Наставниците од стручните училишта и обучувачите одамна се сметаат за „двојни професионалци“ со тоа што ним им се потребни две групи на професионални вештини. Прво, тие треба да се експерти во подучување и учење, т.е. во педагошкиоте приоди. Второ, треба да бидат и експерти во нивниот специјалистички сектор. Но дали постои и трета група вештини кои им се потребни на наставниците од стручните училишта?

Дали овие наставници всушност може да ги нарекуваме „тројни професионалци“?

На наставниците и обучувачите им е потребно континуирано професионално усовршување со цел да ја задржат и надградат професионалната стручност - и да го одржат балансираниот двоен идентитет. За првиот педагошки аспект, ова може да значи учење на нови приоди на формативното оценување, нови начини на користење технологија со што ќе се овозможат инклузивни приоди кон подучувањето, или саморефлексија на својата работа преку здружено набљудување на наставата. За второто, ова може да се однесува на учење како да се користат најновите технологии на работното место, или на разбирање на новите притисоци со кои се соочува нивната индустрија, како резултат, на пример, на глобализацијата.

Во различни контексти ширум светот, на овие двојни аспекти се става различен акцент, преку регрутирање, професионално усовршување и напредок во кариерата. Во некои земји, наставниците се регрутираат од индустријата, со тоа што нивните работни портфолија имаат најголемо влијание при успешното вработување; во други, дипломата е клуч при вработувањето. Соочувањето со предизвикот на двојната професија постои во сите земји во кои работи Британскиот совет.

Постојат различни предизвици со кои се соочуваат наставниците и обучувачите кога станува збор за приоретизирање во континуираното професионално усовршување. Притисоците на работното место се едни од тие предизвици. Оваа табела, која е земена од една студија од 2013 година од Џенет Хамилтон Брод, ги покажува начините на кои наставниците во Англија го задржаа нивото на специјалистичкото секторско знаење.

Активности реализирани од наставници за осовременување на предметот. Табела од една студија од 2013 год. од Џенет Хамилтон Борд, „Го прават самите за себе: Анализа на развојот на специфичната експертиза на наставниците од стручните училишта“.

Извештајот „Ова е за работа“ од Комисијата за стручно подучување и учење на возрасни во 2013 год. откри дека пристапот до стандардните индустриски објекти и ресурсите беше еден од клучните начини да се одржи јасна слика во развојот и реализацијата на стручната настава. Ова значи дека наставниците добиваат поголема корист од видот на активности кои најмалку можат да ги спроведат - на пример, работа со стручно лице кај работодавач или стажирање во индустријата.

Од неодамна, во Велика Британија се зборува за „троен професионализам“; тоа е трета група на професионална експертиза која им е потребна на наставниците и обучувачите со што ќе се осигура дека вештините кои им ги пренесуваат на своите ученици се во согласност со потребите на локалните и глобалните работни места. Ен Хоџсон од Институтот за образование ја има опишано оваа група на експертиза и квалитети, во кои влегуваат: 

  • Постоење на етичка загриженост за сите локални млади и возрасни лица
  • Разбирање на улогата на колеџот во заедницата и локалната област
  • Капацитет да се истражува заедницата и локалните и регионалните потреби со цел идентификување на потребите кои ќе доведат до позитивна промена
  • Можноста да се преземе работа со поголем број агенции и воспоставување соработка со други професионалци
  • Разбирање на политиките и како тие се имплементираат во пракса во системот за техничкото стручно образование и обука (ТСОО)
  • Високо развиени комуникациски вештини и вештини за работа со луѓе 

Ова издание на Vocational Education Exchange вклучува студии на случај кои прикажуваат различни видови активности за професионално усовршување кои можат да им помогнат на наставниците да ги усовршат сите аспекти на тројната професионалност.

Споделете ги вашите искуства: Дали се сметате себеси за двоен или троен професионалец? Кои се клучните предизвици со кои се соочувате за да ја одржите вашата стручност? Кои, според вас, се најефективните видови на континуирано професионално усовршување? Испратете ги вашите видувања на VEE@britishcouncil.org.