Дополнителната поддршка инспирира успех во Велс

Постојат многу причини зошто е предизвик да се задржи интересот на учениците за стручното образование. Понекогаш задоволувањето на потребите на учениците не значи само да реализирате одличен курс, туку да обезбедите и покарактеристична и холистичка поддршка. На учениците можеби им треба дополнителна помош да останат фокусирани или охрабрување да го продолжат курсот кога им е тешко. Тие може да бидат расеани поради неакадемски грижи како домување, социјални прашања, здравствена нега и добросостојба. Училиштата и колеџите што нудат психолошка нега и дополнителна поддршка на учениците ќе увидат дека учениците се способни да бидат поангажирани.

Ова е стратегија на едно училиште во Велс, кое поттикнува успех, така што нуди дополнителна поддршка на учениците кои се соочуваат со потешкотии да се фокусираат на учењето. Училиштето почна да ги идентификува учениците кај кои постои ризик од неангажирање, па вработи ментори со широка лепеза на експертиза, како на пример, домување, за да им помогнат на учениците да се концентрираат на учењето. Сара Вилијамс, регионален проект менаџер во Груп Ландрило Менаи (Grŵp Llandrillo Menai), пишува за проектот. 

Груп Ландрило Менаи (ГЛЛМ) е колеџ финансиран од велшката влада во северен Велес, Велика Британија.

Негова цел е да поттикне успех така што ќе понуди одлично образование и обука. Групата ја поддржува економијата во северен Велс така што на луѓето им дава вештини, атрибути и квалификации потребни за да се осигура конкурентноста и успехот во регионот и на нив самите. Како резултат на целите и приоритетите на организацијата, функционирањето на Групата е поткрепено со Рамката за вклучување и напредок на младите на Велшката влада.

ГЛЛМ е посветен на тоа сите ученици да можат да ја максимизираат можноста за напредок и да се движат по соодветна патека. Со системот за поддршка „Услуги за учениците“, се увидува дека на некои ученици им е потребна дополнителна помош и поддршка за да се справат со потешкотиите со кои се соочуват за да држат чекор со учењето. 

Како одговор на оваа потреба, организацијата формираше Панели за ученици во ризик (ЛАРП) со фокус на оние ученици кај кои постои ризик од неангажираност, за да се направат интервенции што ќе им овозможат да го максимизираат нивниот потенцијал и да ги остварат академските цели.

Во ЛАРП, панелот ги разгледува податоците од Алатката за рана интервенција, што ГЛЛМ ја разви во партнерство со клучните чинители. Алатката користи клучни индикатори од податоците за учениците како присуство, основни вештини, однесување и потреби за добросостојба за да се идентификува ученик „во ризик“ од неангажираност. Овие индикатори потоа се користат за да се формира оценка.

Алатката за рана интервенција се користи двапати годишно за сите редовни ученици во ГЛЛМ на возраст од 16 до 24 години. За оние што ќе бидат во горните 15 проценти, се прави ревизија на поддршката што постои за учениците, за да се види каква поддршка тие добиваат и што може да се понуди за да се подобри статусот на ученикот. За оние ученици во највисоките 8% од целата група ученици, се прави ревизија за да се утврди дали можат да добијат дополнителна поддршка од проектот ТРАК финансиран од ЕУ.

ТРАК 11-24 е финансиран од Европскиот социјален фонд преку велшката влада, и нуди целна поддршка за да се намали бројот на млади лица од 11 до 24 години кои се во најголем ризик да бидат неангажирани во образованието, работата или обуката (НЕЕТ) во северен Велс. Оваа поддршка опфаќа низа интервенции што ќе ги надополнат, но нема да ги дуплираат основните услуги. Проектот го предводи советот на областа Денбигшир, и делува во партнерство во шест локални власти со Careers Wales и локалните колеџи. Како проектот се спроведува во секоја организација зависи од постоечките структури и она што веќе е достапно.

Во ГЛЛМ, проектот работи со ученици на возраст од 16 до 24 години кои се редовни ученици и кај кои постои најголем ризик од неангажираност, и дава поддршка онаму каде што ниту една друга достапна помош не ги задоволува потребите на учениците. Целта на проектот е учениците да добијат поддршка за да останат во програмата и да го завршат курсот. 

Во проектот е предвидена интензивна поддршка и помош за решавање на пречки или проблеми кои влијаат на ангажираноста на ученикот. Тоа го прави тимот што се состои од ТРАК ментори за социјална работа, академски ментори и советници. Овде се опфатени редовни, персонализирани „СМАРТ“ акциски планови кои се надополнување на постоечките квалитетни мерки во организацијата и ревизија на „меките“ резултати. Во текот на проектот се ревидира првичната оценка од Алатката за рана интервенција. Ова се прави на десет недели со цел да се измери колку ученикот напреднал во однос на својата претходна оценка и да се анализира оценката во споредба со другите ученици. Нашите ментори и обучувачи се обучени да помогнат за разновидни прашања како домување, социјални прашања, здравство и добросостојба, а сите тие имаат влијание врз ангажманот на ученикот. 

Во ГЛЛМ, проектот е во првата година од спроведување, а ќе трае до 2018. ТРАК веќе ги поддржува учениците и иако е сѐ уште рано да се почне со мерење на успехот, индикациите се многу позитивни за помагање на ризичните ученици да го постигнат својот потенцијал.

За да дознаете повеќе за работата на ТРАК во ГЛЛМ стапете во контакт со Сара Вилијамс, регионален проектен менаџер за АДТРАК, ГЛЛМ.