Нашиот доктор за вештини овој месец е Афшан Бакш, Образовен експерт во Evolve Global Solutions. Таа одговара на вашите прашања поврзани со професионалниот развој.

Како е возможно наставниците да најдат време да бидат во тек со новите сознанија во својата бранша кога технологијата толку брзо се менува?

Како наставници и обучувачи за стручни предмети, мора да бидеме сигурни дека она што го предаваме во училницата е ново и релевантно во индустријата. Се сеќавам на една случка која датира од почетокот на мојата кариера во образованието и која го илустрира ова прашање. Еден тим кој подучуваше во областа на градежништво покани претставници од градежната индустрија да го посетат нивниот колеџ. Учениците учеа како да направат дрвени скали за скалило. Еден од претставниците во индустријата истакна дека не е потребно учениците да учат како да прават скали, бидејќи според новата практика, тие се веќе направени, така што поважно е учениците да научат како да ги монтираат веќе направените скали! Овој тим од наставници продолжија со прашања кон посетителите од индустријата и ги замолија да ја погледнат нивната наставна програма и да предложат промени. Јас имам посетено многу колеџи кои, како резултат на недостаток на парични средства, имаат застарена опрема, но дури и да имате средства, многу е тешко да бидете во чекор со брзодвижечката индустрија. Како и да гледате на сево ова, задолжително е да бидете во тек со знаењето за секторот или индустријата во која работите.

Еден начин како да го одржите вашето знаење е преку вградување посети и проекти во предметот кој го предавате. На тој начин имате можност да го заживеете вашиот предмет, но и да бидете во тек со иновациите во вашата индустрија. 

Еве ви неколку совети кои може да ви помогнат:

  • Однесете ги вашите ученици во посета на некој ваш индустриски партнер како дел од програмата. На ваков начин, и вие и вашите ученици ќе ја видите новата технологија или методите на работа. На таков начин ќе заживее она што го предавате.
  • Доколку не сте во можност да посетите индустриски партнер, тогаш:
  1. Поканете го партнерот во вашиот колеџ и можеби тој/таа може или да демонстрира некој метод или да донесе некаква опрема која ќе им се покаже на учениците
  2. Најдете видео материјал кој ја покажува технологијата и приодите кои се користат во индустријата. Доколку не можете да најдете видео материјал, контактирајте го вашиот индустриски партнер или здружение и видете дали тие поседуваат таков материјал. Може дури од нив да побарате вие да отидете и да снимите некој материјал.
  • Читајте блогови и зачленете се во мрежи кои се однесуваат на индустријата или секторот во кој предавате. Ќе најдете статии, најнови размислувања и опции, предизвици и промени кои се случуваат во вашиот сектор само преку пребарување.
  • Следете релевантни компании или клучни лица од индустријата/секторот на Твитер, Фејсбук, LinkedIn или некои други социјални медиуми. Многу брзо ќе видите што сè се случува во вашиот сектор.
  • Зададете им на вашите ученици одредени задачи за истражување, или проекти кои се базираат на најновите промени во вашиот сектор. Кажете им на учениците да ги презентираат откритијата и на вас и на целиот клас.

Апсолутно е неопходно да бидете во тек со било која област, а особено со технологијата - нови трендови, најдобри практики, алатки и многу повеќе. Секако, многу е важно да сте во тек и она што го предавате да е релевантно за учениците во вашата област која многу брзо се менува. Тоа ќе ви помогне и во проширување на интересите и ќе бидете инспирирани во областа која ја предавате.

Сигурна сум дека има голем број начини како да бидете во тек. Ако во моментов го читате ова и сакате да дадете ваш придонес, испратете ни порака и кажете ни како вие дознавате за новините во вашата област. Дали истражувате, дали купувате нова книга или веќе ја користите техниката која ја предложивме погоре?

Како може тимовите да бидат мотивирани и приоритет да им биде професионалниот развој кога не сакаат дури ни да испробаат нови методи, бидејќи не се сигурни дека ќе бидат успешни?

Клучните зборови овде се мотивација и поддршка!

Прво да го земеме предвид следново - Најефективен начин да ги оспособиме луѓето е да се оттргнеме од конвенционалните обуки и наместо нив, да овозможиме учење и професионален развој за луѓето како индивидуи. Секако дека тимовите ќе учествуваат на обуки, но обично обуките се сметаат за здодевни и тимовите не сакаат да одвојат време за нив. Но наместо обуката да ја насочиме кон работата, треба да ја насочиме кон тимот како индивидуа. Ова прилагодување овозможува обуката да се однесува не само на работните вештини и знаење, туку и креира далеку поинтересни, покорисни и помотивациски можности - и за вас и за вашиот тим. 

