По едно големо истражување, Комисијата за вработување и вештини на Велика Британија (УКЦЕС) објави извештај со корисни докази што можат да бидат од голема корист, со оглед што понудувачите на обука се соочуваат со предизвикот подобро да ги подготват учениците за вработување кое ќе одговара на тековното економско опкружување.

За нивното истражување, Комисијата ги зема предвид оние вештини за вработување што се заеднички за сите и што ќе овозможат примена на специфичното знаење и техничките вештини потребни за работното место.

Овие потребни вештини се:                                                                                                                

  • позитивен пристап - подготвеност да се учествува, да се даваат предлози, да се прифаќаат нови идеи и конструктивна критика, и да се преземе одговорност за резултатите,
  • три функционални вештини - способноста ефективно да се користат бројки, јазик и ИКТ (способност за пресметки, јасно пишување, користење компјутер, телефон и друга технологија за комуникација), и                                                                                                
  • четири лични вештини - лично управување (точност, соодветна облека и однесување, барање помош кога има потреба), размислување и решавање проблеми (анализирање ситуации и развивање решенија), работење со други, комуникација и разбирање на бизнисот (разбирање како одделни работни места се вклопуваат во организацијата како целина и препознавање на потребите на чинителите, како што се клиентите и понудувачите на услуги).  

Комисијата дојде до заклучок дека за развивање на вештините за вработливост потребно е:

  • работно искуство - по можност практикантство, или искуство во училница што ја симулира сложеноста, двосмисленоста, непредвидливоста и последиците од успех и неуспех на работното место. 
  • можности за размислување и интегрирање - учениците се изложуваат на различни искуства од кои учат и добиваат повратни информации од наставниците, соучениците и работодавачите, и се подготвени она што го научиле да го преточат во акција во други ситуации, и
  • искуствено, активно учење - користење на вештини наместо едноставно стекнување на знаење, со акцент на проби и грешки, и јасен фокус на придобивката за ученикот за вработување и напредок. 

На една група ученици, на пример, им се помогна да ги развијат вештините за вработливост преку учество во активноста „Змејско дувло“. Преку неа, се тестираше сè што научиле во текот на неделата, и плус тимската работа, комуникацијата и разбирањето на она што им е потребно на работодавачите. Натпреварувачкиот елемент на активноста не им остави многу простор на учениците, така што мораа да се однесуваат на професионален начин.

Ова не е нуклеарна физика. Проблемот, според Комисијата, е што овие пристапи не се користат доволно често. Исто така, многу од препреките за развивање на вештините за вработливост не се поврзани само со наставата и учењето, туку и со вклученоста на работодавачите. Истражувањето на Комисијата покажа дека за да се вклучат работодавачите потребно е:                                                                                                                      

  •  да се утврди кои работодавачи имаат работни места за кои се оспособуваат и кон кои се стремат учениците
  • развивање на бизнис случај во кој детално е опишано каква придобивка ќе има работодавачот од учеството
  • вклучување на работодавачот во програмата, на пример, така што тој ќе врши дел од обуката и/или ќе понуди менторство и ќе учествува во дизајнирање на курсот и/или ќе обезбеди материјал за него.

Студија на случај на УКЦЕС: развивање на деловната свест покрај стручните вештини

Набљудувавме еден градежен курс за обука, каде што учениците сакаа да се стекнат со Воведна диплома во градежништво. Курсот се состоеше од мешавина на вештини специфични за индустријата и лични вештини. Учениците работеа на единица за лична ефективност, се фокусираа на нивните аспирации, на тоа како професионално би се опишале, и подготвуваа личен акциски план што ќе им помогне да се вработат. Наставникот користеше групни и индивидуални дискусии, како и писмени материјали за да го поттикне нивното размислување, и го поддржа секој ученик да развие појасна слика за себе и да подготви акциски план. Наставникот охрабри еден ученик кој сметаше дека возраста не му оди во прилог - и ова го претстави како можност ученикот да сфати колкаво искуство и вештини има развиено. Практикантството им овозможи на учениците да чујат директно од менаџерот на градилиштето зошто вештините на кои работат се од суштинско значење за работа во таа индустрија.           "

ДЕЈСТВУВАЈ

Можете:  

  • да размислите како понатаму да ги развиете вештините за вработливост на вашите ученици, заедно со знаењето за предметот, така што ќе вметнете повеќе практично учење и можности за размислување, како што се дневници за учење, или
  • да направите повеќе за промовирање на вклученоста на работодавачите, така што на работодавачите ќе им претставите бизнис случај за тоа како тие можат да придонесат за програмите што ги спроведувате и за придобивките од нивното учество.

Извори на докази

Комисијата разгледа меѓународни истражувања за вештините за вработливост и спроведе анкета кај повеќе од 200 организации, вклучувајќи и колеџи за натамошно образование и понудувачи на обука за возрасни. Дваесет од овие организации учествуваа во студии на случај, и тие беа одбрани затоа што имаат карактеристични квалитети и/или силна репутација.

Дополнителни страници