Постојано се обидуваме да научиме нови вештини што влијаат врз нашето однесување во реалниот свет. Учиме да возиме по улица со други возила, се соочуваме со вистински ситуации. Учиме да зборуваме, да играме фудбал и да конкурираме за работа, во вистински ситуации. Мотивирани сме да ги научиме овие вештини: возењето ни дава слобода да патуваме; сакаме да зборуваме за да нè разберат; учиме да играме фудбал од задоволство и учиме кој е најдобар начин да им се пристапи на работодавачите - затоа што ни треба работа. Мотивацијата да се учи и да се нурне во ситуации од „вистинскиот живот“ се суштински елементи при учење на основните вештини. 

Комуникација - основна вештина

Луѓето често велат дека можат добро да комуницираат. Тоа е точно во ситуации што им се познати. Но, што се случува кога ќе треба да научат нови комуникациски вештини? Да почнат на работно место каде што барањата се различни? Развивањето на овие вештини може да биде тешко за студентите бидејќи, покрај непостоечката мотивација, најчесто тие не сфаќаат зошто треба да научат нешто што веќе го знаат."

Она што ни треба се всушност ситуации во кои студентите ќе бидат ставени во ситуации од „вистинскиот живот“ со што ќе бидат мотивирани да ги вежбаат овие комуникациски вештини - Проектите на работно место ни даваат ваква можност.

Предавам инженерски курс на далечина на Универзитетот Тисајд: студентите се вработени во инженерство, учат преку материјали на интернет и комуницираат со нивните тутори преку електронска пошта и телефон. Курсот од нив бара да направат проект на работното место со кој нешто ќе променат. Повеќето од нив имаат многу искуство во индустријата; добро си ја знаат работата, но немаат формални квалификации и ретко имаат можност да вршат работа на повисоко ниво. Тие се желни да им ги покажат на работодавачите своите способности; можеби сакаат признание, поинтересна работа или да бидат унапредени. Студентите се всушност сопственици на проектите - идејата е нивна. Ова е можност да покажат дека можат да работат на повисоко ниво и се мотивирани да постигнат добри резултати. Мотивираноста е огромна можност за развивање на комуникациските вештини на студентите.

За да го формулираат проектот, студентите треба да продискутираат за нивната идеја со работодавачот; треба да го убедат дека проектот е исплатлив. Кога ќе се договори со работодавачот, студентот го поднесува предлог-проектот до туторот и ги објаснува позадината и целите на проектот. Ова е предизвик, бидејќи студентот треба да го објасни работното место што не му е познато на туторот. Студентите често користат жаргон или кратенки без никакво објаснување, претпоставуваат дека туторот знае за сè, користат мешавина од времиња и граматички стилови и долги, конфузни реченици. Општите цели на проектот често се нејасни, а поконкретните цели се „подобрување на производствениот процес“. Во реалноста, целите мора да бидат специфични и мерливи - колку ќе се подобри приоизводствениот процес? И по која цена?

Проектите бараат од студентите да комуницираат со одделенија и со надворешни компании со кои обично не би се сретнале. Многу вакви студентски проекти довеле до вистински промени на работното место и признание или унапредување за вештините на студентот. Работодавачите ги согледуваат придобивките од овие проекти и соработуваат во процесот, при што индустријата и образованието се зближуваат.

Студентот пишува извештај за проектот што опфаќа резиме, позадина, општи и конкретни цели, резултати и дискусија/препораки. Тој/таа потоа го презентира проектот пред работодавачот или туторот.

„Сум сфатил дека студентите најефективно учат кога своето знаење можат да го применат на вистински проблеми“.

 Во текот на проектот, студентите дискутираат за напредокот и поднесуваат нацрти до туторот за коментари и дискусија. Можеби ќе бидат потребни повеќе нацрт-верзии, но со поставување на високи стандарди може да ја искористиме мотивацијата на студентот да истрае и да ги развие вештините. Стапката на напредок и способноста и самодовербата која ја стекнува студентот во однос на комуникацијата во текот на проектот е многу висока - комбинацијата од голема мотивираност и помош од туторот создава опкружување за брзо учење.

Треба да ги согледаме уникатните придобивки што може да се добијат од проектите на работно место за развивање на комуникациските вештини. Треба да ја искористиме мотивираноста на студентите и можноста за спроведување на проекти во „вистинскиот живот“ за развивање на комуникациски вештини.

 Дејвид е дипломиран машински инженер со искуство во производство и дизајн. Магистер е по образование и работел во техничко образование и во Велика Британија и во странство.