...или барем така нè учеа. Во многу делови од светот, системите за образование сè уште не ја користат професионалната пракса која им се нуди на учениците во рамките на потребите на пазарот на трудот, како и стекнување на соодветни вештини за вработливост кај младите луѓе.

Ова во моментов претставува главен проблем и на Косово. За да добиеме јасна претстава за сегашната состојба и околностите за степенот на вклучување на работодавачите со давателите на стручното образование и обука на Косово, најдобро е најпрвин да добиеме некои основни и фактички информации од релевантни лица и институции активни на ова поле. Во разговорите со работодавачите и со агенциите за вработување ни се укажува дека тие постојано го актуелизираат проблемот дека младите луѓе завршуваат образование без клучните вештини за вработливост и без општа свест за тоа како функционира светот на бизнисот. Многумина се фрустрирани од неуспехот на вообичаените „двонеделни“ пракси, и на мислење се дека треба да се направи многу повеќе за да се подобрат автентичноста на работното искуство и квалитетот на вклучување на работодавачите во образованието.

Работата и учењето се нешта кои многу брзо се менуваат и тие влијаат на кариерното напредување на поединецот. Пред младите луѓе во средните стручни училишта е иднина во која ќе биде нормално да се сменат повеќе работни места, поради што е неопходно да се продолжи со надградување на нивното знаење и вештини. Веројатно е дека тие, во еден момент од животот, ќе бидат самовработени, или барем ќе имаат неколку вработувања на определено или неопределено време. Од овие причини, многу е важно вклучувањето на работодавачите кои исто така се соочуваат со сè погласни барања да бидат директно вклучени во образовниот систем.

Дорунтина Јакупи, заменик генерален директор на „HeadHunter Group“ вели: „Според мене, стручните училишта треба да користат комбинација од модели на наставни програми за да им овозможат на учениците да го искусат светот на работата. Тука би можело да станува збор за следново: 

  • основна програма, која обично ја предава специјализиран кадар кој потекнува од некој конкретен работодавач или ментори кои имаат обука и ресурси да ја предаваат;
  • придонеси од лица кои ја надополнуваат основната програма и им помагаат на младите да ја препознаат важноста од учење на таа тема – важна и за нивниот понатамошен живот како возрасни луѓе;
  • планирани временски активности, како што се денови за посета на фирми или работно искуство. 

Уште повеќе, како експерт за кариерен развој и еманципирање, Јакупи смета дека стручните училишта треба да воспостават силни врски со локалните работодавачи. „Работодавачите можат да бидат во улога на ментори и оценувачи на лицата кои учат – и да придонесат кон изготвувањето на начинот на оценување – сето тоа во рамките на поддршката во изготвувањето на наставните програми. Работодавачите исто така придонесуваат кон конкретизирање и унапредување на вештините за вработливост и на резултатите од учењето. Во нашиов случај, вештините за вработливост ќе бидат составен дел од сите аспекти на наставните програми – од начинот на кој учи ученикот па сè до квалификациите кои ги стекнува. Работодавачите можат да обезбедат  младите луѓе да ги развиваат овие вештини така што ќе помагаат во оформувањето на наставните програми и видовите на квалификации кои се нудат во средните стручни училишта на Косово.

Кога разговаравме со нашите партнери во Министерството за образование, наука и технологија, поконкретно со Секторот за реформи во стручното образование и обука, се согласивме дека еден од моделите кој навистина може да помогне во напредокот на развојот на стручните училишта и кој може да им помогне на учениците да се стекнат со вештини соодветни на потребите на пазарот на трудот – е моделот на приправничка работа. Ова е така од причина што тој ги „тера“ сите засегнати страни да учествуваат во планирањето на програмата за обука, затоа што во некои случаи наставата во училница не ги одразува вештините потребни на пазарот на трудот.

Преку анализа на потребите од обука, работодавачот може да ги идентификува потребите на бизнисот и вештините кои недостасуваат и да придонесе, преку своето учество во секторските комисии, во развивањето на стандарди на занимања кои се одраз на потребите на пазарот на труд. 

Работодавачите можат да ги обликуваат наставните програми. Развивањето на цврсти врски помеѓу работодавачите и давателите на стручно образование и обука им овозможува на младите да ги развијат основните вештини за вработливост, а за системот за стручно образование и обука тоа значи реализација на наставна програма која ги задоволува стварните потреби на бизнис заедницата и помага во планирањето на идните потреби од вештини. 

На крајот, сакаме да бидеме сигурни дека постои поврзаност помеѓу системот за образование и обука и работодавачите. Работодавачите и средните стручни училишта треба заедно да учествуваат во напорите на младите луѓе да им се овозможат вистинските вештини за вработливост  - нешто што може да се направи само ако овие две страни работат заедно.

Доника Бериша е раководител на програми во Британски совет на Косово.