Skills Development Scotland (СДС), подготви успешна иницијатива за да им ја приближи кариерата во МИНТ на учениците и да се премости јазот меѓу индустријата и образованието. СДС зборува за нивната успешна иницијатива 'My World of Work Live!' и дава совети за оние што сакаат да ги вклучат и охрабрат младите и просветните работници да се фокусираат на МИНТ. 

Во Европа Шкотска има добра репутација во различни индустрии во МИНТ, како што се биологијата, хемијата, инженерството и дигиталните науки. Меѓутоа, 45 проценти од работодавачите во моментов се соочуваат со потешкотии при ангажирање на персонал со вештини во МИНТ, додека 59 проценти очекуваат потешкотии во следните три години. Жените, етничките малцинства и лицата со потреби за дополнителна поддршка се недоволно застапени во улоги во МИНТ. 

Во СДС ја подготвивме My World of Work Live! за да им помогнеме на младите луѓе во Шкотска да станат идни лидери во МИНТ, и да им помогнеме на индустриите во МИНТ и натаму да нудат економски можности за сите да можат да напредуваат. Иницијативата директно ги вклучува учениците и наставниците со практични настани и активности, кои ги инспирираат учениците да развијат интерес за МИНТ и им даваат поддршка на наставниците подобро да се фокусираат на МИНТ во училниците. Иницијативата им дава поддршка и на нашите вредни советници за кариера во училиштата, центрите и заедницата. 

Успехот на 'My World of Work Live!' досега беше фантастичен. Минатата година, 96 проценти од вклучените ученици изјавија дека сега се поголеми шансите да одберат предмети од науката или технологијата на училиште, а 92 проценти изјавија дека се поголеми шансите да побараат повеќе информации за кариера и работа во наука и технологија. Сметаме дека овој успех се должи на неколку важни состојки, што ја прават 'My World of Work Live!' уникатна иницијатива. 

Направете ги активностите забавни и практични

Сите искуства во 'My World of Work Live!' се поврзани со практично учење - како што се градење, создавање и дизајнирање. Нашите интерактивни алатки и активности ја користат најновата технологија за да ги привлечат и инспирираат учениците, како Minecraft Careers World и нашата наградувана апликација за кариери Virtual Reality. Нашата инвентивна активност Space Junk користи роботи LEGO® MINDSTORMS за да се симулира орбитното движење на сателит, а младите мора да го избегнат вселенскиот отпад и безбедно да го вратат сателитот дома. 

Секогаш се трудиме нашите активности директно да и се обраќаат на нашата целна публика на возраст од 10 до 15 години, и сите се спроведуваат на локации каде што младите можат да го искусат вистинскиот свет на МИНТ, како што е Центарот за наука во Глазгов, и Дигиталното студио и Кариерната лабораторија во Кариерниот центар на СДС во Инвернес. 

Оваа комбинација помага МИНТ да излезе од училницата во вистинскиот живот и им помага на младите, родителите и наставниците да разберат колку многу можности нудат кариерите во МИНТ и разновидните патеки што водат до МИНТ индустриите. Младите ги развиваат своите вештини за управување со кариерата и создаваат врски меѓу работниот свет и она што го учат во училница. 

Вклучете ги наставниците и родителите

Разбирање и поддршка за родителите, старателите и наставниците како клучни лица што влијаат врз младите кога носат одлуки за иднината, се составен дел на нашата програма. 

Вклучените наставници имаат пристап до голем број ресурси на вебсајтот My World of Work, за учењето да може да продолжи и по нивната посета. Нудиме и континуиран професионален развој за наставниците, а многумина од нив што ги искористиле овие можности изјавија дека 'My World of Work Live!' им помогнала подобро да ги разберат работните места во МИНТ и што тие опфаќаат. Вкупно 99% од вклучените наставници изјавија дека 'My World of Work Live!' најверојатно ќе го зголеми ентузијазмот кај учениците за лекциите поврзани со МИНТ. 

По присуство на еден настан на'My World of Work Live!', еден наставник коментираше: „Овие искуства вредат колку многу часови поминати во училница“. Додека родител на едно од вклучените деца изјави: „Овие кариери ги прави попристапни на помлада возраст, прекрасно е.“. 

Градење на силни партнерства во индустријата

Тимот што стои зад 'My World of Work Live!' чувствува страст кон индустријата, образованието и учењето, но успехот на инцијативата е можен само благодарение на силните партнерства што ги изградивме. 

Соработуваме со различни партнери кои ги делат нашите цели и нашиот пристап, а ова отвора можности за вклучување на младите на начин што им е познат. Нашата апликација за кариери Virtual Reality, на пример, е резултат на партнерството со CITBУниверзитетот Хериот-Вот и Animmersion, додека Minecraft Careers World беше развиена заедно со образовната консултантска куќа Immersive Minds. Ние сме, исто така, првите што го имаат статусот LEGO® Education Innovation студио во Шкотска. 

Поради сите овие соработки се постигнува вистинска мешавина од образовна и индустриска експертиза што ги прави нашите активности што е можно поефективни.

Дополнителни страници