Тејмсајд Колеџот (Tameside College) во Грејт Манчестер користи повеќе стратегии за вклучување на работодавачите и на локалните бизниси, најчесто во контекст на високата невработеност и географската неповолност. Подолу се дадени некои од пристапите кои ги користат за уривање на овие бариери, како и некои совети за оние кои би сакале да го направат истото.

Колеџот нуди настава за млади од 16 до 18 годинишна возраст. Составен дел од оваа програма е и задолжителниот елемент на стекнување работно искуство. Некои курсеви одредуваат минимум број практични часови за да можат да бидат исполнети барањата за оценување. Некои од вработените на колеџот се вклучени во координација и организација на практичната настава. Тука спаѓа и раководителот за практичната настава кој ги надгледува повеќето од активностите на колеџот организирани за оваа возрасна група. Оваа функција овозможува одредено ниво на стандардизирана пракса и постапување во организацијата, како и централна точка за комуникација со работодавачите и со вработените.

Колеџот исто така нуди темелна програма за приправничка работа во рамки на која пристапот кој се користи за вклучување на работодавачите треба да земе предвид повеќе надворешни фактори, како што се конкурентниот пазар, локалните приоритети и финансирањето кое им е достапно на работодавачите.

Утврдивме дека постои подготвеност кај работодавачите да ги поддржат обуките и развојот на младите, но притоа има некои пречки кои оневозможуваат оваа активност да се реализира како што треба. Работодавачите е можно да добиваат повеќе барања за соработка од давателите на образовни услуги и нив (на работодавачите) им треба помош во насочување за да можат подобро да го препознаат она што можат да го понудат. Ваквата помош е потребна и ќе овозможи времето на работодавачите да е искористено на ефективен начин. Во овие рамки, треба да го споменеме и одржувањето јасна комуникација со работодавачите со цел управување со очекувањата. Неопходно е добро да се подготвиме за да избегнеме лоши искуства за работодавачите – од недоволно подготвени кандидати, до немање поддршка за нивната подготовка и следењето на нивното работење.

На новите работодавачи им пристапуваме така што им нудиме повеќе опции кои значат поддршка за нивното учество: да обезбедат гости предавачи, да организираат ученици да ги посетат на работното место, да присуствуваат на настани, да понудат приправничка работа или можно вработување на учениците. Нашите вработени задолжени за сораборка со работодавачите се фокусирани токму кон нив, при што се организираат редовни средби со работодавачите за да се согледаат потребите од обука на нивната работна сила, да се потенцираат поволностите од развојот на работната сила, со акцент на поголема продуктивност, задржување на вработените, намалување на нивното отсуство и подобрување на нивниот јавен профил во локалната заедница. 

Тука се и потенцијалните придобивки од ваквите активности, како што се грантови за слободни работни места за потребите на приправничка работа и грантови од локалните власти за отворање на нови работни места или набавка на опрема. Со овозможувањето на широк спектар на опции за вклучување на работодавачите, со поддршката во развојот на бизнисот и со флексибилниот пристап за да одговориме на барањата на бизнисите, ние ги максимизираме можностите за соработка со работодавачите. 

Вработените кои се инволвирани во вклучувањето на работодавачите имаат јасна цел – да бидат единствената точка за контакт за работодавачите, давателите на образовни услуги и кандидатите, и истовремено да бидат амбасадори на промовирањето на поволностите од ваквото ангажирање. Тимот постојано е во потрага по нови бизниси за да го зголеми бројот на работодавачи кои ќе се вклучат и притоа дава поддршка во олеснувањето на процесот, заштедува време и дава совети за добри пракси. 

Постои јасно видлив ентузијазам кај работодавачите во овој сектор за учество и поддршка на обуките, но притоа нив им е потребна постојана поддршка за да се обезбеди дека она што се прави има смисол, и дека е важно и корисно за оние кои учат.

Важни совети за вклучување на работодавачите

Еве неколку совети за вклучување на работодавачите во образованието и како да го задржиме нивното ниво на задоволство и соработка откако ќе ги вклучиме:

  • Управувајте со очекувањата – подгответе ги кандидатите и работодавачите и направете скенирање на вештините со цел појаснување на улогите и на потребните обуки.
  • Олеснете ја редовната комуникација со работодавачите со цел заедничко обмислување и структурирање на обуките и на нивните потреби од работодавачите (соработка помеѓу работодавачите и давателот на образовните услуги), во насока на најдобро исполнување на потребите од работното место.
  • Назначете посебни лица за контакт со работодавачите кои добро се запознаени со придобивките кои ќе ги има фирмата од развојот на своите вработени, од вработување на лицата кои се на пракса или кои нудат вработување. 
  • Нагласете ги придобивките од развојот на работната сила, така што ќе посочите дека соработката со образовниот колеџ може:
  1. да им помогне на луѓето во развојот неопходен за успешна работа
  2. позитивно да влијае на јавниот имиџ на работодавачот и на лојалноста кон брендот
  3. да помогне во развојот на вештините на вработените со цел поголема продуктивност, додадена вредност во нивната работа и чувство на заинтересираност и вредност кај самите вработени
  4. да помогне во планирањето и развојот на работната сила
  5. да ја подобри стапката на задржување на вработените, помалку отсуства и поголема продуктивност.
  • Организирајте обуки за работодавачите кои ќе работат со новите кандидати, на пр. обука за менторирање, помош во оценувањето.
  • Направете список на талентирани ученици што ќе произлезе од следење на нивната работа на работното место, вештините за вработливост кои ги поседуваат и нивниот личен и социјален развој.
  • Организирајте процес на вработување т.е. аплицирање, селекција и интервјуа како поддршка на кандидатите до слободните работни места.
  • Правете редовен мониторинг и проценки со оние кои учат и со работодавачите.
  • Идентификувајте ги можностите за оценување врз основа на резултатите и споделете ги критериумите за тоа со работодавачите.
  • Приберете повратен одговор од работодавачите и искористете го за подобро планирање на следните активности.