Лидс Сити Колеџ се залага за вклучување на работодавачите и го разбира неговото значење во стручното образование. Тие не само што можат да понудат совети, туку и студии на случај со најдобра практика, со кои се потенцираат придобивките од соработката со работодавачите и нивната важност за студентите да се стекнат со релевантни вештини за работа. Тука зборуваат за нивната охрабрувачка работа со Metalcraft UK, компанија за производство на метал за фирми како „Кока-Кола“ и „Морисонс“.

METALCRAFT UK

Лидс Сити Колеџ со години подготвува и испорачува обука и наставни програми за компании во инженерскиот и производствениот сектор во Брадфорд и поширокиот регион на Град Лидс. Оваа експертиза и поврзаност со секторот резултираше со тоа што работодавачите го формираа Индустрискиот центар за извонредност (ИЦЕ) за напредно производство и инженерство.                                                                                                

Metalcraft UK се компанија за производство на квалитетен метал за прехранбената индустрија за компании како „Кока-Кола“ и „Морисонс“ и работи на разновидни проекти, почнувајќи од издувни системи за супер јахти до скалила од не'рѓосувачки челик за продавницата на Селфриџис на ул. Оксфорд. Тие се долгогодишен клиент на Кили Колеџ, кој е дел од имотот на Лидс Сити Колеџ, и како такви беа поканети да бидат во одборот на компании што стратешки го насочуваат ИЦЕ, базиран во Кили Колеџот. 

ИЦЕ прима млади луѓе од локалните училишта за да учат за ГЦСЕ (општ сертификат за средно образование) по инженерство. Идејата е да се охрабрат да бараат работа во сектор каде што моментално има недостиг на соодветно квалификувани нови работници. Ова е обид да се обезбедат ученици што ќе завршат натамошно образование со високо ниво на вештини, квалификации и подготвени за работа за да го поддржат секторот и економскиот раст. ИЦЕ им нуди на младите можности за вработување преку практикантство. 

Директорот на Metalcraft UK, Нејтан Варли, играше клучна улога во управување со оваа нова установа и со нејзино претставување на различни настани. Тој му помогна на колеџот да ги утврди јазовите во вештините и го промовираше влијанието на вештините од повисоко ниво за поддршка на растот во секторот и неговата диверзификација. Нејтан го охрабри колеџот да инвестира во обука на персоналот за да се задоволи потребата што знаеше дека е многу барана.

Овој прилично технички курс сега се држи во Кили Колеџ и е јасен пример за тоа дека ги исполнува потребите на работодавачите преку партнерска работа. Metalcraft UK го спроведуваат на дело она за што се залагаат и веќе вработија двајца нови практиканти од првата група млади инженери што ја завршија ГЦСЕ преку ИЦЕ центарот.

Производството е сектор со многу вработени во регионот на Лидс, со значителна концентрација на производствени мали и средни претпријатија лоцирани во Брадфорд, каде што се наоѓа Кили Колеџ.

На национално ниво, производствениот сектор и натаму има значителен кусок на вештини што влијае на одржливоста и го спречува растот. Податоците од најновата Анкета за вештини кај работодавачите на УЦКЕС (2015) откриваат дека недостигот на вештини најчесто е забележан кај занаетите и занимањата што бараат вештини, професионалците и ракувачите со машини. Побарувачката за повеќе лица со повисоко ниво на вештини се очекува да биде особено голема во секторите што се од суштинска важност за растот, како што се градежништвото (+73 проценти), производството (+69 проценти) и инженерството, науката и високата технологија (+52 проценти). Затоа Лидс Сити Колеџ посветено ќе работи на тоа континуирано да произведува релевантни и соодветни вештини што ќе го поддржат економскиот развој во клучните сектори за вработување и раст во ВБ.

На пример, работата на колеџот со компании како Metalcraft UK и основањето на ИЦЕ доведе и до развивање на различни патеки од почетно ниво до вештини на повисоко ниво и квалификации со инженерска диплома. Квалификациите за инженерство што се достапни на Лидс Сити Колеџ сега опфаќаат нови сертификати и практикантство (ГЦСЕ, БТЕЦ Ниво 3, Напредно практикантство, Повисоко практикантство, ХНЦ, ХНД и дипломи), со опции со полно и скратено работно време, согласно потребите на поединците и работодавачите.

 Преку партнерската работа со работодавачите, колеџот го оствари и потенцијалот за инженери со повеќе вештини, и ја збогати својата понуда на можности за машинско инженерство, па сега опфаќа и електро-машинско инженерство, поддржано со дополнителни простории и опрема. Клучниот елемент на соработката на колеџот со работодавачите е активностите да бидат предводени од локалните компании. ИЦЕ во моментот има одбор предводен од претставник на локална фирма со повеќе други работодавачи и надворешни партнери кои соработуваат со образовните партнери преку различни активности. Секоја од овие организации делува како амбасадор за ИЦЕ и ги промовира придобивките од овој пристап кон учење и развој во пошироката мрежа на чинители и работодавачи.