Сите сакаме да сме во зона во која се чувстуваме безбедно, и секое излегување од таа зона може да доведе до тоа да изгледаме како ништо да не знаеме или пак да бидеме исмеани. Сепак, ако се чувствуваме безбедно и ако добиваме поддршка, тогаш ќе бидеме поттикнати да испробаме нови приоди. Ќе бидеме поттикнати и да побараме помош и да прашаме доколку нешто не ни е јасно. Воспоставувањето на една ваква средина која дава поддршка е клучна за вашиот тим професионалниот развој да го стави како приоритет. Ајде да помислиме на она што се случува во училницата - правиме многу со цел таа да личи на средина која ќе биде топла и која ќе понуди поддршка за нашите ученици. Ги поттикнуваме учениците да пробаат нови работи и им кажуваме дека сме тука да им помогнеме и да ги водиме. Образовните менаџери и лидери ќе имаат огромна корист доколку воспостават слични средини за своите тимови. Преносливите и прилагодливите техники што ги користиме во наставата за да го извлечеме најдоброто од учениците имаат еднаква улога и во вакви случаи и  водат кон подобар ангажман од страна на наставниците.

Прашањето ме враќа назад до еден одреден приод во чија имплементација учествував и јас. Приодот се вика Поддржани експерименти, а го има развиено Џеф Пети, кој е еден од водечките експерти за методи на подучување од Велика Британија. Во овој приод, тимовите се поттикнати да формираат мали „пријателски“ менторски групи. Групите редовно се состануваат и селектираат аспект од нивната работа која сакаат да ја подобрат. На пример: јас сакам да користам поширока палета на приоди на подучување. Според тоа, би било добро да работам со мала група која е заинтересирана за истиот аспект. Како друга можност, групата помага секој член да направи план, па дури може да помогне да се направи истражување. Секој член од групата го спроведува својот „експеримент“ и ги набљудува резултатите. Резултатите и заклучоците се пренесуваат на групата на следниот состанок. Групата треба да ја има уологата на „критички настроен пријател“. Доколку резултатите од експериментот се негативни, тогаш групата може заедно да работи да го подобри експериментот, така што ќе може да се спроведе втор или трет експеримент. Доколку и по рет пат експериментот покажува негативни резултати, тогаш може да се прекине и да се бара друг начин.

Би рекла дека Поддржаните експерименти може да се прилагодат на повеќе сценарија во и вон наставата.

Прочитајте повеќе за овој приод.

Коучингот и менторството звучат како добра идеја за наставниците, но како може успешно да ги воведеме?

Би рекла дека развивањето култура во која се вградени приодите на коучинг и менторство е од непроценлива вредност. Сите ние имаме еден или повеќе колеги во нашето опкружување кои се одлични и кои може да ни помогнат да донесеме некое решение или да решиме некој проблем. Клучот овде лежи во тоа што треба да се осигураме дека лицето кое бара помош е всушност сопственик на проблемот, а лицето кое ја нуди таа помош (менторот) не треба на себе да ги преземе тие проблеми. Па како прв чекор, би го земала предвид обучувањето и подигнувањето на јавната свест за тоа што менторирањето и коучингот треба да претставуваат и како треба да се спроведуваат, а со тоа, и да се нагласат придобивките.

Новите наставници секако поминале некаков вид на менторство во текот на студиите, така што голема е веројатноста дека би сакале таа поддршка да продолжи. Сигурно веќе ги искусиле придобивките од добиената поддршка и би биле одлични лидери кои би ја поддржале таквата идеја. Забележувањето на нивното размислување за придобивките кои ги добиле од менторството ќе овозможи да произлезат некои инспиративни приказни и цитати кои може да се изложат во училиштето како постери или пак истите да бидат дел од маркетингот и комуникацијата преку социјалните медиуми.

Поискусните наставници можеби сметаат дека менторство не им е потребно. За ваквите групи предлагам:

  • Поттик за формирање „пријателско-менторски“ односи помеѓу група наставници со слично работно искуство. 
  • Ваквите групи може да претставуваат добра основа од која може да се селектираат ментори. Кога добро ќе се спроведе менторството или коучингот и со соодветните вештини, и менторот треба да има придобивки  колку и лицето кое го подучува. Во процесот во кој менторот работи со новиот наставник, процесот кој се применува треба да донесе моменти на откритија и за менторот! Од тие причини, вештините и обуките се неопходни.

