"Конвенционалните модели на професионалното усовршување обично подразбираат обуки кои ги водат стручни лица, а кои се прилагодени на потребите на одредени наставници. Ние зборуваме за континуирано професионално усовршување (КПУ) кое ги следи искуствата и учењето на наставниците, со што целиме кон подобрување на идните активности при организирање на наставата. 

Сепак, колеџот Стивенсон кој се наоѓа во Велика Британија, истражува еден поинаков модел: развивање на заеднички обуки(РЗО).

Овој модел се покажа како успешен и се стреми кон давање поддршка на извонредното подучување и учење. 

Академикот Мајкл Филдинг моделот на РЗО го дефинира како „учење на нови начини на работа преку заемен ангажман кој овозможува споделување пракса со другите“. Моделот се разликува од КПУ бидејќи вклучува интерактивност и заемно усовршување помеѓу индивидуи и организации и препознава дека секоја индивидуа во интеракцијата има нешто да понуди. Овој процес обично е поткрепен со истражување, во кое е вклучен колаборативниот пристап.

Имајќи го ова на ум, колеџот Стивенсон се здружи со четири други колеџи и група креативни професионалци, како веб дизајнери, аниматори, филмска компанија и издавачи за да создаде една заедница за учење. Преку заедничката работа и преку споделување идеи, оваа заедница се надеваше дека ќе биде во можност да ги подобри практиките во креирање ресурси за наставните планови и програми.

Сите партнерски колеџи беа поканети на денови за обука и на состаноци извесно време пред проектот и од нив беше побарано да дадат свој придонес во креирањето на нови ресурси за наставните планови и програми. Учесниците потоа се сретнаа со креативните професионалци со цел да дискутираат и да споделат идеи за најдобрите начини кои ќе доведат до креирање нови ресурси. Овде беа вклучени разговори и за вештини и за процедури кои би го потпомогнале процесот. Штом ресурсите беа подготвени, сите колеџи беа вклучени во ревидирањето на материјалите. Колеџот Стивенсон собра и квалитативни и квантитативни податоци од партнерските колеџи, но спроведе и интерна ревизија со наставниците. Организираа и фокус групи со учениците со цел да ги оценат излезните резултати од проектот.

Колеџот Стивенсон откри дека преземањето на еден ваков пристап за РЗО беше од голема корист во развивањето материјали за учење и во подобрување на вештините на наставниците.

Состаноците за подготовка на ресурси, во кои беа вклучени наставници од стручните училишта и професионалци од областа на комерцијалниот дизајн, се покажаа како многу продуктивни во креирањето соодветни ресурси. Овие состаноци особено беа корисни при креирањето иновативни, дигитални ресурси преку комбинирање на знаењата од дизајнерите за нивната индустрија и знаењата на наставниците за она што им е потребно на учениците. 

"Процесот на ревидирање и вклучување на различните колеџи се покажа како многу ефикасен, особено што наставниците имаа можност да направат низа подобрувања, со што се поттикна размислувањето за самата програма и можноста да се научи повеќе од споделените искуства.

Доколку сакате да дадете коментар на овој напис, испратете порака на VEE@britishcouncil.org и вклучете се во дебатата. Доколку сакате да испратите ваш напис, дознајте како тука.