Колеџот Бартон и Саут Дербишир подолго време истражуваа како процесот на набљудување на часот да го направат поефикасен.

За да го постигнат ова, Колеџот Бартон и Саут Дербишир го истражуваа влијанието на подучувањето и менторирањето како модел за усовршување на наставниот кадар. Во партнерство со други четири колеџи и мрежа на регионални понудувачи на обука во Велика Британија, колеџот спроведе серија студии на случај со цел да дознае како подучувањето и менторството може да му помогнат на наставниот кадар кој не ги постигнува очекувањата на колеџот, на извонредните наставници и на персоналот кој се стреми да биде дел од процесот на подучување со цел да го подобри и сопственото подучување. 

Колеџот дојде до сознанија дека новиот процес на усовршување и поддршка кој се нуди преку подучување и менторството има позитивно влијание врз наставниот кадар во реализацијата на наставниот процес, но и врз задоволството на наставниот кадар во својата нова улога.

Еден професор кој предава танцување на високообразовна институција беше многу заинтересиран за подучувањето и сакаше да се вклучи во петнеделната програма. Тој учествуваше на две интензивни сесии за подучување во кои беа вградени периоди на рефлексија и истражување. Процесот го поттикна професорот на одговорност за квалитетот на сопственото подучување и личното усовршување: „Промените дојдоа од мене. Ова е откритие! Никој не ми даде листа на работи кои „морав“ да ги направам за да одговорам на целите на колеџот. Всушност, самиот почувствував дека треба да инвестирам во самиот себеси!“

Сепак, за разлика од колеџот Чичестер каде се увиде дека е подобро за набљудувачите да даваат повратни информации и подучување по завршување на набљудувањето на часот, наставниците од колеџот Бартон и Саут Дербишир сметаат дека постои конфликт при ваквите улоги. Тие открија дека набљудувачот може да се соочи со потешкотии при овој процес,  да има потешкотии при процесот на дистанцирање од стариот процес, и истовремено да се соочи со новиот развоен процес. Еден наставник изјави: „Мислам дека промената во која од набљудувачот се очекува да даде повратни информации е во ред, и промената тој или таа да даде повратни информации за подучувањето е исто така во ред, но самиот премин од тоа набљудувачот да треба да почне да подучува би било навистина невообичаено искуство“.

Што мислите вие? Дали би ви било лесно да преминете од улога на набљудувач во улога на подучувач? Дали овие улоги се дел од истиот процес или треба да бидат поделени? Испратете ни порака и кажете ни го вашето мислење на VEE@britishcouncil.org.