Извршниот директор на Бостонскиот колеџ, Џо Махер, објаснува зошто натпреварите за вештини се толку важни за учениците и работодавачите во Обединетото кралство.

Сите фирми се конкурентски настроени без оглед на дејноста со која се занимаваат. Во трката за профит, за први да пласираат производ на пазарот, да обезбедат највисок квалитет или најдобра услуга, најсилните компании имаат придобивка од вработување на персонал што има натпреварувачки карактер. Затоа не изненадува што при анализата на податоци на Офстед, WorldSkills UK утврди дека колеџите што вовеле натпревари за вештини имаат поголеми шанси да бидат извонредни отколку другите.

Натпреварите за вештини им помагаат на учениците дополнително да ги развијат клучните вредности за вработливост:

  • ефективна тимска работа
  • комуникација со други луѓе
  • решавање проблеми и 
  • управување со време. 

Учениците се стекнуваат и со самодоверба и вештини за вмрежување, кои се корисни за нивната идна кариера. Важно е и тоа дека можностите за надградување на вештините што ги нудат овие натпревари им помагаат на учениците да развијат високи технички вештини преку извршување на дополнителни активности. Натпреварувачката атмосфера е можност за учениците да сработат нешто со квалитет многу поголем од нивното ниво на квалификација. Преку проширување на своите вештини и искуства, учениците се здобиваат со самодоверба така што ќе демонстрираат дека можат да ги исполнат стандардите во индустријата.

На Бостонскиот колеџ нашите ученици имаат полза од натпреварите за вештини, а уште поважно, нашите работодавачи имаат придобивки од овој пристап. Стив Гарард, директор на Multi-Plumb, изјави: „Откако учествуваше на натпреварот нашиот стажант имаше поголема желба да научи нови вештини. Се стекна со самодоверба во своите способности, кои се на повисоко ниво од што претпоставувал. Ова беше корисно за компанијата затоа што сега може да добива разновидни задачи и да ја извршува работата според високи стандарди“. Најважниот фактор за работодавачите е дека се подобрува мотивираноста на учениците, а нивната способност да се соочат со препреки резултира со поголем степен на отпорност и самодоверба. Нема индустрија што не би сакала вработени со такви карактеристики.

Ofsted е Канцеларија за стандарди во образованието, детските служби и вештини. Таа врши инспекции и ги регулира услугите што нудат образование и вештини за ученици на сите возрасти.

WorldSkills UK  сака да им помогне на младите да стигнат подалеку и побрзо во кариерата, да се стекнат со вештините што им се најпотребни на работодавачите. Овде спаѓаат и натпреварите за вештини и други големи иницијативи што ги прикажуваат придобивките од стручното образование.

Дополнителни страници