Образовно хуманитарно здружение во Велика Британија се здружи со фудбалските клубови од Премиер лигата за да ги охрабри учениците од посиромашните средини да се запишат во стручно образование.

Leadership Through Sport & Business (LTSB) им дава на учениците што го напуштаат училиштето на возраст од 16 до 24 години од посиромашните делови на Велика Британија можност да учат и да се подготват за кариера во сметководство, бизнис и финансии.

Можноста да бидат вклучени кај фудбалски клубови како Челзи, Вест Хем или Астон Вила е новиот начин на кој ова хуманитарно здружение ги подготвува учениците за практикантство кај добри компании.

„Фудбалот е она што ги привлекува“, вели Каролин Адер, директор на програмата.

„На многу наши ученици им е тешко да ги напуштат своите групи за да продолжат со образованието“. Можноста да работат со клубови од Премиер лигата не само што ги мотивира младите, туку и им помага да ја објаснат нивната одлука на другите.

Учениците кои ги исполнуваат критериумите се запишуваат на програма од 16 месеци, која почнува со четиримесечна подготовка за вработување. Во овој период учениците учат три дена неделно на колеџ за да се стекнат со квалификација на Асоцијацијата на сметководствени техничари (ААТ) од второ ниво, а останатите денови ЛТСБ и фондациите на фудбалските клубови нудат различни умествени активности, обука за вештини за вработливост и животни вештини како квалификација за тренер од прво ниво за Спортско водство или Фудбал (ФА). По ова, учениците почнуваат едногодишно платено практикантство за ААТ од трето ниво, а истовремено продолжуваат да одат во колеџ и на сесиите на ЛТСБ за личен и професионален развој еден ден неделно и да волонтираат во фондацијата на фудбалскиот клуб во слободно време.

Како дел од работата во фондацијата на фудбалскиот клуб, учениците планираат и спроведуваат тренинг со деца и млади, а некои учествуваат и во програмата Kicks на Премиер лигата, каде што организираат активности во сиромашните делови во градовите.

Адом Акуамоа, кој емигрираше во Велика Британија од Гана на 16 години, изјави:

Сакам да тренирам со фондацијата на Вест Хем Јунајтед. Работата со децата е навистина тешка, но тоа значи дека требапостојано да обраќаш внимание на детали, на односот со луѓето и на самодовербата - а тоа можев да го применам и на работа.

Како дел од целта да ги подготви младите од сиромашните средини за вработување, програмата им помага на учениците да се чувствуваат самоуверено во професионално опкружување.

„Многу наши ученици не се навикнати да патуваат со воз, а уште помалку да престојуваат во канцеларии на меѓународни банки или сметковдоствени фирми“, вели Каролин. „Речиси сите оние што се запишуваат во програмата не се подготвени за вработување“.

Програмата успешно го трансформираше ова. Повеќе од 200 ученици се запишале од 2012, а 87 проценти од оние што го завршиле курсот сега се вработени или се редовни студенти.

Програмата им помага на луѓето кои често немаат прилика да напредуваат. Повеќе од две третини од учесниците се црнци или од други етнички малцинства и иако во фудбалот и сметководството доминираат мажи, програмата сака да допре и до младите жени. ЛТСБ организира настани конкретно за ученички со говорници кои ги демонстрираат и истакнуваат постигнувањата на жените во фудбалот и сметководоството.

Атера Рахман, ученичка, изјави: „Гостите говорници ми беа омилениот елемент на курсот...Можевме да научиме по нешто од секој инспиративен говорник и тоа да го примениме во нашиот живот“.

Од разговорот со директорката на програмата, јасно е дека ЛТСБ ја смета својата улога за холистичка и согледува дека на сите ученици, но особено оние од посиромашните средини, може понекогаш да им треба дополнителна психолошка поддршка. Кога е потребно, членови на тимот на ЛТСБ работат со персоналот од колеџи и фондации на фудбалски клубови за да им помогнат на учениците при тешките ситуации.

Алиса, која го сменила името, била жртва на долготрајно семејно насилство пред да се вклучи во програмата. Таа рече:

Многу сум им благодарна на ЛТСБ и на Фондацијата на Вест Хем Јунајтед. Оваа програма ми го смени животот и никогаш не замислував дека ќе работам и студирам во исто време. Тие постојано ме поддржуваа при подемите и падовите и ме мотивираа да се подготвам за да го постигнам најдоброто.

Програмата неодамна се прошири од Лондон и Бирмингам кон Манчестер, и им нуди на учениците можност да работат за фондацијата на фудбалскиот клуб Манчестер сити. Има планови да се вклучат и други фудбалски клубови и да се допре до повеќе млади преку спортот во следните години.

Ако ве инспирираше идејата да се искористи спортот за да се вклучат учениците во стручното образование, кликнете тука за да пристапите до примери за работни листови во кои спортот е вметнат во математички проблеми.

За да прочитате повеќе за ЛТСБ и нивната програма, посетете ја нивната страница тука.

Ако сакате да го коментирате овој напис, пратете имејл на VEE@britishcouncil.org и приклучете се на дебатата. Ако сакате да испратите свој напис, овде дознајте како.