За да почнете да напредувате и растете во одреден сектор, прво треба да го разберете тој сектор. Во конкурентен сектор на понуда и побарувачка, како што е стручното образование/вработување, информациите се клучни, бидејќи разбирањето во која насока се движи пазарот, каде постојат слободни работни места и каде побарувачката на труд е најголема, ви овозможува да се прилагодите и да растете на пазарот. Затоа, ефективната употреба на информации од пазарот на труд не може да се потцени. Во овој напис, Лидс Сити Колеџ го покажува влијанието што користењето на овие информации од пазарот на трудот го има при вклучување на работодавачите.

Контекст  

Секторот за натамошно образование се соочува со сè поголеми предизвици во обидот да ја идентификува и квантификува понудата на вештини за да ги задоволи барањата на клиентите.

Во едно вакво променливо економско и општествено опкружување во кое што функционира Лидс Сити Колеџ, колеџот е свесен за менливата врска во понудата на вештини, а куповната моќ е сè повеќе во рацете на работодавачите. Затоа од суштинско значење е колеџот да нуди уникатни пакет решенија на работодавачите, кои ги испорачуваат потребните вештини и обука како поддршка за просперитетот и растот на регионалните бизниси.

За целосно да се постигне ове, важно е колеџот да ја сфати својата позиција на пазарот на вештини, добро да го познава локалниот пазар на труд, да ги подреди според приоритет потребите на клиентите и да ја ревидира својата понуда за да биде сигурен дека ги нуди вештините потребни за позитивно да се влијае на регионалната економија. Еден од начините со кои колеџот се стреми да го постигне ова е преку користење на информациите од пазарот на труд како поткрепа на вклучувањето на работодачите и активностите за развивање на бизнисот.

Развивање на бизнисот и вклучување на работодавачитe

Иако колеџот веќе има воспоставено добри врски со регионалните бизниси, тој е свесен дека треба да направи повеќе за да им помогне на малите и средни претпријатија да ги постигнат своите амбиции за раст, да одржува силни соработнички врски со мрежата на микро бизниси во градскиот регион и да ги подобри врските што веќе ги има со големите работодавачи. 

Во своите обиди да го развие сопствениот модел со кој комерцијалната обука ќе стане пофлексибилна, отворена и водена од побарувачката и да го поддржи колеџот да воспостави нови односи со работодавачите и да ги развие постоечките, Единицата за развивање на бизнисот и вклучување на работодавачите неодамна почна да го користи онлајн софтверот Аналист за информации од пазарот на труд на Economic Modeling Specialists Intl’s (EMSI). 

Овој лиценциран софтвер нуди детална анализа на предвидените промени на пазарот на труд од 2016 до 2022 во сите признати индустрии и занимања во Велика Британија. Информациите од пазарот на труд достапни преку Аналист многу се користат во Единицата за развивање на бизнисот и вклучување на работодавачите за колеџот да може да продолжи да ги задоволува економските и барањата за вработување во регионот. Преку испорачување на релевантна обука и вештини, колеџот се стреми да ја оствари амбицијата на Партнерството за локално претприемништво (ЛЕП) на Градот Лидс да развие обучена и продуктивна работна сила.

За да се подобри процесот на користење информации од пазарот на труд, Единицата за развивање на бизнисот и вклучување на работодавачите води опсежен акциски план за ефективно спроведување на истражувањата во колеџите со цел поддршка на сите оние кои се стремат кон соработка со работодавачите. Тука спаѓа и детален акциски план што ги документира начините на кои колегите можат да ги користат информациите од пазарот на труд и податоците базирани на докази за да го поткрепат вклучувањето на работодавачите. Колеџот ги разгледува индустриите, занимањата и предвидувањата како тие ќе се сменат, па очекува дека ќе може да ги поддржи и поткрепи бизнисите и стратегиите за регрутирање така што ќе овозможи поголема усогласеност со проекциите за пазарот на труд и индустријата.

Користењето на информациите од пазарот на труд е клучна компонента од пошироката стратегија на колеџот за вклучување на работодавачите, што опфаќа неколку клучни апликации, како:    

  • идентификување на работодавачите што ќе ги поткрепат предвидените цели на колеџот за вклучување (на пр. индустрии и занимања во пораст, занимањата со најголем раст, занимања за кои се предвидува дека ќе создадат најмногу нови работни места во годината)
  • обезбедување податоци за нивото на образование и демографскиот профил на населението во околината на градот Лидс, со цел колеџот да има можности да им помогне на работодавачите подобро да го разберат профилот на вештини во нивната област на регрутирање и нивната потенцијална идна работна сила.

Практикантство

Како реакција на давачката за практикантство што ќе стапи на сила во април 2017 година, колеџот е свесен за сè поголемата потреба да се поддржи амбицијата на Велика Британија за национален раст и за отворање на три милиони практикантски места до 2020 година. Следствено, колеџот подготви стратегија за развој на практикантството која ќе ја поддржи владината цел и ќе го забрза осовременувањето на практикантството во клучните сектори на раст и вработување во регионот.

Покрај традиционалните механизми за вклучување на работодавачите и таргетираните маркетиншки активности, користењето на информациите од пазарот на труд ќе им овозможи на тимовите за вклучување на работодавачите во колеџите да имаат потесна врска со постоечкиот синџир за снабдување и да воспостават нови односи со бизнисите, со што ќе развијат мрежа на работодавачи што ќе го поддржат практикантството.

Со собирање на податоци за занимањата и индустриите што ќе имаат раст и потоа идентификување на клучните работодавачи во тие сектори со раст, колеџот е во многу подобра позиција да почне дискусии со фирмите за тоа дека вештините и квалитетите на практикантите можат да придонесат за нивните амбиции за раст и да им помогнат на работодавачите да ги идентификуваат и да се подготват за потенцијални или идни нови работни места што би можеле да се пополнат со практиканти, а притоа би се зеле предвид аспекти како ниво на вештини, возраст и локација.