Интересен е фактот дека училиштата, колеџите, универзитетите и наставниците во Обединетото Кралство се соочуваат со слични предизвици во стручното образование како и нивните колеги од Западен Балкан. 

Колеџите во Обединетото Кралство во последните неколку години поминаа низ период на интензивни промени, беа предмет на речиси постојано преструктуирање и се соочија со драматични намалувања на финансиските средства – сè се ова работи кои не се карактеристични само за Обединетото Кралство туку и за другите држави во светот. 

Разговараме со директорот за меѓународна соработка при Асоцијацијата на колеџи, Џон Маунтфорд. Со повеќе од 20 години искуство Џон споделува со нас интересни аспекти во врска со овие прашања и разговараме за тоа како понатаму. 

ДАЛИ КОЛЕЏИТЕ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО СЕ СПРАВИЈА СО ОВИЕ ПРЕДИЗВИЦИ? 

Се чини дека она што единствено е постојано денес во светот е, помалку иронично, промената. Колеџите во Обединетото Кралство мора да се соочат со една флуидна домашна политика и со поинаков начин на финансирање а секторот се соочи со овие предизвици со отпорност и респонзивност. Ние сме сектор кој е израснат од промените и, како резултат на тоа, колеџите брзо се прилагодуваат и одговараат на предизвиците кои им ги налага политиката. На институционално ниво нашиот самостоен модел на управување со колеџите значи прагматично и досетливо реагирање на промените. Тоа исто така е и модел кој ги промовира претприемачкиот дух и способноста за прилагодување, поддржан од чувството на јавниот сектор за одговорност и должност. Станува збор за модел кој реално функционира мошне добро и промовира иновативни решенија на барањата кои постојано се менуваат. 

КОЛКУ ВО ОВА БЕШЕ ВАЖНА СОРАБОТКАТА СО СТРАНСКИТЕ ПАРТНЕРИ? 

Работата со партнерите од странство имаше огромна важност за работата на колеџот. Ние ги обучуваме учениците да бидат успешни денес па поради тоа е важно да обезбедиме дека ги имаат вистинските вештини кои ќе им помогнат да се снајдат во меѓународни рамки. 

Меѓународните партнерства помагаат во создавањето можности за учење преку кои можат да се развијат овие вештини. Меѓународните партнерства можат исто така да им помогнат на колеџите да споделуваат идеи и пристапи заедно со нивните странски колеги кои помагаат во унапредувањето на квалитетот и стручноста во секторот. Меѓународната активност исто така им овозможува на колеџите да се вклучен во поголеми програми „систем со систем“ и потесно да соработуваат со другите засегнати страни вклучени во стручното образование и обука во Обединетото Кралство. И конечно, меѓународните партнерства можат да помогнат во промовирањето на нашите програми на меѓународни студенти што ни овозможува да го прошириме и диверзифицираме нашето студентско тело. 

КАКО ДИРЕКТОР ЗА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ПРИ АСОЦИЈАЦИЈАТА НА КОЛЕЏИ ИМАТЕ ДОБАР ПРЕГЛЕД НА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ. ШТО Е ОНА ШТО СМЕТАТЕ ДЕКА ГИ ПРАВИ КОЛЕЏИТЕ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ПОСЕБНИ И ВАЖНИ? 

Автономниот, флексибилен и прилагодлив модел на управување со Колеџ во Обединетото Кралство ни помага да реагираме на економските трендови и индустриски потреби. Реализираме програми кои се засноваат на стандарди поставени од дејностите и создаваме квалификации на кои работодавачите им веруваат. Колеџите имаат сеопфатен пристап кон квалитетот со кој се обезбедува дека нашите ученици се подготвени за нивниот следен чекор, без разлика дали зборуваме за продолжување на студиите или започнување со работа. Колеџите тесно соработуваат со партнери од дејностите и од државата и притоа ги опремуваат своите капацитети со најнова опрема која е одраз на современото работно место за кое ги подготвуваме нашите ученици. Колеџите во Обединетото Кралство се посветени на двојна професионална работна сила што подразбира со обуки на технички експерти за предавачи. Колеџите исто така се посветени на тоа да ги обучат своите ученици за технички и стручни вештини кои ќе им бидат потребни за нивните работни места и вештини за вработливост кои ќе им требаат цел живот. Ова подразбира вградување на преносливи, претприемачки и меѓународни вештини во наставната програма.  

