Придонесот насочен кон организирање на образованието може да ги подобри наставните програми и да ги мотивира учениците. Но, како може да го дефинираме гласот на ученикот и како може наставниците да го канализираат на еден продуктивен начин? Кои се најдобрите начини на учениците да им се овозможи учество во обликувањето на нивната настава? Дали наставниците треба да стекнат дополнителни вештини со цел да соработуваат со учениците во овој процес?

Во 2004 година, SoundOut  организација која работи на подобрување на значајното учество на ученикот, почна да го дефинира гласот на ученикот како „индивидуална и колективна перспектива и дејство на младите во контекст на учењето и образованието“.

Оттогаш се зголеми важноста од вклучување на гласот на ученикот во образовниот процес и сега тој ги вклучува студентите и учениците од сите фази на образованието. Било кое лице кое учествува во процесот на учење има глас и мислење кои треба да бидат вклучени и слушнати. Учениците имаат право да учествуваат во развивањето и дизајнирањето на сопственото учење.

На образованието почнува да се гледа како на демократски процес во кој ученикот има свој придонес и сопственост над својот образовен пат. Всушност, ова може да е релевантно и за децата од предшколска возраст, како и за младите од колеџите и универзитетите.

Она што е јасно е дека станува сè поважно лицата кои учат да бидат вклучени во процесот на подучувањето и учењето, но  и во својата улога која ја играат во состав на нивната образовна институција. Образованието ги подготвува младите за живот во поширокиот свет. Според тоа, од витално значење е, имајќи ја предвид сѐ поголемата важност од интернационализацијата и влијанието на неодамнешните глобални настани, како на пр. „Брегзит“ и потенцијалните промени во владините политики, да се размисли дали меѓународниот аспект на активностите поврзани со гласот на ученикот претставуваат потенцијална придобивка.

Гласот на ученикот во Велика Британија

Во стручните институции во Велика Британија постои јак фокус на активностите поврзани со гласот на ученикот, но  обемот и разновидноста на активностите варираат. 

Методите за вклучување и слушање на учениците вклучуваат:

  • градење обврска за вклучување на гласот на ученикот како дел од стратегиските планови на колеџот
  • гледање на учениците како кон овластени партнери
  • создавање можности за учениците да организираат и да ги водат промените преку ученички здруженија
  • вклучување на учениците во процесот на учење и подучување
  • вклучување на учениците во подготовката на понудата која ја дава колеџот
  • создавање комисии составени од ученици.

Земајќи ги сите предвид, може да видиме како овие методи може да ги вклучат учениците во организацијата на учењето и подучувањето.

Гласот на ученикот како дел од стратегијата на колеџот

Без оглед на тоа дали референцата за важноста на учениците е спомената во мисијата или визијата на колеџот или пак може да е вградена во стратегиските планови, гласот на учениците ретко се изоставува од политиката на колеџите. 

На пр., во делот насловен како „Глас на учениците“, од стратегискиот план на Колеџот Единбург, јасно е наведена обврската „да се зголеми вклученоста на учениците во процесот на развивање на колеџот“. 

Слично на ова, стратегискиот план на Колеџот Ершир ја опишува потребата „да го вклучи гласот на учениците во сите аспекти на животот на колеџот со цел континуирано да се подобрува искуството на учење на учениците“.

Со заземањето обврска  гласот на ученикот  да стане составен дел од стратегискиот план, колеџите ги вклучуваат учениците во сеопфатната рамка  за развој, со што овозможуваат нивната вклученост да е приоритет не само за наставниците и учениците, туку и за раководството.

Учениците како овластени партнери

Често сметаме дека учењето кое е насочено кон самиот ученик е нов концепт, но оваа идеја всушност има долга историја. Универзитетите беа создадени на начин на кој студентите имаа голема контрола врз наставната програма. Во XII век, студентите од Болоњскиот универзитет добиле таква моќ на потполна самоуправа на универзитетот, а тоа всушност значело дека тие имале контрола врз наставната програма и врз приемот на наставниците.

Многу колеџи преземаат позитивни чекори кои имаат за цел да ги овластат учениците да ги обликуваат искуствата од учењето и средината во која учат. Без разлика дали тоа ќе се постигне преку пасивно или проактивно вклучување, сѐ повеќе постои посветеност која ќе им овозможи на сите ученици да ја имаат можноста да дадат свој значителен придонес. 

