ЗДРАВО И ДОБРОДОЈДОВТЕ НА ОВА ПРВО ИЗДАНИЕ НА „VOCATIONAL EDUCATION EXCHANGE“, ИНАКУ ПРВО СПИСАНИЕ НА БРИТАНСКИОТ СОВЕТ НАМЕНЕТО ЗА НАСТАВНИЦИ И ЛИДЕРИ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ВЕШТИНИ.

Имајќи предвид дека невработеноста на младите во Западен Балкан во некои места надминува, 60% заклучивме дека овој регион би бил најсоодветен за првично спроведување на оваа иницијатива. Се надеваме дека ќе се согласите со нас.

Наставниците од Западен Балкан искажаа заинтересираност за тоа како овие работи се организирани во Обединетото Кралство, изразија желба да дискутираат со други за предизвиците со кои тие се соочуваат и да добијат идеи на кој начин да им помогнат на младите да ги подобрат своите можности за вработување. Истовремено, наставниците и директорите на стручните училишта во Обединетото Кралство го имаат поминато истиот пат како и нивните колеги од Западен Балкан. И тие исто така сакаат да соработуваат со други колеги од целиот свет и, ако е можно, таква можност да им дадат и на своите студенти.

Токму ова е тоа што „Vocational Education Exchange“ сака да го овозможи.

Во овој прв број правиме осврт на некои од предизвиците со кои се соочуваат оние кои работат во стручното образование - особено во работењето со ученици од 16 до 19 годишна возраст - начинот на кој успеале да ги надминат тие предизвици и кои, според нивно мислење, биле клучните состојки за таквиот успех. Џон Маунтфорд (John Mountford), директор за меѓународни релации при Асоцијацијата на колеџи ни појаснува некои од предизвиците со кои се соочува секторот за стручно образование во Обединетото Кралство. Тука е и интервјуто со Пат Карваљо (Pat Carvalho), директор на Хероу Колеџот и разговорот со раководителот за наставни програми Овен Прајс (Owen Price), за тоа што значат овие работи во нивниот колеџ.

Благодарение на нашите партнери од Фондацијата за образование и обука, објавуваме и дел од истражувањето во полето на образование, реализирано од Националната фондација на Обединетото Кралство за истражување во образованието, во врска со тоа како треба да изгледаат стручното и техничко образование.

И можеби најважно од сè, ќе имате можност бесплатно да ја пребарувате базата на податоци на Фондацијата за образование и обука која содржи наставни материјали!

Нè охрабрува силната поддршка која ја добивме за оваа иницијатива од лидерите во секторот за техничко и стручно образование и обука во Обединетото Кралство, вклучувајќи ги тука Мартин Доел (Martin Doel), главен извршен директор на Асоцијацијата на Колеџи, и Дејвид Расел (David Russell), главен извршен директор на Фондацијата за образование и обука.

Но најважно од сè! Сакаме да слушнеме што мислите Вие! Што би сакале да прочитате на овие страници? Суштината на оваа иницијатива е споделување на размислувања и идеи за иднината на стручното образование. Со нас можете да стапите во контакт во секое време (#VEexchange на Facebook и Twitter) за било какви прашања и забелешки.

Во надеж дека ќе Ви се допадне овој прв број,

Искрен поздрав

Хелен Силвестер (Helen Silvester)
Директор за образование за поширока Европа во Британскиот совет

Хелен Силвестер ја предводи работата на Британскиот совет во областа на образование во повеќе од 15 држави на источна и јужна Европа и централна Азија. Нејзините работни активности се најмногу поврзани со високото образование, науката, стручното образование и претприемништвото – унапредување на соработката помеѓу државите, универзитетите, колеџите и луѓето во Обединетото Кралство и државите од поширока Европа.