Д-р Нил Бентли е извршен директор на WorldSkills UK, добротворна организација поддржана од владата, што се залага за практикантство и технички вештини од светска класа. Тој ни објаснува за тоа како сè повисокото ниво на вештини што го бараат работодавачите доведе до потреба да се развијат нови методи кои ќе им помогнат на практикантите и учениците да се подготват за предизвиците со кои ќе се соочат на работното место.                                                                                            

Едно можно решение: натпревари во вештини. 

Програмата за практикантство во Велика Британија ќе ја претрпи најзначајната реформа во последните неколку години со воведување на дополнителни давачки за фирмите. Од 2017, сите работодавачи кои на годишно ниво на своите вработени им исплаќаат плати во вредност од 3 милиони фунти ќе мора да инвестираат во практикантството преку новата давачка. Ова е дел од ветувањето на владата дека ќе создаде три милиони практикантски места до 2020 г. Значителната измена во политиките и финансирањето на вештините наиде на поделени мислења во Велика Британија. Меѓутоа, не изненадува тоа што многу европски земји се заинтересирани за овие промени. На неодамнешните состаноци на WorldSkills Europe  - организација задолжена за зголемување на свеста за квалитетно стручно образование и обука - беше јасно дека земјите будно ги следат настаните поврзани со давачките за практикантство и ја споредуваат одржливоста на сопствените програми. Очекувано, работодавачите во Велика Британија многу дискутираа за финансиските импликации од оваа давачка, но не ги отфрлија ни другите елементи на реформите за практикантсво - особено фокусот на квалитетот. Истото важеше и за европските претставници со кои разговарав на WorldSkills Europe, кои беа расположени да дискутираат за развивање на нови стандарди.

Потребата од поквалитетно практикантство ги обединува работодавачите и владите во Европа. Во Велика Британија, многу работодавачи подетално ги разгледуваат методите што може да се користат за да ги подигнат стандардите на нивните програми за обука и развој. Една метода што ја користат сè повеќе, а е насочена кон подигнување на стандардите во програмите за обука, се натпреварите во вештини.

Дизајнирани од експерти во индустријата, нашите натпревари во вештини, познати како WorldSkills UK Competitions, ги оценуваат знаењето, практичните вештини и атрибутите за вработливост на еден практикант според група строги меѓународни критериуми. Натпреварите се осмислени така да ги задоволат потребите на мултинационалните, но и на малите и средните претпријатија. Вклученоста на работодавачите во креирање на натпреварувачките активности, што се ревидираат секоја година, значи дека тие реагираат на најновите случувања во одреден сектор, а со тоа остануваат вклучени. Дополнително, натпреварите ги оценуваат претставници од индустријата со што на членовите на жирито им се дава можност да ги споредат нивните програми за обука со оние на другите работодавачи и да се стекнат со вредни сознанија за конкурентноста на бизнисите на нивната организација. Една неодамнешна анкета покажа дека повеќе од 95 проценти од нашите учесници сметаат дека учеството во натпреварите ги подобрило нивните технички вештини и вештините за вработливост, додека повеќе од 80 проценти сметаат дека натпреварот им ја подобрил самодовербата, тимската работа, способноста да работат под притисок и управувањето со времето. Ова покажува дека натпреварите во вештини ги учат младите луѓе на вештини за вработливост што им се неопходни на работодавачите. 

Дејв Холмс од BAE Systems ги поддржува овие наоди: „Многу сериозно ја сфаќаме нашата обврска за развивање на младите и ги препознаваме придобивките што натпреварувањето може да им го донесе за нивниот личен развој. Ако нашите луѓе можат да се стекнат со искуство од работа во конкурентни услови, тоа може само да им користи на работното место. 

Меѓутоа, предизвик за нас беше како она што го научивме при управување со натпреварите во вештини - на национално и меѓународно ниво - може успешно да се пренесе во поширокото работно опкружување, а притоа сите да имаат придобивки.                                                                                

За да го пренесеме наученото, неодамна развивме повеќе услуги, меѓу кои е програмата за професионален развој WorldSkills UK. Оваа програма е наменета за наставници и работодавачи и ги комбинира најновите глобални размислувања за спроведувањето на практикантството и техничките вештини со нашето знаење да подготвиме првокласни практиканти. Програмата укажува како активноста заснована на натпревар може да се вклопи во било која програма за практикантство за да се подигнат стандардите. За да биде успешна, давачката за практикантство во Велика Британија не само што ќе мора да создаде милиони нови практикантски места, туку ќе мора и да го подобри квалитетот, а тоа ќе доведе до подобри вештини кои им се потребни на компаниите и економијата. Најдобриот резултат воопшто на Велика Британија на неодамнешниот натпревар WorldSkills во Бразил, каде што го освоивме седмото место пред Франција и Германија, е доказ за улогата што натпреварите ја имаат за да им помогнат на работодавачите да им ги пренесат вистинските вештини на своите практиканти, со што им се овозможува на бизнисите да бидат поконкуренти на глобално ниво.

Нил, кој претходно беше заменик генерален директор на Конфедерацијата за британска индустрија, сега е член на Советот на универзитетот Ворвик и го советува Советот за наука за разновидност и инклузија. Нил докторирал на расна еднаквост на работното место.

За да дознаете повеќе за WorldSkills UK, посетете ја нивната веб страница.