Угостителско-туристичкото училиште во Белград е средно стручно училиште со 78-годишна традиција на образување ученици за да се задоволи побарувачката за работници во туризмот и угостителството. Покрај тоа што се предава теорија во училница, училиштето се гордее со способноста да подучува практични вештини во професионално опкружување, со што учениците се подготвуваат за вработување.

Јелена Шалипуровиќ, заменик директор на угосителско-туристичкото училиште во Белград, пишува како училиштето ги задоволува потребите на учениците.

Училиштето нуди три курсеви од четврто ниво според Европската рамка за квалификации, што ги подготвуваат учениците да станат туристички техничари, угостителски техничари или готварски техничари; и три квалификации од трето ниво според Европската рамка за квалификации со кои учениците учат за готвачи, келнери или слаткари.

Училиштето нуди модерно образование преку настава во училница, практична обука, професионално работно искуство и практикантство за околу 1.200 ученици. Практичните часови се одржуваат во специјализирани училница опремени со садови за готвење, ресторанска сала, бар, и рецепција каде што учениците може да вежбаат.

Часовите по готвење, на пример, се така организирани што учениците прво учат за состојките на јадењето и се стекнуваат со теоретско знаење како се подготвува јадењето. Потоа наставникот го демонстрира, а тие го гледаат, мирисаат и пробуваат јадењето. Следниот чекор е учество во подготовка на јадењето со помош на наставникот. Потоа, учениците се запознаваат со методите на готвење на јадењето и се подготвени за практична проба.

Покрај тоа што обезбедува работно искуство и практична обука во други организации, училиштето организира и практични часови во нивната училишна работилница, хотел „Палас“.

Хотел „Палас“ е хотел со 4 ѕвездички во центарот на Белград, но и школска работилница. Ова е единствено во Србија, а можеби и во регионот. Хотелот-школска работилница е одличен образовен ресурс бидејќи учениците можат практично да вежбаат и да работат под надзор на наставниците и обучувачите, кои им даваат инструкции, ја набљудуваат нивната работа, дискретно ги поправаат нивните грешки и ги охрабруваат да станат повешти. Од една страна, учениците вежбаат во контролирана средина, а од друга, работат во вистински хотел со ресторански гости. На овој начин учениците стекнуваат самодоверба и постепено стануваат понезависни. Ова е особено важно за учениците со посебни образовни потреби бидејќи во училиштето работат лица на кои им се познати тешкотиите со кои се соочува секој ученик.

На часовите за работење во туристичка агенција и хотел, учениците учат за деловното работење и за различни аспекти на работата во туристичка агенција и на рецепција во хотел. За да бидат целосно подготвени за идната работа и да можат да ги задоволат барањата на клиентите, учениците посетуваат музеи, галерии, изложби, туристички агенции, железнички и автобуски станици, аеродроми, туристички и гастрономски саеми, во придружба на своите наставници. Посебно внимание се обрнува на изучувањето на странски јазици, а учениците треба да направат презентации за различни интересни места на англиски и француски, германски или руски јазик. Во трета и четврта година учениците организираат екскурзии и куси патувања со мала помош од наставниците.

Угостителско-туристичкото училиште ја согледува важноста на практичната обука и работното искуство за наоѓање на идна работа. Тие соработуваат со многу хотели, ресторани и туристички агенции, каде што учениците имаат можност да вежбаат во опкружување од вистинскиот свет. За жал, на учениците не им се плаќа за работата. Сепак, тие обично се мотивирани да се стекнат со практична обука и работно искуство во овие организации поради можноста да добијат препораки за работа, па дури и вработување кога ќе го завршат училиштето.

Вработените во угостителско-туристичкото училиште се посветени на тоа да ги мотивираат учениците да учат повеќе и да си ги прошират светогледите преку различни дополнителни активности, како драмски клуб, спортски клуб и поетски читања. Секоја година учениците учестуваат во натпревари по спорт, странски јазици, историја и книжевност, како и на државни и регионални натпревари по нивните стручни предмети, каде што постигнуваат значајни резултати. Учениците освоија 18 златни медали на последниот натпревар што го организираше Сојузот на угостителски и туристички работници во Србија.

Угостителско-туристичкото училиште со децении е лидер во образованието во областа на туризмот и угостителството во Србија. Кога матурираат, учениците се подготвени да работат во хотели, кафулиња, ресторани и туристички агенции. Може да ги најдете не само во Србија, туку и во различни земји низ светот.