Минатиот месец Џеки Голбрејт од колеџот „Ершер“ ни даде приказ на дел од нивните наградувани пристапи за вклучување на работодавачите. Овој месец колеџот „Ершер“ повторно ни нуди фантастични совети за тоа како вие и вашата институција може да го подобрите начинот на кој ги вклучувате работодавачите и да работите на намалување на сè поголемиот јаз во вештините што постои во стручното образование:

1. Погрижете се работодавачите да ве запознаат.

Редовно и опсежно пренесувајте ги позитивните приказни за придобивките што работодавачите ќе ги имаат ако соработуваат со вас. Истражувајте широка лепеза на платформи за друштвени медиуми и редовно објавувајте вести во локалните весници, деловни списанија и стручни билтени. Објавувајте примери за вашата работа со работодавачите на вашиот и на други блогови.

2. Одете кај работодавачите - не чекајте тие да дојдат кај вас.

Времето е скапоцено за работодавачите, особено за малите бизниси, така што почитувајте го нивното време. Одвојте време да се сретнете со нив во нивните простории. Кога ги каните на настани во колеџот, организирајте ги во термин што ним најмногу им одговара, на пример рано наутро или на крајот на денот. 

3. Зборувајте на јазик разбирлив за работодавачите.

Знаењето на повеќето работодавачи за образованието и квалификациите е ограничено на она што тие го доживеале на училиште, колеџ или универзитет. Внимавајте да не зборувате на жаргон што тие не го разбираат - фокусирајте се на вештините што тие ги бараат.  

4. Покажете што ќе добијат работодавачите.

Многу работодавачи разбираат што ќе добијат ако соработуваат со колеџот. Меѓутоа, некои не разбираат. Покажете им ги придобивките од соработката со вас со изрази што им се познати, на пр. добивање на повешта и мотивирана работна сила, зголемена продуктивност, помош при ангажирање на вистинските лица, итн. 

5. Јасно објаснете им на работодавачите што барате од нив.

Повеќето работодавачи сакаат да се вклучат во образованието, честопати на алтруистичен начин да им помогнат на учениците за да бидат повработливи на пазарот на трудот, кој е сè поголем предизвик. Прецизирајте како можат да помогнат, на пр. да понудат практична обука, да примат практикант, да ги поканат учениците да ги посетат нивните простории, да одржат предавања.

6. Прифатете ги критиките и слушнете ги повратните информации.

Ако работодавачите ја критикуваат содржината, начинот на предавање или релевантноста на курсевите на колеџот, не реагирајте дефанзивно. Позборувајте за нивната загриженост, и онаму каде што има проблеми, продискутирајте како да ги решите. 

Покажете им на работодавачите што сте смениле како одговор на повратните информации од нив, на пр. избор на курсеви, содржина, модел на испорака. Ако видат јасни докази дека делувате по информациите што сте ги добиле од нив, тие ќе продолжат да соработуваат со вас. Во спротивно, може да сметаат дека вклученоста на работодавачите е непродуктивна, без опиплива придобивка за нив.

7. Бидете искрени и реалистични за она што можете да го исполните.

Работодавачите се деловни луѓе и секојдневно работат со економски и оперативни ограничувања. Ако сте искрени и ги објасните сите ограничувања, тие ќе разберат. Пробајте да му помогнете на работодавачот да го најде она што го бара, дури и ако тоа вие не го испорачувате. Ќе бидат благодарни за ваквата поддршка и поверојатно е дека ќе ви се обратат во иднина за нешто што можете да го испорачате.  

8. Вложете време во негување и одржување на врските со работодавачите.

Бидете подготвени да вложите многу кога градите нови врски. Можеби ќе мора да вложите многу време за да постигнете малку, но тие мали придобивки може да бидат многу важни за работодавачите, особено за малите фирми, и може значително да ја подобрат вашата репутација. 

9. Вклучете се во деловни, трговски и индустриски организации.

Приклучете се на локалните стопански комори, тела во индустрискиот сектор и трговски здруженија, и учествувајте, така што ќе вложите време, идеи и експертиза. Ќе добиете пристап до мрежи и стручно знаење, а така подобро ќе ги разберете барањата на работодавачите во врска со вештините.

10. Бидете во тек со случувањата во индустријата.

Следете ги најновните извештаи, новите политики и новините во индустриските сектори и покажете им на работодавачите како колеџот реагира на сите релевантни препораки.