Џеки Галбрајт (Jackie Galbraith) е заменик директор на „Ершер“ Колеџот (Ayrshire College). Задолжена е за соработка со работодавачите на стратешко ниво. Станува збор за голем регионален колеџ кој секоја година образува 14.000 ученици. Во овој текст Џеки го споделува со нас наградуваниот пристап на овој Колеџ за соработка со работодавачите.

Зошто е важно за нас да соработуваме со работодавачите?

„Ершер“ Колеџот е сериозно посветен на соработка со работодавачите. Нашето портфолио на стручни квалификации е усогласено со потребите на индустриските сектори кои се важни за Ершер и во тој смисол имаме многу важна улога во успехот на економијата во регионот.

Ершер е регион со голем потенцијал. Има богато културно наследство, прекрасни рурални и крајбрежни пејзажи, природни ресурси од земјата и од морето, горда индустриска историја и е дом на актуелни и поранешни меѓународно признати иноватори. 

Сепак, економското назадување во традиционалните дејности (како што е рударството) во период од повеќе децении доведе до висока стапка на невработеност во Шкотска и значителни нерамномерности во целиот регион. 

Наши цели се да ги подигнеме аспирациите на луѓето во Ершер, на заедниците и на работодавачите, инспирирање на актуелните и идни студенти и зголемување на можностите за луѓето и за нивните заедници. Нашиот однос со работодавачите е од суштинска важност за реализирање на овие цели. Нивните сегашни и идни работници треба да ги поседуваат вистинските вештини за да ги задоволат амбициите на регионот, и тоа зголемување на продуктивноста, конкурентност и деловен раст. 

Со зголемување на бројот на бизнисите со кои работиме, ги зголемуваме и можностите за стажирање секоја година, можностите за вработување за студентите и за оние кои бараат работа, како и опсегот на обуки кои се реализираат за потребите на дејноста.

New Conversation“, објавен од UKCES во 2014 година, ги резимира „состојките“ неопходни за ефикасна соработка помеѓу колеџите и работодавачите:

  • Прво, треба да се согласиме дека главна цел на колеџот е да придонесе кон својата економска заедница. Ние тоа го правиме.
  • Второ, се укажува дека лидерите на колеџот треба да развиваат нови видови вештини за да успеат во стратешките партнерства со работодавачите. Ние тоа го имаме.
  • Трето, се потенцира дека треба да бидеме свесни за тоа дека кредибилитетот на колеџите кај работодавачите зависи од она што тие го нудат. Се согласуваме со оваа констатација.
  • Конечно, работодавачите треба да го запознаат нивниот локален колеџ и кои можности ги нуди тој. Голем број на работодавачи ова веќе го направија.

Како да соработуваме со работодавачите?

Нашата интерактивна Стратегија за соработка со работодавачите насловена како „Вашата работа е и наша работа“ илустрира на кој начин ги поддржуваме работодавачите преку вклучување на видео разговори со фирми, линкови до клучни стратегии и блогови.

Нашата понуда до работодавачите е дека ние ќе направиме нивната работа да биде и наша работа, и тоа преку:

  • понуда на вистинските вештини во вистинско време за да помогнеме во развојот на нивната компанија
  • нивно вклучување во евалуацијата на нашите сегашни курсеви и определување на нашите идни активности 
  • понуда на стандардни курсеви за дејноста кои се реализираат во опкружувања кои се одраз на нивната дејност 
  • помош во планирањето на работната сила за сегашните и идни потреби од вештини, вклучувајќи и понуди за приправничка работа со цел развивање на нивните вработени
  • поддршка на работодавачите во регрутирањето на вистинските луѓе.

За возврат, од работодавачите бараме нашата работа да ја направат нивна работа, и тоа преку: 

  • учество во нашата евалуација и во процесот на планирање на наставните програми
  • понуди за вработувања, можности за волонтирање и работа на проекти за нашите студенти
  • посета на нашите кариерни настани со цел подигнување на свеста за нивната дејност кај студентите
  • спонзорирање на колеџот преку донирање опрема, споделување на експертиза и наградување на студентите
  • давање помош при справувањето со родовите стереотипи при изборот на кариера.

Сите вработени и лицата задолжени за креирање на наставната програма во Ершер Колеџот се задолжени да воспостават соработка со локалната бизнис заедница. За да може да ги идентификува потребите за бараните вештини на регионално ниво, Ершер Колеџот соработува со Ершер Економското Партнерство (Ayrshire Economic Partnership), со организации на работодавачи, како што се Стопанската комора на Ершер, Федерацијата на мали бизниси и организации во одредени дејности, како што е Сојузот на инженери на Ершер. Колеџот исто така ги поддржува секторските комисии и економските одбори на трите локални власти во регионот, соработувајќи со советници за развој на бизниси со цел поддршка на потребите од вештини на постојните и нови компании, како и на оние кои сакаат да се преселат во Ершер.

Како работодавачите ги обликуваат нашите наставни програми?

Одличната надворешна соработка со работодавачи, со тела во конкретни дејности и со организации од заедницата влијае врз обмислувањето на програмите и создава можности за студентите и за проверка на она што го нуди Колеџот.

Можностите за развој и проверката на нивото на секторската дејност на индустријата се разработуваат на разни форуми организирани од Колеџот на кои се дискутира за потребите од вештини во области како што се аеронаутика, обновливи извори на енергија и инженеринг. Овие форуми ги вклучуваат работодавачите, раководителите на колеџи, секторските комисии, националните агенции за економија и вештини, како и локалните власти. 

Националната агенција Education Scotland, задолжена за обезбедување на квалитетот во пост-средното образование, го вели следново во врска со соработката на Колеџот Ершер со работодавачите:

„Форумите организирани со работодавачите и интензивниот ангажман на работодавачите во дејностите поврзани со инженеринг се одлична можност за прибирање информации кои понатаму помагаат во планирањето и реализацијата на програмите. Колеџот редовно одговара на  работодавачите во случаи кога програмите нецелосно ги задоволуваат нивните барања, и обично понудува решенија. Ефективната и редовна комуникација со работодавачите, заснована на взаемно почитување и силна посветеност на вклучување на работодавачите, му овозможува на колеџот да ги сподели своите планови“.

Информациите добиени од интензивната соработка со работодавачите и бизнис организациите во Ершер, во комбинација со анализата содржана во Регионалната проценка на вештините за Ершер и во Плановите за инвестирање во вештини за разни дејности, секоја година влијаат врз оформувањето на плановите за реализација на наставната програма на Колеџот.

Ершер Колеџот има направено огромни напори во насока на премостување на јазот кај вештините кој постои во стручното образование. Во ова видео Колеџот ни покажува некои од начините со кои се справува со овој предизвик, како што се развивање на конкретни форуми за стручно образование; со придонеси од клучните раководители во дејноста како и од самите работодавачи – сите тие одвојуваат време да поразговараат за предностите од интеграцијата.