„Комуникацијата е поголема од вербалниот разговор помеѓу луѓето; комуникацијата е всушност вашата перцепција за тоа како светот ви одговара вам и како вие му одговарате нему“.

Врската која ја имаме со светот околу нас може да биде поделена на мали сегменти во кои влегуваат: нашиот однос со самите себеси, со пријателите и семејството, активностите, местата и моментите. Кога водите некаква сесија, без оглед дали станува збор за подучување стручен курс или пак некој состанок со лидерски тим, вашето однесување влијае врз однесувањето на другите.

Комуникацијата е седум проценти вербална и 93 проценти невербална. Од невербалната комуникација, 55 проценти припаѓаат на говорот на телото, а 38 проценти на тонот на гласот. Она што го правиме со телото има големо влијание на сите околу нас, особено врз оние на кои сакаме да влијаеме. Да расчлениме како ефективно да ги користиме говорот на телото и просторот.

Говор на лицето

Кога се обраќате на публика, вашето лице поседува таква моќ која може или да ја поттикне или да ја намали самодовербата. Доколу не задржите контакт со очите со лицата кои ве слушаат, или пак вашиот израз на лицето не е во согласност со она што го зборувате, тогаш ќе ги оддалечите вашите слушатели и од самите вас, но и од  пораката која сакате да ја пренесете.

Насмевката поседува огромна моќ, дури и кога не можеме да видиме дали одредена личност се смее. Може да почувствуваме дека некој се смее кога го држи мобилниот телефон в рака или пак кога некој се смее со очите, што кај нас предизвикува убаво чувство. Клучна алка кон слушателот кој за вас гради позитивна перцепција може да се постигне со едноставно климање со главата и со насмевка. Насмевката може да биде поважна и од разменувањето на зборови кога поминувате покрај луѓе во некој ходник. Овие мали дејствија веднаш ќе ви помогнат да сфатите колку некое лице е восприемливо и колку ги прима вашите пораки. 

Чекори кои водат кон промена:

  1. Насмевка
  2. Контакт со очите. Во една група, многу е важно да воспоставите контакт со сите поединци кои седат во просторијата.
  3. Климање со главата

Позиционирање на „сценски маркери“

Помислете на едно негативно искуство. Размислете каде се случило. А сега размислете како се чувствувате кога ќе го видите тоа место. Не ви доаѓа позитивна мисла, нели? Ако треба да пренесете лоши вести и ако тие вести ги пренесете на истото место каде што предавате, тогаш постои ризик да го „контаминирате“ тоа место. Во таков случај, се појавува негативно чувство кај оние кои ги подучувате.

Кога комуницирате со група, внимавајте што правите и каде. Ако сакате да бидете забавни, одберете место на кое ќе стоите и ќе бидете забавни. Кога сакате да бидете сериозни, одберете место на кое ќе стоите и ќе бидете сериозни. Јас имам „одредено место“ на кое стојам кога треба да ги пренесам и утврдам моите правила. Моето „одредено место“ е секогаш покрај ѕидот и е подалеку од местото од кое што предавам. „Маркерите“ несвесно ја подготвуваат вашата група да влезе во ситуацијата во која вие сакате да бидат, но истовремено не дозволуваат да се измешаат пораките кои ги испраќате. 

Чекори кои водат кон промена:

  1. Во мислите обележете места на подот или употребете маркери да обележите места на подот.
  2. Не мешајте ги чувствата или пораките кои ги испраќате кога стоите на обележаните места. На пример, не кажувајте вицови од местото коешто сте го обележале како место од кое кажувате сериозни работи. 
  3. Секогаш користете ги обележаните места за одредената цел. Немојте да ги мешате.
  4. (Во ситуација еден-на-еден) доколку слушателот седи, седнете или клекнете до него. Ова е разликата помеѓу зборување со некого и зборување некому. Интимност.

Раце

Постои една заедничка нишка која ги поврзува наставниците, фасилитаторите и говорниците - сите ги користат рацете кога зборуваат. Ова е одлична идеја кога движењето на рацете со себе носи некое значење. Секое движење треба нешто да претставува; инаку, движењето ќе направи проблем и ќе биде контрадикторно со она што го зборувате, а со тоа ќе го одвлече вниманието на слушателите од она што го зборувате. Ова е од особена важност за визуелниот тип на ученици во групата.

Чекори кои водат кон промена:

  1. Снимајте се кога ќе држите некоја сесија
  2. Гледајте ја снимката
  3. Прашајте се дали движењета на рацете одговараат на она што го зборувате
  4. Размислете како поинаку би можеле да ги координирате движењата (ако воопшто тоа е потребно) 

Управувањето со телото има големо влијание врз средината која ја креираме, како ги постигнуваме нашите цели и односот кој го градиме. Приоретизирајте ги вашите 55 проценти од комуникацијата на начин кој ќе ви помогне вашата работа да ја подигнете на повисоко ниво.

од Кевин Џорџ

Кевин Џорџ е советник за кадровски учинок. Неговата работа се фокусира на развој кој е воден од однесувањето (РВО). Кевин успешно реализирал повеќе програми во име на Премиер Лигата, Британски совет и Институтот на консултанти - ова се само неколку. Вкупно, повеќе од 50,000 лица учествувале во бихејвиористичките програми на Кeвин ширум светот.

Доколку сакате да дадете коментар на овој напис, испратете порака на VEE@britishcouncil.org и вклучете се во дебатата. Доколку сакате да испратите ваш напис, дознајте како тука.