Од познатиот пурпурен декор до знаците со кои гостите се поттикнуваат повеќе пати да ги користат крпите, кога ќе влезете во беспрекорната соба во колеџот Дервен, ќе си помислите дека се наоѓате во еден од илјадниците хотели „Премиер Ин“ во Велика Британија. Всушност, тоа е целосно функционална реплика на соба што ја исчистиле и наместиле ученици со пречки во учењето.

Иако не ја користат гости, целта на собата е да им овозможи на учениците да се подготват за вистинското практикантство кое ќе се одвива во еден од шесте локални хотели. Специјалистичкиот резиденцијален колеџ е во Освестри, Шропшир, и таму секоја година се запишуваат 273 ученици со потешкотии во учењето со различни потреби од цела Велика Британија. Колеџот се надева дека по дипломирањето и враќањето во родниот град, студентот за брзо време ќе биде вработен во некој од националните синџири со коишто соработува.

Првата успешна приказна на колеџот со „Премиер Ин“ може да биде Клер Брант, 24, од Вустер, која е позната во кампусот по тоа што собата ја мести според прецизни и перфектни стандарди. Брант има Даунов синдром и се обучува еден ден неделно во блискиот хотел „Премиер Ин“ последните две години.

Сега е дома во Вустер и се подготвува да се исели од домот на родителите во стан. Штотуку почна со летна пракса во локалниот „Премиер Ин“ и се надева дека по праксата ќе добие работа. Нејзините родители се многу задоволни од нејзината самодоверба. Им беше важно да ѝ помогнат на ќерката да биде понезависна кога ќе стане возрасна. На 19 години се запиша на Дервен и доби средства од локалните власти, а три години подоцна ја заврши првичната образовна програма. Одбра да остане уште две години во програмата „живеј и работи“, дизајнирана за стекнување стручни вештини.

Брант се смее кога ќе ја прашаат за тоа како совршено го мести креветот. „Сѐ правам сама. Мора напорно да работам“, вели. „Навистина уживав првиот ден (на претходна пракса) и немав трема“. Вели дека сака да продолжи да работи за компанијата бидејќи е одлично.

Има и предизвици, се разбира. Собите во хотелот треба да бидат наместени според точен стандард за многу кусо време - само 27 минути. Со цел да им помогнат на учениците да го исполнат овој стандард, туторите од колеџот заедно со домаќинот на колеџот беа обучени од вработените во „Премиер Ин“ за да можат да ги пренесат вештините на другите. Синџирот хотели сега има 11 ученици на пракса во шест хотели, кои не работат само чистење, туку и на рецепција и во хотелските ресторани. Туторите и хотелскиот персонал остануваат во контакт за да го следат напредокот на учениците. 

Сајмон Брч, менаџер за пракса и транзиција во колеџот Дервен, вели: „Сакаме да изградиме независни вештини и да ја подобриме нивната вработливост за да бидеме сигурни дека на крајот ќе има некаков исход. Идеално, тој исход би била платена работа - секогаш се залагаме за тоа - но за некои ученици најдобриот резултат би била волонтерска работа (за хуманитарна организација).“

Но, дали колеџот е доволно амбициозен? Брч признава дека не сите ученици сакаат да најдат работа во хотел или супермаркет, а на кампусот можат да учат сѐ, од сметководство до снимање филмови. Побарувачката за пракса во уметноста и медиумите е голема, на пример, но Брч и неговиот тим имаат потешкотии да најдат соодветна пракса во овие сектори.

Не се само учениците оние што имаат придобивка од овие партнерства.

Трејси Бишоп, генерален менаџер на „Премиер Ин“ за Честер и Рексам, се согласува:

„Многу бев инспирирана кога првпат отидов во Дервен. Постојано мислев на тоа. Нѐ контактираше еден член на тимот и нѐ покани да ги посетиме. Бевме изненадени од страста и посветеноста на персоналот во колеџот. Сите си заминавме решени да помогнеме“.

Отворањето на собата реплика минатото лето беше пресвртна точка што им овозможи на 11 ученици да се обучат според стандардите на „Премиер Ин“ (други 14 ќе бидат обучени следната академска година). Бишоп вели: „Тоа многу им помогна со самодовербата и помогна да бидат многу побрзи во опкружување каде што им е пријатно. Знаеме дека колеџот сака повеќе ученици да дојдат кај нас. Размислуваат на големо“.

„На учениците не им е важна само работата, туку и интеракцијата што ја имаат со другиот персонал. Кога ќе дојдат се многу срамежливи, но набрзо стануваат дел од тимот, присуствуваат на состаноци и слават родендени. Тоа помага и со развивањето на мојот персонал како водачи во бизнисот“.

Оваа програма е само една од неколкуте иницијативи што пионерски ги воведе Дервен, кој е основан во 1927, и за неа се зборуваше во документарецот на Би-Би-Си 3 - „Животот почнува сега“ што се емитуваше во вторникот. Обуката во „Премиер Ин“ наиде на пофалби од лицата што се залагаат за лицата со инвалидитет, бидејќи покажа дека лицата со потешкотии во учењето можат да научат вештини и да работат заедно со лица што немаат потешкотии.

Калија Френклин, ко-основач на People First England, организација што ги застапува луѓето со пречки во учењето, мисли дека ова е само почеток. „Само 7% од луѓето со пречки во учењето имаат платена работа. Нема амбиција ни можности за лицата со потешкотии во учењето кога станува збор за платена работа, а тоа што владата ги прави овие лица посиромашни само ќе ги зголеми бариерите за работа, а нема да им помогне да најдат работа“.

Питер Бересфорд, професор по социјална политика на Универзитетот Брунел, и копретстедател на Shaping Our Lives, организација и мрежа предводена од корисниците на услугите, вели: „Да живеевме во идеален свет, би било одлично ако компании како Џон Луис и Вејтроуз имаат кариери за сите, но вистинскиот свет има многу дискриминаторски пазар на труд. Она што го прави Дервен е навистина позитивно за лицата со пречки во учењето“.

Автор Никола Слосон