Колеџот Белфаст Метрополитан има постигнато значителен успех кога станува збор за гласот на ученикот. На колеџот му беше доделено прво место на британскиот натпревар  „Практичари за гласот на ученикот (Learner Voice Practitioners Network Awards)“, додека нивното ученичко здружение беше финалист во Националната унија за ученичко „Здружение на годината“.

Vocational Education Exchange разговараше со Џим Вудс, раководител на одделот за успех на учениците:

Како би го дефинирале „гласот на ученикот“?

Гласот на ученикот се однесува на тоа да обезбедиме учениците да бидат вклучени во секој аспект од животот на колеџот. Едноставно: „Ништо за нив, без нив“. Гласот на ученикот подразбира овластување на учениците така што им се овозможуваат соодветни начини да се сослушаат нивните проблеми, интересите и потребите со цел на секој ученик да му се овозможи одлично образовно искуство. Ова исто значи дека градиме чувство на заедница меѓу учениците, академскиот кадар, кадарот кој дава поддршка и раководството.

Како колеџот Белфаст Метрополитан му приоѓа на гласот на ученикот?

Колеџот Белфаст Метрополитан има воведено неколку иницијативи со што се овозможува гласот на учениците навистина да биде застапен во сите аспекти на животот на колеџот:

  • Имаме ученички совет, кој му овозможува на ученичкото тело да комуницира со вишиот раководен тим и со управните одбори. Членовите од ученичкиот совет исто така придонесуваат кон работата на комисиите за контрола на квалитетот при нашиот колеџ.
  • Нашиот систем за класен претставник значи дека секој клас мора да избере свој ученик-претставник. Овие претставници редовно се состануваат со директорот за наставните програми и со раководителот за успехот на учениците со цел да дадат повратни информации и да се вклучат во вежбата “Вие рековте, ние направивме“. Оваа клучна вежба му овозможува на раководството да им даде повратни информации на учениците и да ги запознае со тоа како прашањата кои учениците ги покренале се решаваат.
  • Ученичкото здружение на колеџот има воведено и платформи за изразување на учениците, а тука се вклучени и иницијативите за обука и наградите за подучување кои ги организираат учениците.
  • Исто така спроведуваме и полугодишни анкети за задоволството на учениците, со што на колеџот му се овозможува детално да ги забележи и да ги анализира повратните информации од учениците.
  •  Ученичкото списание на Белфаст Метрополитан содржи најнови информации и за гласот на учениците.

Кои се придобивките за учениците кои учествуваат во ваквите активности?

Учениците ја согледуваат вредноста од прифаќање раководни улоги, а учеството во воннаставни активности ќе биде значајна предност за оние ученици кои сакат да продолжат во високото образование. Како дополна на развивањето на лидерските и управувачките вештини, приметивме и дека  учениците вежбаат и прикажуваат впечатливи презентациски вештини и вештини за јавно говорење преку учество во нашите програми за гласот на ученикот. И на крај, учениците сфатија дека со споделување на своето мислење придонесуваат кон обликување на своите предмети, му помагаат на колеџот да ги идентификува најдобрите практики за сите предмети, а со тоа обезбедуваат можност придобивки да имаат и сегашните и идните ученици.

Какви совети би им дале на колеџите во другите земји кои  размислуваат да ги вклучат учениците на ваков начин?

Од практичен аспект, воспоставување едно тело, како на пример ученички совет, би бил добар прв чекор. На повисоко ниво, клучно во воспоставувањето на ефикасен приод кон гласот на ученикот е да се преземе обврска од колеџот како целина: од учениците, академскот кадар и стручната служба, повисокиот раководен тим и управувачкиот тим. Како колеџ, ние ја препознавме вредноста да ги негуваме и канализираме независните повратни информации од учениците. На нив гледаме како на овластени чинители и наша цел е да ги оспособиме да дадат значаен придонес кон развојот на Белфаст Метрополитан.

Разговаравме и со Луиз Мик, претседател на ученичкиот совет на Белфаст Метрополитан:

Како функционира ученичкиот совет во Белфаст Метрополитан?

Ученичкиот совет на Белфаст Метрополитан одржува состаноци со учениците во текот на целата учебната година. На овие состаноци ги поттикнуваме учениците да ги споделат своите позитивни и негативни повратни информации, кои понатаму, како ученички совет, ги проследуваме до раководниот тим и до академскиот кадар на колеџот. Исто така ги поттикнуваме учениците да поставуваат  прашања и надвор од нашите формални состаноци. Нашиот глас е моќен, и преку активности како ученичкиот совет, имаме можност да го искажеме своето мислење колку што можеме почесто.

Како се чувствуваат учениците и персоналот при споделување на сопственото мислење?

Веќе сме станати доста комотни да ги споделиме нашите видувања и учениците сфаќаат дека нашето мислење е вреднувано. Обуките кои се организираат за учениците преку ученичкото здружение и националното ученичко здружение се покажаа како многу корисни во овој поглед. Што се однесува до персоналот, открив дека повеќето навистина сакаат да го слушнат гласот на учениците. 

Кои се твоите придбивки од учеството во ученичкото здружение на Белфаст Метрополитан?

Во иднина, би сакала да работам на раководна позиција и вештините кои до сега ги имам стекнато и развиено во мојата моментална улога како претседател на ученичкото здружение дефинитивно ќе ми помогнат.

Дали вашата образовна институција има воведено иницијатива за воведување на гласот на ученикот? Доколку тоа е така, ние од Vocational Education Exchange би сакале да слушнеме за вашето искуство, за предизвиците со кои се соочувате и за придобивките за вашата институција. Слободно споделете го вашето мислење со нас и контактирајте нè