Друг приод може да биде да имаме ментори за одредени области, т.е. група која има улога на ментор на наставници кои сакаат во поголема мера да ја користат технологијата во подучувањето и учењето. Ментори кои поседуваат одредени вештини при користење на диференцијација итн.

Со цел да се задржи ваквиот начин на работа,  достигнувањата треба да се признаени и истакнати во текот на годината,  а секако не треба да се заборави и на редовната обука која би ја поминувале и менторите и лицата кои се обучуваат. Голема е веројатноста дека ваквиот приод на ниво на организацијата/институцијата ќе доведе до негово вградување во културата на организацијата

Пред неколку години држев обука за една техника наречена „Професионален дијалог“ како начин кој им помага на „пријателите“ критички да се осврнат на својот развој. Прочитајте повеќе за овој приод. 

Едноставноста на овој приод лежи во следното: со учење на каков начин да водите поструктурна дискусија (професионален дијалог) може заедно да работите во менторски капацитет со цел да го поддржите усовршувањето, да ги градите капацитетите и да најдете решенија на многу различни проблеми. Професионалниот дијалог сум го користела не само со моите „пријатели“ (наставници, обучувачи, менаџери и лидери), туку и во мојата работа со учениците. Испробајте го!

Како да ги направам часовите интересни и на моите ученици да не им биде досадно?

Најдобар начин е да се одржи темпото и нивото на интерес преку користење на разни приоди и активности. Сепак, не претерувајте, бидејќи ваш приоритет е учениците да научат! Премногу различни активности може да ги збунат учениците.

Набљудувајте ја вашата група кога користите различни активности и забележете ги оние кои добро поминале - т.е. активностите во кои учениците биле активно вклучени, кои активности им биле потешки и во кои исходите на учење биле постигнати. Или поедноставно, прашајте ги учениците кои активности најмногу им се допаднале и зошто. Обидете се да внесете мешавина од: ваше насочување, групна работа, презентација, работа во парови, дискусии, практични задачи и сл. 

Вашето насочување може да биде давање информации за тоа дека учениците може да истражуваат самостјно. Овој приод ќе им помогне да стекнат истражувачки вештини, но и вештини за самостојно учење, а на вас ќе ви овозможи да го искористите времето на часот за да видите дали тие можат да го применат новостекнатото знаење.

Не се плашете да испробате нешто ново (но безбедно) и проверете дали учениците учат преку поставување прашања, користење квизови, практични задачи и преку набљудување на она што се случува за време на часот.

Друга причина зошто учениците знаат да се исклучат е дека она што го учат не им претставува доволен предизвик или бидејќи сметаат дека заостануваат со материјалот. Секогаш имајте потешки и полесни активности. Ова станува полесно со запознавање на вашите ученици. Многу често се случува да имате ученици кои се на различно ниво во истиот клас; според тоа, вие треба да го диференцирате (индивидуализирате) процесот на учење. На учениците исто им е досадно ако им дадеме да направат нешто за што тие сметаат дека не е релевантно. Обидете се вашиот предмет да го оживеете или осигурете се дека учениците ги разбираат исходите од учењето и на кој начин тие се поврзани со индустријата, секторот или предметот.

Доколку имате прашања за докторот за вештини на било која тема, испратете ни порака.

За Афшан Бакш, Образовен експерт во Evolve Global Solutions

Афшан зад себе има 20-годишно лидерско искуство во секторот за стручно образование и обука (ТСОО) и во Велика Британија и пошироко. Нејзината специјалност вклучува: коучинг, подобрување на квалитетот, инспекција, менаџирање на промени, подучување и учење, лидерство, услуги за поддршка на учениците, вклучување на заедницата и работодавачите, развој на бизниси, претпријатија и претприемништво.

Во 2015 година, Афшан ја основа Evolve Global Solutions Ltd и во моментов води неколку проекти давајќи експертска и техничка поддршка на организации, како што се Британски совет, колеџи од Велика Британија и меѓународни колеџи и национални и владини агенции.

Афшан е и обучен коуч и до сега дала поддршка на менаџери и наставници во образовниот сектор со цел да ги надминат предизвиците, да воведат промени и да ги развијат сопствените вештини или вештините на нивните тимови.

Афшан до сега успешно раководела со проекти од областа на образованието во: Велика Британија, Италија, Ирска, Шпанија, Холандија, Индија, Јужна Африка, Тунис, Танзанија, Јордан, Оман, Тајланд, Виетнам, Индонезија, Казахстан, Кенија, Непал, Шри Ланка, Мороко

Прочитајте повеќе за Evolve Global Solutions и Афшан Бакш.

Контактирајте ја Афшан