Во неодамнешните броеви на Vocational Education Exchange објавивме неколку написи за тоа како стручните курсеви што се одржуваат на работното место може да им помогнат на учениците да се подобрат за вработување - врските се на крајот на страницата. Овој месец ќе видиме како академијата Фоксис го примени овој пристап за да ги подобри резултатите за студентите со хендикеп.

Академијата Фоксис се наоѓа покрај брегот во едно летувалиште во Сомерсет. Академијата е идеално место и нуди програми за стручно образование од комерцијален хотел за лица со различни пречки.

Академијата нуди работно искуство во кетеринг, хотелско управување и чистење додека учениците учат за стручна квалификација. Фокусирајќи се на вработливоста на учениците, академијата ги охрабрува учениците да бидат посамоуверени, независни и способни да преземат лична одговорност за одлуките.

Четири начини на кои академијата Фоксис ги подобрува резултатите за учениците со пречки:

Подучување во работна средина

Бидејќи образовните програми се одвиваат во комерцијален хотел, академијата Фоксис ги подготвува учениците за работа од моментот кога почнува курсот. Уште од почетокот учениците се охрабруваат да почнат да ги вежбаат вистинските активности, како што се готвење на оброци и чистење.

На почетокот на учениците можеби ќе им треба голема поддршка, но таа поддршка постојано се ревидира и постепено се намалува како што учениците ги развиваат своите вештини.

Наставата во работна средина им помага на учениците да го применат наученото во практични ситуации. Тоа им помага на учениците да  научат и посуптилни вештини, како на пример, како да се справат со поплаки од клиентите и како да одговорат ако е направена грешка.

„Сметаме дека најважниот фактор за одлична стручна обука за нашите ученици е тоа што обуката се одвива во опкружување од реалниот свет со клиенти. Всадување на работна етика и нејзините атрибути како точноста, тимската работа, грижата за клиентите и личниот изглед водат кон одржливост на работата штом учениците го напуштат колеџот“ - Кери Мекарти, директор финансирање и маркетинг

Прилагодено стажирање

Освен тоа што ја доживуваат работната средина на академијата, сите ученици стажираат и надвор од хотелот. Секое стажирање е прилагодено на потребите на ученикот, за да биде реалистично остварливо и поврзано со целите на секоја индивидуа. Училиштето многу внимава да ги спои потребите и амбициите на ученикот со искуството што работодавачот може да го понуди.

Академијата, исто така, нуди совети и поддршка пред и за време на стажирањето. Партнерската работа меѓу академијата, работодавачите и другите понудувачи на обука се стреми да биде навистина колаборативна, со добивање повратни информации и забелешки од работодавачите кои влијаат врз учењето и обуката што се нудат во хотелот.

Квалификуван персонал

Сите стручни тутори имаат искуство и експертиза во угостителство и кетеринг и се квалификувани наставници за натамошно образование. Ова значи дека знаат да управуваат со хотелот - тие управуваат со хотелот додека колеџот е на распуст - но и да ги подучуваат другите на овие вештини.

Туторите се во чекор со најдобрите практики во индустријата така што одат во посета и на стажирање во организации што се сметаат за водечки во областа. Туторите посетуваат и национални конференции и обука за да можат континуирано да го подобруваат својот занает и во академијата да донесат нови идеи и перспективи.

Поврзување на учениците со работодавачите

Академијата смета дека нејзината улога не е само да ги образува учениците додека се запишани на курсевите, туку и да управува со нивната транзиција на работното место по нивното завршување. Академијата го прави ова на различни начини.

За време на распустот, учениците се охрабруваат да стекнат работно искуство во близина на домот. Учениците добиваат поддршка со апликациите и имаат можност да ги вежбаат техниките за интервју. Кога учениците се подготвуваат да го напуштат колеџот, се воспоставуваат поформални врски со потенцијалните работодавачи.

Академијата се обидува да ги негува врските со потенцијалните работодавачи. На пример, работодавачите што сакаат да организираат конференции или други настани може да го користат хотелот. Ова им овозможува на работодавачите да ја искусат квалитетната услуга што ја нудат учениците на академијата. Академијата организира и годишен настан за да се истакне придонесот на работодавачите.

За да ја прочитате целата студија на случај на Офстед, кликнете тука.

За да прочитате повеќе за академијата Фоксис, посетете ја нивната веб страница тука.

За други написи во Vocational Education Exchange на слична тема, видете:

Ако сакате да го коментирате овој напис, пратете имејл на VEE@britishcouncil.org и приклучете се на дебатата. Ако сакате да испратите свој напис, овде дознајте како.