„Coleg y Cymoedd“ е колеџ во Велс кој има реномирана соработка со работодавачи, се ангажира во дејностите за да ги задоволи потребите на оние кои учат, на наставниците, на организацијата и на надворешните засегнати страни. Во овој текст, колеџот споделува со нас некои од начините на кои тој ги гради односите со работодавачите и работи во насока на развивање на партнерства. Тие исто така ни укажуваат и на некои интересни студии на случај за тоа на кој начин ваквиот пристап досега се покажал ефикасен.

Вклучувањето на работодавачите е клучен аспект во планирањето и изготвувањето на наставните програми, притоа водејќи сметка дека оние кои учат се стекнуваат со вистинските вештини кои се бараат на пазарот на трудот. Цврстите врски со работодавачите им овозможуваат на оние кои учат да почувствуваат што значи да се биде на работно место, преку обуки на самото работно место, континуиран професионален развој и постојано надградување на вештините.

Колеџот соработува со повеќе од 800 работодавачи, при што локалните работодавачи се вклучени во раководното тело на колеџот и учествуваат во донесувањето на стратешките и оперативни одлуки. Тука се користи нивното индустриско и комерцијално искуство во насока на развој на наставните програми. 

Вмрежувањето зазема централно место во активностите на „Coleg y Cymoedd“. Раководителите на фирмите и на колеџот се дел од комисиите за одредени дејности, а нашите вработени се добредојдени да присуствуваат на настани организирани од работодавачите секогаш кога тоа за нив е релевантно. Освен ова, службените лица во колеџот задолжени за соработка со работодавачите и за организирање на практичната работа постојано одржуваат високо ниво на контакти со работодавачите. 

Овој колеџ има докажана репутација во учењето преку работа и воопшто во образованието. Колеџот овозможува учење преку работа за широк спектар на компании. Значителен е бројот на ученици кои потоа биле задржани во компаниите, а самите компании, пак, секоја година повторно се одлучуваат за овој пристап преку кој ги обучуваат своите стажанти и вработени.

Колеџот исто така секоја година спроведува обуки за голем број организации преку своите „Business and International Services“ во кои се реализираат однапред подготвени, но и посебно прилагодени обуки, при што истите се базираат на податоци од пазарот на труд и се нудат курсеви со цел задоволување на потребите од вештини во компаниите. 

Студии на случај

Железници

„Coleg y Cymoedd“ соработува со „McGinley Support Services“ со цел реализирање на една нова и интересна програма за стажирање во железници. Програмата започна во месец септември 2014 година и е изготвена по објавата од страна на Мрежата на железници на Рамковната програма за електрификација во вредност од 2 милијарди фунти во наредните седум до десет години, што ќе подразбира реконструкции на подрачјето на Велс и во остатокот од државата.

Инвестицијата вредна 2,2 милиони фунти за изградба на нов Центар за обука за потребите на железници (заедно со изградба на мала железничка пруга неопходна за обуките) ќе им овозможи на младите лица стекнување знаење за да можат да работат во дејноста железници. Наменски изградениот центар за обука во кампусот „Nantgarw“, кој се наоѓа во рамките на колеџот, ќе им овозможи на оние кои бараат работа да ги развијат потребните вештини. Тука треба да ги споменеме и повеќето преносливи вештини, како што се изградба на објекти, занаетчиски и електрични работи кои можат да се користат и во разни други прилики.

GE Aviation

„Coleg y Cymoedd“ и „GE Aviation“ соработуваат повеќе од 30 години. Оваа соработка е корисна за двете страни и како резултат на неа,  вработени се голем број млади луѓе низ текот на годините. Суштината на ова партнерство се состои во програмата за стажирање наменета за инженери за авиони и „GE Aviation“, која достигна импресивен успех од 95%. Стажантите внесуваат свеж талент и ентузијазам во фабриката во која се вршат ремонти на мотори за потребите на авионската и вселенската индустрија. Стажантите кои, всушност, се идните работници, се обучуваат за вештини кои ѝ се потребни на компанијата за да обезбеди идни работници во оваа област.

Моторни возила

Изградбата на Центарот за обука со моторни возила во „Ystrad Mynach“, кој инаку чини повеќе милиони фунти, е наменет за оние кои учат да ги стекнат најновите вештини за потребите на оваа дејност во Јужен Велс.

Кампусот „Ystrad Mynach“ кој е во рамките на колеџот „Coleg y Cymoedd“ чини 2.1 милион фунти и тој ќе ја задоволи сè поголемата побарувачка во дејноста за најсовремен центар за обука. Овој нов центар ќе овозможи работилници за поправка и одржување на моторни возила, простории за дијагностицирање, тестирање и технички преглед на возила во кои ќе се обучуваат повеќе од 60 лица секоја година.

Многубројните инвестициски можности во Јужен Велс (вклучувајќи го и „St Athan“ како главен конкурент за идната локација на производствениот центар на „Астон Мартин“, инвестицијата од 181 милиони фунти на Форд во Бриџенд (Bridgend) и евентуалната повеќемилионска фабрика за производство на возила во „Ebbw Vale“, би можеле значително да ја прошират индустријата на моторни возила во регионот.

Студентите запишани на курсевите за моторни возила во рамките на „Coleg y Cymoedd“ не само што ќе имаат можност да се стекнуваат со вештини во нов центар, туку ќе станат и вешти работници со кои ќе може да се задоволуваат идните потреби од работна сила во Јужен Велс.

Споделувано искуство

Програмата за зоната „Ebbw Vale“ претставува стратешко партнерство помеѓу образованието, индустријата и Советот на покраината „Blaenau Gwent“ со цел подобар развој на вештините во производствените и компаниите кои се занимаваат со инженеринг. Стремежот на оваа програма е поттикнување на деловниот раст со истовремено справување со невработеноста, како и отворање можности за младите лица во рамките на локалните власти.

Многу е важно да го задржиме интересот во давањето поддршка и развојот на бизнисите во локалното подрачје и пошироко. Ние овозможуваме бизнис совети преку сеопфатените анализи на потребите од обука кои ги правиме и истовремено им помагаме на фирмите во реализирањето на обуки и едукација кои се висококвалитетни, одговараат на стандардите во дејностите и кои реагираат на потребите на пазарот на трудот.

Дали се пронаоѓате во овие студии на случај? Дали би сакале да развиете слични програми и во вашето опкружување? Кажете ни за тоа на социјалните медиуми со користење на хаштагот #VEexchange.