Предизвик е креативно да размислувате за тоа како да го вклучите гласот на ученикот, особено кога ќе се земе предвид притисокот што постои во однос на времето и ресурсите во средните стручни институции. Направивме компилација на три студии на случај од едно истражување спроведено од група универзитети во Велика Британија кои прикажуваат неколку приоди. Се надеваме дека тие ќе ве поттикнат да го вклучите гласот на ученикот во техничкото стручно образование и обука (ТСОО).

„Не сакаме уште еден досаден есеј“: учениците ја преземаат контролата во оценувањето

Оценувањето е во сржта на ученичкото искуство. Ако тоа често го „дефинира“ искуството кое учениците го имаат за наставните програми, тогаш како да ги поттикнеме подлабоко да се вклучат во процесот на сопственото учење? Еден начин е да им дозволиме тие да решат како ќе бидат оценувани. Откако учениците се пожалија дека не сакаат да пишуваат „уште еден досаден есеј“ како дел од основната програма за рано учење на универзитетот Бирмингам Сити, им беше кажано тие сами да го дизајнираат сопственото оценување.

По првичниот шок, учениците разговараа помеѓу себе и со наставниците, истражувајќи соодветни алтернативи за есеите. За време на една сесија на бура на идеи, еден ученик праша дали сите треба да прифатат еден  ист приод за оценување или би можеле да одберат од неколку опции. Наставниците решија дека е можно различни ученици да работат на различни активности сè додека времето и енергијата кои се потребни да се заврши активноста и стекнатите вештини и знаења што секој би требало да ги прикаже може да се споредат.

Учениците и наставниците заедно подготвија низа начини на кои учениците може да бидат оценети. Учениците беа поттикнати подетално да размислат за тоа што модулот ги учи и како тие може да го демонстрираат стекнатото знаење од предметот.

Процесот на дизајнирање на оценувањето, кој се реализираше кога се започна со оценувањето, ги поттикна учениците внимателно да размислат за предметот. Тие постигнаа високи резултати што се должеше на нивниот интерес и ангажман.

Кога ги прашавме какво е чувството да имате контрола при дизајнирањето на оценувањето, еден ученик рече: „Фантастично, возбудливо. Прво бев шокиран, но имав многу идеи од кои можев да направам избор“.

Можеби секогаш не е практично и реално учениците да имаат целосна контрола во сите фази на учењето, но секако може да е корисно тие да се вклучат во дизајнирањето на оценувањето.

„Голема дискусија“ за повратните информации

За ученикот добро да учи, од огромна важност е наставникот да му даде добри повратни информации. Сепак, учениците од School of Life Sciences од универзитетот Edinburgh Napier континуирано беа незадоволни од повратните информации кои ги добиваа од наставниците. Како резултат на незадоволството, наставниците беа исфрустрирани бидејќи сметаа дека повратните информации кои ги даваа не беа прочитани, а понекогаш и несфатени. 

Наставниците решија да ги вклучат учениците во процесот на ревидирање на повратните информации. Сепак, сметаа дека доколку подготват анкета која учениците ќе треба да ја пополнат, таа може да има недостатоци. Учениците уште од порано се изјасниле дека анкетите ништо не би промениле и не беа посебно мотивирани да ги пополнуваат. Постоеше загриженост и дека анкетите некогаш го извртуваат гласот на ученикот.

Универзитетот сакаше да изнајде метод кој ќе биде лесен, пристапен и транспарентен, и кој би ги опфатил сличните размислувања изразени јавно. 

Решија да спроведат процес во две фази: прво, претставник на учениците би бил учесник на ученичка конференција на која би се исцртале контурите на постоечките проблеми и би се истражиле можните солуции; второ, сите ученици би биле поканети на „голема дискусија за повратните информации“.

Конференцијата се одржа во еден ден, со серија работилници кои им овозможија простор на учениците и персоналот да ги истражат своите идеи. По конференцијата, над 300 ученици од трите години и од различни смерови се вклучија во еднонеделна долга дискусија помеѓу себе и наставниот кадар. Целта на универзитетот беше да креира „поттик“ помеѓу учениците и наставниците, кои пак беа поттикнати да водат разговори на своите часови. 

Дискусиите се снимаа и пероналот направи анализа. Одредени размислувања се однесуваа на одредени програми, но произлегоа слични теми кои ја потенцираа потребата:

  1. повратните информации да бидат јасни
  2. да се понудат повеќе повратни информации
  3. од повеќе детали за тоа како да се постигне подобрување
  4. да се користат примери и модели
  5. да се даваат позитивни и негативни повратни информации.

Со вклучување на гласот на ученикот на ваков начин, наставниците можеа да направат бројни измени во процедурата за давање повратни информации. Покрај другото, учениците беа поттикнати да дадат повратни информции за нивната работа, што за наставниците би претставувал индикатор за кои области учениците бараат дополнителни повратни информации.

Разговорите за повратните информации помеѓу учениците и наставниците, а со тоа и демонстрирањето дека ученичкиот глас се слуша од страна на универзитетот, на учениците им покажа дека тие може да побараат помош и дека наставниците може да им помогнат само тогаш кога ќе знаат кои области им се проблематични. Големата дискусија придонесе да се промени културата на универзитетот со што се отвори каналот на комуникација помеѓу учениците и персоналот.

Користење анкети на интернет за да се слушне гласот на ученикот

Учениците даваа повратни информации за две големи модуларни програми на Универзитетот Вестминстер кои поминуваа петгодишна ревизија. Со цел да добијат репрезентативен примерок од гласот на ученикот, наставниот кадар мораше да опфати колку што е можно поголем број на ученици. 

Прашалник на интернет споделен со учениците од општествените науки и ИТ би ја поставил основата за редизајнирање на модулите. Прашалникот би понудил квалитативни и квантитативни прашања, а би имало и серија фокус групи во кои би учествувале заинтересираните ученици.

Наставниците сметаа дека треба да се вложи голем труд за да се подготват прашања за анкетата од кои тие би добиле детални и корисни одговори. Учениците кои ги имаа завршено летните испити анонимно ја пополнија анкетата. Наставниците сметаа дека доколку се обезбеди анонимност, а исто толку важно и ако им се нагласи на учениците дека нивните одговори ќе останат анонимни, ќе овозможи искрен одраз и поголемо ниво на вклученост.

Голем број ученици одговорија на прашањата, многу од нив со својот глас, користејќи го неформалниот јазик. Одговорите беа толку богати, што универзитетот реши дека планираните фокус групи нема да бидат спроведени. Иако немаше некоја посебна разлика во одговорите на учениците од ИТ и од Општествените науки, сепак, имаше теми кои се повторуваа, а кои ги имаа истакнато испитаниците. Наставниците добија корисни коментари и за содржината и за други аспекти во однос на реализацијата на наставната програма, кои понатаму беа искористени во редизајнирањето на програмите.

Универзитетот сметаше дека спроведувањето на анкетата бил корисен начин да се вклучат голем дел од учениците со цел да се изгради  репрезентативен примерок од гласот на учениците. Клучот за нивнот успех беше:

  1. добро осмислените прашања
  2. отворени прашања кои овозможуваат богати и детални одговори
  3. поттикнување анонимност, поттик за одговарање на анкетата.

Прочитајте за истражувањето кое содржи информации за сите студии на случај и многу повеќе.