Продажбата е една од клучните функции на било кој бизнис, а старт-ап компаниите не се ништо поразлични. Вештините за продажба се од суштинско значење за младите сопственици на бизниси да можат да ги финансираат своите бизнис идеи, да генерираат приходи преку продажба на производи и услуги, да ги покриваат трошоците за бизнисот, и на крај, да создаваат профит. 

Но, од гледна точка на развојот на вештини, сè уште се јавува прашањето дали нашите млади претприемачи ги стекнуваат основните вештини за продажба што им се потребни од предметите кои се нудат на бизнис студиите во Велика Британија.

 

Во Младинските Претпријатија Шкотска, кои нудат можности за претприемништво и претпријатија за младите луѓе низ Шкотска, спроведовме истражување со цел одблиску да го разгледаме ова прашање. 

Каде се сите предмети кои се фокусирани на продажба? 

Она што веднаш го привлече нашето внимание за време на ова истражување беше вистинскиот недостаток на практична можност за продажба, самата продажба, трговијата и можноста за понатамошно учење и развој на бизнисот преку образовниот сектор. Додека голем дел од основните претприемнички вештини се покриени со бизнис курсевите во Велика Британија (вклучувајќи бизнис планирање, генерирањето идеи, стратегија и маркетинг), најдовме само една референца за „продажба“ при спроведување на онлајн истражување на додипломските курсеви по бизнис во западна Шкотска. 

Додека за некои програми за претприемништво имаме докази дека се фокусираат на вештини за рекламирање и можности за учениците да се вклучат во инвестициски сценарија, има многу малку докази дека овие курсеви обезбедуваат можности за практично тргување и продажба. Се чини дека постои растечка тенденција кај младите сопственици на бизниси вклучени во програмите за претприемништво да се потпрат на старт-ап поддршка во форма на грантови, натпревари и барање на инвестиции, отколку на продажба на производи и услуги. 

Ова несомнено е симптоматично за еко-системот на претпријатија кој придава големо значење на позитивно охрабрување, ангел инвеститорството и менторското насочување, притоа не давајќи голема важност на продажба на клиентите. Преку нашата работа во Младински Претпријатија Шкотска, видовме вистински можности за тргување за младите сопственици на бизниси кои се отфрлени за сметка на ребрендирањето, реструктуирањето и повторното поднесување барање за финансиска поддршка преку грантови за повторно финансирање на нивните бизниси.

Сето ова се чини дека укажува на реалноста дека ги обучуваме нашите ученици по претприемништо да бидат успешни во претставување на нивните бизнис идеи, но не и на продажба насочена кон клиентите.  

Колку се важни продажбените вештини за нашата економија? 

Историските докази покажуваат дека Велика Британија котира просечно во создавањето на нови одржливи старт-апови во споредба со другите економии во рамките на ОЕЦД. Економскиот раст во последните десет години е бавен, но и покрај тоа што постојат позитивни знаци за негово закрепнување, предвидувањата покажуваат дека нашата економија ќе треба во наредните години да се потпре на нови старт-апи, како и мали и средни претпријатија. Тоа значи подготвување на претприемачи коишто знаат како да продаваат. 

Д-р Бен Спигел од Бизнис Школата при Универзитетот во Единбург, посочува на тоа дека неуспехот во развивањето на вештини за продажба кај младите бизнисмени го уназадува претприемничкиот потенцијал на Шкотска. Неодамнешниот извештај од Институтот за истражување на јавните политики, меѓу другото, нагласува дека вештината за продажба е една од клучните вештини којашто недостасува кај дипломците во Велика Британија (Scotland Skills 2030, 2017). 

Дали можеме преку продажбата да го надминеме нискиот економски раст? 

Во Младински Претпријатија Шкотска, ние тврдиме дека тоа можеме да го постигнеме со подобрување на продажбените и развојните вештини кај работната сила на старт-аповите, микро, малите и средните претпријатија. Без разлика на тоа дали овие вештини се искористени за основање на бизнисот, за вклучување во старт-ап или во работата во голема корпорација, вештините може да се применат во сите фази на професионалната кариера. 

Курсевите и програмите за претпријатијата треба да развијат автентични приоди за обучување и учење кои ги изложуваат младите сопственици на бизниси на вистински можности за тргување помеѓу два или повеќе бизниси, или пак помеѓу бизнисот и клиентите. Ова би можело да се спроведе преку ангажирање на веќе постоечки микро и мали бизниси, или преку нивните старт-апови. 

Ако економскиот раст може да се постигне преку продажба на повеќе производи и услуги, истиот може да се постигне побрзо и поефективно преку создавање на повеќе продажбено-совесни млади сопственици на бизниси, дипломци и алумни на бизнис програмите. 

Дополнителни страници