СВЕСНИ СМЕ ДЕКА ПОДАТОЦИТЕ ОД ПАЗАРОТ НА ТРУД ПОКАЖУВААТ ВИСОК СТЕПЕН НА НЕВРАБОТЕНОТ КАЈ МЛАДИТЕ, НО И ПОКРАЈ ТОА РАБОТОДАВАЧИТЕ СЕ СООЧУВААТ СО ПОТЕШКОТИИ ДА ВРАБОТАТ КАДАР СО СООДВЕТНИ ВЕШТИНИ. НА КОЈ НАЧИН СТРУЧНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО ПЛАНИРААТ ДА ЈА ЗАДОВОЛАТ ПОТРЕБАТА ОД АКТУЕЛНИ ВЕШТИНИ? 

Колеџите тесно соработуваат со работодавачите за да бидат сигурни дека она што го предаваат е вистинската програма која ќе им овозможи на учениците стекнување на вештини кои ги бара економијата. Комбинирањето на учењето со работата се прави на ниво на наставни програми, врз основа на меѓународни искуства. Јасен пример за ова е актуелниот фокус на стажантската работа. Ваквата соработка може да биде на системско ниво со квалификации и наставни програми кои се дефинирано од стандардите поставени од конкретната дејност, и тоа може да биде на локално и регионално ниво, преку ангажирање со ЛЕП. Колеџите тесно соработуваат со работодавачите, на ист начин како што соработуваат со институциите. Вклучувањето на работодавачите има важна улога во работата на колеџите, во изготвувањето на програмите и редовните состаноци на кои се дискутираат потребните вештини. Колеџите се определени да не бидат оние кои само пасивно ќе реагираат на потребите на економијата туку да бидат проактивни во разбирањето и одговарањето на пазарните потреби. 

РАБОТИТЕ СО МНОГУ СТРАНСКИ ПАРТНЕРИ. КОИ ТРЕНДОВИ ВО МОМЕНТОВ СЕ АКТУЕЛНИ ВО СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО И НА МЕЃУНАРОДНО НИВО? 

Постои растечки тренд за сè поголема блискост помеѓу стручното образование и обука и економијата, преку реализирање на програми кои се одраз на потребите на работодавачите и кои помагаат во стекнувањето на реални вештини за вработување. Со ова можеме да кажеме дека се случува одвојување на стручните сектори од државната контрола и премин кон посамостоен модел кој овозможува пофлексибилен и респонзивен пристап од оние кои го реализираат стручното образование и обука. Глобализацијата доведува до сè поголеми барања за меѓународни модели за стручно образование и обука кои промовираат меѓународно преносливи обуки и квалификации. Исто така тука е и растечката глобална побарувачка за стручно и техничко образование на високо ниво кое ја поттикнува економијата на знаење со што традиционалните бариери помеѓу стручното и академското образование почнуваат да бледнеат. 

ДАЛИ ИМАТЕ НЕКОЈА КОНКРЕТНА ПРИКАЗНА КОЈА БИ ЈА СПОДЕЛИЛЕ СО НАС? НЕКОЈА ИНСПИРАТИВНА ПРАКСА КОЈА СТЕ ЈА ЗАБЕЛЕЖАЛЕ НА ВАШИОТ КОЛЕЏ И ОД КОЈА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ НАВИСТИНА ИМАЛЕ ПОЛЗА? 

Јас сум постојано инспириран од влијанијата кои колеџите ги имаат врз животот на нивните ученици. Тешко да се издвои некој конкретен пример, но сепак тука би го потенцирал неодамна реализираниот ЕУ проект за заеднички пристапи за допир до оние ученици кои не посетуваат образование, обуки или не се вработени. Многу силен впечаток ми остави посветеноста на колеџите да работат со сите делови од заедницата и општеството, без разлика за колку тешка работна активност да станува збор. Мој конкретен пример, јас почнав да работам на колеџот заедно со студенти од Косово кои тукушто пристигнаа во Обединетото Кралство и работните колеџи навистина помагаат во асимилирањето на новопристигнатите во нашите заедници, што  претставува голема инспирација. 

ШТО МИСЛИТЕ, КОИ СЕ ПРЕДНОСТИТЕ ЗА СТРУЧНИТЕ НАСТАВНИЦИ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА НАШАТА ПЛАТФОРМА ЗА „РАЗМЕНА ВО СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ“? 

Можноста да се учи од своите колеги и да се споделува со нив е суштински важна за секој вид на професионален развој. Можноста исто така ова да се прави на меѓународно ниво, преку Британскиот совет, е од огромна важност, особено во денешниот свет. Стручното образование и обука станува сè поглобализирано, работните места за кои ги обучуваме нашите ученици се поврзани со глобални работодавачи па затоа е важно професионалните лица во стручното образование да размислуваат глобално и да ги користат ваквите мрежи и можности за размена.