Ученички здруженија

Ученичките здруженија се задолжени да водат голем број ученички активности во кои се слуша гласот на учениците во колеџите. Многу од претставниците на ученичките здруженија имаат блиска соработка со раководството и се дел од комисиите на колеџите со цел да обезбедат гласот на учениците да биде слушнат. Сепак, не сите колеџи имаат еднакво активни ученички здруженија, а тоа  може да има влијание врз способноста на здруженијата да го пренесат гласот на учениците.  

Вклучување на учениците во процесот на подучување и учење

Во Колеџот Лидс Сити, вклучувањето на учениците во процесот на подучување и учење се одвива преку претставување на повеќе од 300 предмети кои се дел од образовната понуда на колеџот. Претставници од учениците се среќаваат со раководителите на секторите. Овие состаноци, кои се одржуваат на полугодишно ниво, често имаат 20-30 ученици - претставници од програмите кои се во состав на одреден сектор. Состаноците претставуваат форум за дискусија како за учениците, така и за наставниот кадар и имаат за цел на нив да се  презентираат повратните информации и да се подготви приказ на активностите што ќе се преземат. И наставниците и учениците потоа имаат обврски за реализација. Дискусиите, повратните информации и зададените обврски се воведуваат во циклусот за оценување на работата на секторот. Доколку сите ученици говорат за истите проблеми, овие проблеми се ставаат на врвот на агендата за повисокиот раководен тим кој ги разгледува како приоритетни. 

Вклучување на учениците во службите на колеџот

На сличен начин како примерот со вклучување на учениците во процесот на подучување и учење наведен погоре, многу ученички здруженија од колеџите даваат свој придонес на состаноците и на комисиите кои се одговорни за услугите кои ги нудат колеџите, како на пр. кетеринг, ИТ и заштита на учениците. Сепак, покрај нивниот интерес за развивање на наставните програми, ова се областите во кои учениците може да бидат многу гласни. Иако подучувањето и учењето се основни приоритети на колеџите, услугите за поддршка и објектите кои ја сочинуваат средината за учење се исто така важни за успехот и благосостојбата на учениците. Редовните и наменски или тематски истражувања за задоволството на учениците се уште еден начин на кој колеџите собираат повратни информации за промените директно од учениците.  

Претставници од учениците дел од комисиите

Во некои колеџи веќе подолги години постои претставник од учениците на ниво на одбор. Иако оваа традиција продолжува, тоа е мал дел од вклучувањето на учениците во разновидни комисии кои се одговорни за различни области од животот на колеџот. Покрај ученичкото присуство на ниво на програми и услуги помеѓу колеџите, учениците даваат значителен придонес и во многу други комисии.

Регионалниот Колеџ Питербороу и многу други колеџи организираат состаноци кои се одржуваат за време на големиот одмор, на кои може да се постават прашања на извршниот раководен тим. Претставници од класовите и другите ученици може да се пријават за да добијат можност да разговараат со членовите на раководниот тим. Ова не само што им овозможува простор да ја искажат својата загриженост, туку им се овозможува и на вработените да ги искажат проблемите за кои учениците може да помогнат и да предложат решенија. На овој начин, вклучувањето може да биде двонасочен процес.

Благосостојбата на учениците е уште една придобивка за промоција на активностите во кои учениците ќе го кажат своето мислење во училиштата и колеџите. Многу образовни институции на гласот на учениците гледаат како на механизам за нивно усовршување - помагање да се гради самодовербата и да се подготват младите за улогите кои ќе ги преземат во општеството.  Исто така, гласот на ученикот може да пружи можност  да се вклучат и учениците од маргинализираните групи во организирањето на подучувањето и учењето.

Колеџите се поддржани во нивната работа посветена на политичките дебати, особено во периодот кога се кандидираат за општите избори и за референдумот на ЕУ. Поддржани се од организации,како на пр. Асоцијацијата на колеџи,која обезбедува насоки и алатки за организација и водење на успешни дебати. Во многу од нив учествуваат локални политичари, ученици од колеџите и локалните училишта и локални членови од Младинскиот парламент. 

Британскиот претставник на Европскиот студентски синдикат забележа зголемено ниво на политички ангажман и свесност од ЕУ референдумот наваму, што, како што предложија,  треба да се искористи и поддржи од страна на нивните образовни институции. 

Училиштата и колеџите може да го вклучат гласот на учениците за да се подобри средината за учење и да им ги пренесат на учениците вештините кои ќе им бидат потребни да влезат на работното место.