Во 2015 година колеџот Келвин од Глазгов, колеџ за натамошно образование од Шкотска, и Владината политехничка школа за жени во државата Андра Прадеш во Индија добија финансиски средства како поддршка на образовно партнерство за дизајнирање и производство на облека. Овие финансии се обезбедија преку партнерство на две владини организации од Велика Британија и Индија: Иницијативата за истражување во образованието меѓу Велика Британија и Индија (УКИЕРИ) и Сеиндискиот совет за техничко образование (АИЦТЕ). 

На почетокот програмата беше фокусирана на ученикот, а сите активности беа дизајнирани да се зајакне ученичкото искуство на индиските и шкотските студенти, како и на вработените. Токму овој пристап фокусиран на ученикот ја направи програмата толку успешна и доведе до тоа резултатите да бидат одржливи знаечен временски период. 

Цел на проектот    

Целта на проектот беше да генерира уникатни резултати од учење за шкотските и индиските студенти и за вработените. Ова ќе се постигне преку програма за посети на персоналот и студентите во Индија и Шкотска, како обемен дијалог и соработка преку онлајн системи и со користење на виртуелни алатки за учење. 

Темата на проектот за дизајнирање облека се засноваше на тоа студентите да работат заедно на дизајнирање и производство на колекција облека што ќе одразува индиски и шкотски теми. Темата за дизајн се фокусираше на „шарата Пејзли“ - ова е познат меѓународен дизајн што потекнува од Индија, а станал познат по ткајачите од гратчето Пејзли во Шкотска. На крајот на проектот, достигнувањата на студентите се прославија со модни ревии во Индија и во Шкотска каде што се прикажаа дизајните што тие ги создадоа. Овие ревии го привлекоа вниманието на националните медиуми. Насловот на ревиите беше „Бомбај микс“.

Што постигна проектот   

На техничко ниво, колеџот Келвин од Глазгов ја смени наставната програма за мода и дизајн за да ги одразува новите вештини научени во Индија. Овие вештини се поврзани со специјалистичките техники што се користат при дизајнирање и рачна изработка на индиска облека. Владината политехничка школа за жени во Гунтур разви нови вештини за користење на онлајн и виртуелен софтвер за дизајн што се примени и во нивната наставна програма. 

Меѓутоа, проектот постигна многу повеќе од овие технички вештини. Шест студенти и четворица вработени од колеџот Келвин од Глазгов минаа една недела во Индија, каде што имаа блиска соработка со колегите во Владината политехничка школа. Тука имаа единствена можност за увид во нова култура и за развивање на врски. Ова помогна да се развијат нивните лични вештини и вештините за вработливост кои ќе бидат значителна придобивка кога ќе се најдат на пазарот на труд. 

Набрзо по посетата на Индија, вработените од Индија ја посетија Шкотска на една недела интензивни активности за учење. Во текот на неделата тие присуствуваа на часовите во колеџот Келвин во Глазгов, посетија работодавачи и се сретнаа со министер од шкотската влада. Оваа посета кулминираше со шкотската модна ревија, каде што, како и во Индија, беа прикажани дизајните на студентите пред јавноста и шкотските медиуми. 

Како дел од пристапот фокусиран на студентот, студентите од колеџот Келвин ги планираа сите аспекти на ревијата. Беа вклучени студенти што студираат менаџирање на настани, аудио продукција, телевизија, музика и перформанси, фризура, козметика и угостителство, како и студенти по мода и дизајн. Овој пристап значеше дека вработените од целиот колеџ, исто така, беа вклучени. Околу 150 студенти од колеџот Келвин и 30 вработени ја организираа ревијата, а сето ова генерираше резултати од учење.  

Просветниот инспекторат на шкотската влада, Education Scotland, овој проект го оцени како „исклучителен“ - оценка што ретко се постигнува.

Сè на сè, проектот покажа дека без оглед на географската положба, сиромаштијата, инфраструктурата или социјалните препреки, учењето и споделувањето знаење е најмоќниот начин за развивање на поединците, заедниците и стопанствата. 

Колеџот Келвин од Глазгов сними и кусо видео во кое се дискутира за ревијата со клучните учесници.