Еден од предизвиците на секоја економија во раст е како на најдобар начин да ги искористи талентите што системот за стручно образование и обука (СОО) ги произведува. Во Северна Ирска има долга традиција на квалитетно образование и решенија во СОО, меѓутоа еден од најголемите предизвици за регионалната економија е како да се справи со недоволната вработеност. Овој предизвик особено се однесува на големиот степен на недоволна вработеност кај студентите што неодамна дипломирале и магистрирале, а кои не можеле да се снајдат меѓу квалификациите што ги имаат и барањата на работодавачите. 

Министерството за економија на Северна Ирска и агенцијата за развивање на бизнисот InvestNI работеа заедно за да развијат ново решение пред вработувањето, наречено Програма за загарантирани вештини и за да се справи со проблемот на недоволна вработеност на дипломци. Владините агенции потоа ги ангажираа понудувачите на високо и натамошно образование да испорачаат специјални програми за обука за академијата, главно на големи ФДИ компании. Белфаст Метрополитан Колеџ, кој е еден од најголемите колеџи за СОО во Велика Британија со запишани 32.000 студенти годишно,  се вклучи во испораката на академиите за загарантирани вештини, кои освоија национални награди во Велика Британија за најдобра практика за вклучување на работодавачите (Награди за вклучување на работодавачите во натамошното школување 2015 ТЕС) и во 2014-15 го создаде најголемиот број на нови работни места по инвестиција на работодавач од сите региони во ВБ. (Извор: UKTI Inward Investment Report 2014 to 2015)

Пристапот на Академијата за загарантирани вештини се заснова на следниот модел:                                                                                                                              

  • работодавачите утврдуваат кои конкретни вештини се потребни според нивните планови за раст или инвестирање, а тие вештини не се веднаш достапни на пазарот на труд
  • Министерството за економија потоа го финансира развивањето на посебна програма за обука преку колеџот за СОО приспособена на потребите на работодавачот       
  • колеџот работи заедно со работодавачот за заедно да го креираат решението за обука, а потоа регрутира студенти и организира академија од 10 до 15 недели за 20 учесници;    
  • студентите се стекнуваат со нови вештини и на крајот на академијата одат на разговор за работа кај компанијата спонзор.

Во последните две години Белфаст Мет организираше 26 академии за загарантирани вештини, работеше со 468 дипломци од различни академски дисциплини и 93 проценти од нив нашле вработување како резултат на нивното учество. Вистинскиот успех на овој иновативен пристап е соработката со работодавачите за да се направи програма за обука што е конкретно скроена за нивните моментални потреби. Единствената обврска што работодавачот ја има на крајот на академијата за сигурни вештини е да ги интервјуира учесниците. Овој пристап е пример за тоа како се усогласуваат барањата на работодавачите за нови вештини заедно со понудата на специјална обука од колеџот, во тесна врска со финансирањето од владата како поткрепа на инвестицијата. Балансирањето на потребите на економијата и обезбедување на економски релевантна наставна програма што ги исполнува потребите на работодавачите е постојан предизвик за колеџите за СОО во Европа. Со оглед на притисоците на јавните трошоци врз образованието и стручната обука, колеџите треба да бидат поагилни во врска со поврзувањето со работодавачите и изготвувањето на програми за СОО кои се отворени.

На ниво на колеџ има потреба да се развијат поструктурирани пристапи кон квалитетно вклучување на работодавачите за да се развијат економски порелевантни решенија за наставни планови, мотивирани од побарувачката. Еден колеџ треба да ги разбере приоритетите на владата, да соработува со работодавачите за да изнајде решенија што ќе ги исполнат нивните барања врз основа на рамнотежа меѓу владините приоритети и деловните приоритети. Темпото на промени поврзани со барањата на работодавачите и сè поголемото ниво на софистицираност кај индустриите што се базираат на знаење може да создаде ситуација во која еден колеџ ги нема вештините кај традиционалниот наставен тим. Затоа колеџите почнуваат да бараат соодветен кадар со скратено работно време, со искуство во индустријата, а можеби со помало наставно искуство, за да можат брзо да одговорат на брзите промени во барањата. Процесот на добивање повратни информации од работодавачите/клиентите за испораката на решенијата за обука во СОО, потоа создава платформа за тековен развој на наставните планови и програми, со целосна вклученост на работодавачите и секторските тела за вештини што претставуваат одредени сектори.

Во моменталното економско опкружување, се чини веројатно дека колеџите за СОО ќе мора да ги интегрираат ваквите механизми за да се обезбеди активна вклученост на работодавачите за поредовно освежување на наставните планови и програми.