Локалните и регионалните стопански комори им нудат можности на работодавачите да работат заедно за да се подобри ефикасноста и ефективноста. Вештините се многу важно прашање. Во оваа статија, директорот на комората за Источен Мидландс, Иан Бејтс, нагласува колку е важно работодавачите да соработуваат со понудувачите на обука.

Како втора најголема комора во ОК со повеќе од 4.200 членови, комората на Источен Мидландс (Дербишир, Нотингамшир, Лестершир) нуди суштински активности под мотото „Премостување на јазот – поправање на врската меѓу образованието и работата“ – како одговор на фактот дека и покрај континуираната несигурност во врска со економијата, фирмите во Источен Мидландс и натаму имаат нето пораст. Меѓутоа, проблемите со наоѓање на соодветни вештини се уште го попречуваат растот.

Многу се зборуваше за проблемите што фирмите ги имаат при регрутирање на персонал што ги исполнува нивните барања, а многумина очекуваат и дополнителни компликации за оние што во моментов вработуваат луѓе надвор од ОК, а од ЕУ земја.

Во поширока смисла, имаше повеќе иницијативи за решавање на ова прашање, со различен успех. Но, работодавачите се уште кажуваат дека младите го завршуваат образованието со несоодветни вештини и атрибути потребни за работното место. Слушаме и дека работодавачите сметаат дека има премногу иницијативи, кои им одземаат време, а по природа се само привремени.

Проблемите со кои што се соочуваат фирмите може да станат појасни ако ги земеме предвид податоците собрани со Кварталното економско испитување на комората меѓу септември 2015 и јуни 2017 година. Тие покажуваат доследно ниво на регрутирање од фирмите од Источен Мидландс, а меѓу 52 и 63 проценти од фирмите пријавиле дека се обидуваат да регрутираат луѓе секој квартал. Од оние што се обидуваат да регрутираат во истиот период, со потешкотии се соочиле меѓу 55 и 66 проценти. Испитувањето покажа дека проблемите се поверојатни кај оние што регрутираат за квалификувани технички и професионални работни места, но и кај оние за пониски службенички работи и без квалификации.  

Дека е важно да се реши овој предизвик се гледа од тоа што 86 проценти од фирмите планираат да растат во следните две години, а 67 проценти од нив изјавиле дека ќе треба да регрутираат нов персонал како дел од тој раст.

Ако ги разгледаме овие проблеми со регрутирање во однос на континуираноото намалување на стапката на невработеност и несигурноста на потенцијални ограничувања што може да им се наметнат на работниците мигранти, од суштинска важност е да имаме образовен систем што ги продуцира вештините и атрибутите што на фирмите им се потребни од младите.

Сега во нашата комуникација со фирмите потенцираме дека тие не можат да продолжат да се жалат за вештините за вработливост кај младите ако не се активно вклучени во образовниот сектор – придобивките од вклучување на фирмите во образовниот сектор се документирани, особено кога се работи за развивање на нови таленти. Мора да продолжиме да ги поттикнуваме фирмите на оваа активност да гледаат како на долгорочна инвестициска стратегија.

Охрабрува и насоката што се препорачува со неодамнешната стратегија за кариери на Владата на ОК, како и дополнителните ресурси за Компанијата за кариери и претприемништво – особено условот училиштата да назначат кариерен водач и на понудувачите на обуки да им овозможат пристап до учениците за да можат да разговараат за можностите во стручното образование.

Комората на Источен Мидландс ќе продолжи да поддржува позначајна соработка меѓу работодавачите и образованието за да се „Премости јазот“, преку низа активности како Училишниот форум, Самитот за вработливост и вештини, олеснување на врски и лобирање кај владата.

Дополнителни страници