Стажирањето е одличен начин да се зголемат вештините во инженерската индустрија во ОК – сектор што е од суштинска важност за економијата. Еден од највлијателните бизнис водачи во североисточниот регион, Џеф Форд, директор на Форд Инженеринг, ни кажува зошто стажирањето е толку важно за неговата успешна компанија, за инженерскиот сектор и за индустријата во североисточниот дел генерално.

Североисточниот дел на Англија е расадник за одлично производство. Во овој регион се наоѓаат Форд Инженеринг, Нисан, Сименс, Хитачи и многу други агилни помали фирми и е предводник во производство на вредни производи што се бараат во целиот свет.

Стажирањето е клучен двигател на оваа забележителна успешна приказна. Тоа им овозможи на десетина компании можност да внесат нови вештини во својот бизнис – што ги направи многу попродуктивни и конкурентни.

Затоа соработуваме со Гејтсхед колеџ за нашата академија за обука. Младите имаат можност да завршат интензивна обука што ќе им ги даде вештините што им се потребни да почнат со стажирање, од користење на машини за валање и стругови до цртежи за машинско инженерство со користење на компјутерска (CAD) технологија. Учат и за безбедност и здравје на работното место, како да се подготват за инженерски задачи и како да вршат математички пресметки и да пишуваат извештаи. Клучен елемент на програмата е учениците да бидат спремни за работа така што целосно ќе разберат што работодавачите бараат од своите млади регрути. Сето ова значи дека ќе бидат целосно подготвени кога ќе почнат да стажираат.

Секако, ние имаме придобивка од нашата академија бидејќи ни дава веќе готови таленти – но таа е дизајнирана да им биде од корист на инженерските фирми од целиот регион. Таа е единствена од ваков вид во североисточниот дел и горд сум што имаме позитивно влијание врз успехот на нашата производствена индустрија, на која многу и треба прилив на нови вештини.

Но, треба уште многу да се направи. Фирмите и колеџите мора да соработуваат со училиштата за младите да бидат свесни за кариерите во производство и инженерство. Наставниците и професорите мора да ги прилагодат нивните наставни програми на потребите на работодавачите. Како регион, мора подобро да се продаваме и да му кажеме на светот за нашите производствени способности. Владата треба повеќе да се грижи за квалитетот на обуката отколку да поставува произволни цели за стажирање, кои како да се извадени од ракав.   

И покрај сето ова, североисточниот дел на Англија има со што да се пофали. Лично, многу сум задоволен кога ги гледам младите како ја завршуваат нашата академија и потоа имаат успешна инженерска кариера. Од групата ученици кои почнаа минатиот септември, две третини се локални. Ние нудиме локални работни места за локални жители, што ме прави навистина горд.  

Нашето партнерство со Гејтсхед колеџ беше суштинско за успехот на нашата програма. Како организација истомисленичка, тие навистина ги разбираат потребите на нашиот бизнис и поширокиот инженерски сектор и беа подготвени да работат одговорно за да сменат нешто. Ваквите програми ќе помогнат да се заштити иднината на индустријата, ќе ја зајакнат економијата и ќе подготват повеќе млади луѓе за работното место.  

Ако жалам за нешто, тоа е што не ја почнавме академијата порано. Тоа е одличен начин да и вратиш на локалната заедница и да му се помогне на производствениот сектор во регионот да држи чекор.

Дополнителни страници