Тим за поддршка за ученици со потреби за учење формиран во Македонија

Иако се честопати инспиративни, понекогаш се смета дека настаните на кои се споделува знаење од повисоко ниво како конференциите, не секогаш водат  кон долготрајна соработка или дејствие. Меѓутоа, една конференција во Македонија резултираше со колаборативен проект за подобрување на инклузивното образование во повеќе училишта во регионот, како што е формирање на тим специјалисти кој ќе работи со ученици кои имаат дополнителни образовни потреби во едно училиште во Скопје.

Во 2014, Британскиот совет организираше конференција за истражување на инклузивното образование.

Конференцијата беше организирана во партнерство со Центарот за стручно образование и обука, македонското Министерство за образование и наука, и партнерите Отворете ги прозорците и Организацијата за безбедност и соработка во Европа. На коференцијата присуствуваа голем број креатори на политики и стручни и академски практичари.

Следната година, АСУЦ „Боро Петрушевски“, средно стручно училиште во Скопје, кое присуствуваше на првата конференција, му достави предлог на Британски совет. Иако училиштето е познато како едно од најинклузивните во Македонија, се соочуваше со предизвици и сакаше да ја подобри својата способност да понуди инклузивно образование. Училиштето е едно од шест во Македонија што добија финансиски средства од регионалната дотација за поддршка на Европската унија и се обрати на Британски совет за да работат заедно за да се надминат предизвиците со кои се соочува училиштето.

„Боро Петрушевски“ е училиште што сака да ги вклучи во наставата сите ученици: многу од учениците кои се запишуваат во училиштето потекнуваат од сиромашни урбани и рурални заедници; многумина се од различни етнички малцински групи и се изложени на ризик од социјална исклученост; а некои се жртви на семејно насилство. И покрај тоа што е лидер во инклузивното образование, во „Боро Петрушевски“ има ученици со кои на наставниците им е тешко да работат.

Во обид да помогне, во партнерство со училиштето, Британски совет организираше втора дводневна конференција со цел да се надградат идеите за кои претходно се дискутираше за учењето да се трансформира во практични резултати.

Британскиот совет повика претставници од 14 стручни училишта, три основни училишта, од кои едно училиште за посебни образовни потреби, и повеќе универзитети.

Присуствуваа и лица од Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика, и претставници од 12 невладини организации. На првиот ден од конференцијата присуствуваа повеќе од 100 лица за да научат нешто повеќе за политиките и практиката во Велика Британија за инклузивното образование. Меѓу другото, на конференцијата се зборуваше за тоа како да им се помогне на учениците со недостиг на внимание и хиперактивност (АДХД) и дислексија, како и оние што се изложени на ризик од социјална исклученост.

Вториот ден од конференцијата намерно беше пофокусиран. Присуствуваа помал број на учесници, а двајца консултанти од Британски совет понудија практични совети за тоа како да се идентификуваат и да им се помогне на учениците со дополнителни образовни потреби.

Како резултат на конференцијата, „Боро Петрушевски“ одлучи да формира специјалистички тим што ќе работи на предизвиците со кои се соочува училиштето. Тимот ќе работи со ученици со дополнителни образовни потреби и ќе се обиде да ги спроведе идеите за кои се разговараше на конференцијата.

Британскиот совет ќе продолжи да работи со „Боро Петрушевски“ и со други училишта во Македонија за да ги сподели најдобрите практики и да ги истражи можностите за образовни промени. 

Со желба да се споделат дел од идеите разгледани на конференцијата со уште поголема публика, ви ги нудиме ресурсите што ги користеа нашите консултанти: десет најдобри совети - рамка за инклузивна настава и учење. Се надеваме дека овој ресурс ќе ви помогне да изнајдете начин да ги задоволите потребите на сите ученици. 

Ако сакате да го коментирате овој напис, пратете имејл на VEE@britishcouncil.org и приклучете се на дебатата. Ако сакате да испратите свој напис, овде дознајте како.