Претприемливоста и претприемничкото образование никогаш не биле поважни. Растечката младинска популација, заедно со растечката невработеност во многу држави, става поголем акцент на отворање на нови работни места и претприемничко однесување во рамките во вработувањето. Технолошкиот развој дава нов лик на нашите работни места и го менува начинот на работење на бизнисите, додека глобалната природа на бизнисот значи дека повеќе млади луѓе ќе имаат работа на повеќе континенти и низ повеќе сектори. Затоа е важно идните генерации да ги опремиме со потребните вештини и начини на размислување кои ќе им бидат потребни со цел да можат да се снајдат низ работниот свет што ние сè уште не можеме да го предвидиме. 

Подготвување на учениците за иднината

Идната вработливост на младите луѓе во голема мера ќе зависи од тоа колку наставата и учењето ќе се прилагодуваат на овие нови потреби. Учениците ќе мора да бидат иновативни, приспособливи и флексибилни на пазарот на трудот што постојано се менива и развива.

Во последниве неколку години дојде до значителен пораст во претприемничкото образование во Велика Британија и во други земји, како резултат на промените во националните образовни политики. Вметнувањето на претприемничкото образование во техничкото и стручно образование и обука (ТСОО) може да биде важно средство кое ќе им обезбеди на учениците да бидат подготвени за живот надвор од нивните образовни институции.

Претприемничкиот начин на размислување во комбинација со вештините стекнати преку ТСОО може да бидат совршен рецепт за поддршка на идната вработливост на учениците. Претприемничкото образование ќе ги направи младите луѓе попродуктивни и со поголем претприемнички дух во својата работа во рамките на постојните организации, во социјалниот, јавниот и приватниот сектор.

Придобивките од претприемничкото образование 

Создавањето работни места и вработувањето ќе станат клучен приоритет за учениците и владите во блиската иднина, растот на економиите ширум светот ќе биде поддржан од претприемничкото размислување и претпријатијата од следните генерации.

Според исказите на Европската комисија, претприемничкото образование може позитивно да влијае на локалните пазари на труд и економиите (Entrepreneurship Education: A Guide for Educators, 2014)  Вложувањето во претприемничкото образование е едно од највисоките повратни инвестиции во Европа,  при што истото истражување покажува дека учениците кои добиваат претприемничко образование имаат три до шест пати поголеми можности да започнат со сопствен бизнис во иднина.

Сржта на наставата се учениците, а претприемничкото образование им овозможува пристап до претприемачки начин на размислување, што може да доведе до нивно поголемо учество и ангажман во основните студии. Учењето може да е поинтересно кога во него се вградени реални примери и кога на поединците им се дава можност да ја преземат контролата над сопствениот успех. 

Преку претприемничките активности, учениците можат да стекнат клучни претприемачки вештини, како што се критичко размислување, решавање на проблеми, комуникација, преземање ризици и тимска работа. Претприемништвото може да им понуди алтернативни патеки на младите луѓе, да ги подобри нивните вештини, нивните можности за вработување и живот, истовремено поддржувајќи поширок економски и социјален развој. 

Вметнување на претприемничкото образование 

Ефективното претприемничко образование се потпира на наставниците и културата на наставните институции. За да можат успешно да го вметнат претприемничкото образование во рамките на наставната програма, наставниците имаат потреба од широк спектар на компетенции. Ова може да биде поддржано во училишна средина во која се поттикнува преземањето на ризици и каде вработувањето коешто е резултат на учењето претставува приоритет. Натсвата по претприемништво не дава одговори на прашања, туку ги насочува учениците да ги идентификуваат вистинските прашања. Тоа би требало да се стреми кон поместување на границите, да ги охрабува учениците да размислуваат креативно и да бидат доволно самоуверени во своите способности да преземаат ризици кои се неопходни за успех. Креативните средини, меѓу другото, мора да го поддржат и неуспехот. Грешките честопати ме да се покажат како најважни лекции.  

Нашата иднина зависи од новите генерации, а висококвалитетната настава којашто го вклучува претприемништвото ќе биде суштински дел од нивниот успех. Активните умови на иднината се потпираат на советувањето и поддршката на денешните наставници, кои ќе им ги отворат вратите кон можноста за успех. 

Есенското издание на списанието Vocational Education Exchange ќе се фокусира на улогата и важноста на претприемничкото образование. Во текот на октомври, ноември и декември ќе споделуваме голем број на коментари и примери за најдобри практики кои имаат за цел да инспирираат и да предизвикаат дискусија и дебати во оваа важна област на ТСОО.