За многу наставници, набљудувањето на нивниот час претставува застрашувачко искуство.  Сепак, набљудувањето може да игра решавачка улога во подобрување на квалитетот на подучувањето и учењето во стручното образование. Колеџот Чичестер во Велика Британија го преиначи својот досегашен систем за набљудување на наставата и внесе култура на коучинг, што, според наставниците и учениците,  доведе до огромно подобрување на наставата.

Прочитајте повеќе за програмата која е признаена на национално ниво и која беше наградена со престижната награда за професионално усовршување Beacon, од страна на City and Guilds, и наградата на Times Educational Supplement за Најдобрата иницијатива за подучување и учење.

Колеџот Чичестер сметаше дека стариот систем за набљудување на часовите е неефикасен. Не сакајќи да направат само мали измени, решија да преземат поголеми чекори и да го редизајнираат целиот систем. Колеџот креираше пет модули кои требаше успешно да ги завршат сите лица кои ја набљудуваат наставата. Завршувањето на сите модули беше неопходно со цел наставниците да се здобијат со, според колеџот, „дозвола за набљудување на наставата“.

Петте модули:

  • Промена на културата: вовед во рамката за набљудување на подучувањето и учењето, само-оценување и акциско планирање
  • Набљудување и подучување: прибирање на докази, пишување извештаи и модерирање
  • Изведување клучни заклучоци: давање повратни информации базирани на собрани докази
  • Повратни информации со користење на моделот на коучинг: развивање на вештините за давање устни повратни информации; давање поддршка на наставниот кадар кој треба да го подобри начинот на подучување 
  • Поставување цели и акциско планирање.

Сега имаме јасно дефинирани упатства и разбирање на целосниот процес, почнувајќи од почетните до финалните информации и оценувањето.

– Мики Рендел, раководител за спорт и јавни услуги

Петте модули беа спроведени како дел од реализацијата на „културата на коучингот“ во целиот колеџ, а вработените на сите нивоа беа поттикнати да дадат повратни информации за новите процеси. Фокусот, кој се базираше на докази, помогна да се поттикне самодовербата на наставниот кадар со што се отстрани двосмисленоста која беше поврзана со неосновани или импресионистички заклучоци изведени од набљудувањето на часовите.

Учениците кои беа дел од извршниот одбор исто така ја поминаа обуката и беа поканети да ја набљудуваат наставата; со ова се постигна подобрување на учеството на учениците и секако беше моќно искуство во учењето. По завршување на проектот, 95 проценти од учениците се изјаснија дека подучувањето е добро или подобро, споредено со 86-те проценти забележани на почетокот на проектот.

Оваа програма е признаена на национално ниво. Беше наградена со наградата за професионално усовршување Beacon, од страна на City and Guilds, и наградата на Times Educational Supplement за Најдобра иницијатива за подучување и учење. Офстед, образовното регулаторно тело на Велика Британија, исто така ја призна работата, наведувајќи дека училиштето има „систем за набљудување на часовите кој е созреан и многу ефикасен“.

Наставниците исто така сметаат дека новиот систем ја подобри довербата, но и ја намали вознемиреноста која се јавува при набљудување на часовите. Наставничка која работи во одделот за коса и убавина изјави: "Сега гледаме дека набљудувањето на часовите е заедничко искуство од кое учиме сите. Набљудувачите се попријателски настроени и имаат време да дискутираат со нас и да го сослушаат она што ние го мислиме и чувствуваме за часот кој само што го набљудувале... На набљудувањето на часот сега сме порелаксирани и тоа веќе не претставува нешто што нѐ вознемирува".

Доколку сакате да дадете коментар на овој напис, испратете порака на VEE@britishcouncil.org и вклучете се во дебатата. Доколку сакате да испратите ваш напис, дознајте како тука.

Прочитајте повеќе за професионалното усовршување тука:

Дополнителни страници