За големите нови инфраструктурни проекти да бидат успешни, потребен е квалификуван персонал. Стивен Хауз, задолжен за политики и јавни прашања во СЕМТА (Здружение за наука, инженерство и производствени технологии), опишува како непрофитната организација работи за да постигне успех во една од најголемите британски мирнодопски инвестиции. 

Како организација за целото Обединето кралство, СЕМТА помага да се одржи кохерентноста и компатибилноста кај сите системи за вештини во различните региони и нации во ОК. На пример, ние сме задолжени за Националните стандарди и рамки за занимања што дефинираат што значи компетенција кај инженерските и производствените работни места.

Една од работите што ги поврзува четирите нации во ОК е клучната улога што ја имаат работодавачите за обликување на вештините, и врските што ги имаат со локалните колеџи. Во однос на секторот за напредно производство и инженерство (АМЕ) што го застапува СЕМТА, овие врски често се долгогодишни. Кај некои случаи, работодавачите биле директно вклучени во основање на колеџот, со што си обезбедуваат талентирани луѓе и нудат добри можности за локалните жители да добијат квалитетни работни места во местото на живеење.

На пример, Националниот колеџ за брза железница е отворен за да се најде национално решение за предизвикот со претстојното воведување на брзата линија ХС2 *. Колеџот нуди досега невиден пристап до опремата што се користи во железничката мрежа – голем дел од опремата индустријата му ја донираше на колеџот, како што е сосема нова лабораторија со најмодерни ЗД ласерски скенери и роботи. Бидејќи опремата е донирана од индустријата, обуката што ја нуди колеџот значи дека учениците се стекнуваат со вистинските вештини и искуства не само за денес, туку и за иднината на железничката индустрија.

Во Шкотска приоритет на владата е зголемена соработка меѓу работодавачите и образовните институции за да се подобри задоволството на работодавачите со НТИМ вештините на нивните регрути. СЕМТА неодамна потпиша Меморандум за разбирање со Energy Skills Partnership, што нуди можности за континуиран професионален развој (КПР) за вработените на колеџот да можат подобро да ја разберат таа индустрија.

Извештајот на СЕМТА за НТИМ покажа дека практичарите во НТИМ имаат само пет дена континуиран професионален развој годишно и само 10 проценти од понудувачите имаат персонал што оди на стажирање – затоа ја развивме STEM Exchange, служба што ги спојува индустријата и образованието. Веруваме дека позитивната вклученост меѓу работодавачите и колеџите води кон подобри можности за учениците и кон подобри НТИМ вештини, и затоа ќе продолжиме да работиме напорно за да го поттикнеме ова.

* HS2 е нова брза железничка линија што ќе ги поврзува Лондон и Бирмингам до 2026 година, а потоа ќе ги поврзе и Лидс и Манчестер до 2032. За ова ќе бидат потребни нови пруги и станици.

Дополнителни страници