Владата на ОК планира новото Т-ниво да им понуди алтернатива на младите луѓе кои повеќе сакаат стручни програми отколку академски курсеви. Кет Сезен е постар менаџер за политики во Здружението на колеџи, таа ги објаснува придобивките од новата програма. Се осврнува и на некои од предизвиците.

Во 2020 година Англија ќе воведе нов План за вештини за техничко образование за да се надминат недостатоците кај вештините за технички работни места во индустриите, како што е инженерството.

Планот за вештини има за цел да им понуди на учениците над 16 години јасен пат до вработување. Со него техничките занимања се делат на 15 патишта, од нив 11 се претежно во колеџ или кај обучувачи, додека четири се преку учење на работното место. Сите ќе бидат поделени во главни патеки што ќе имаат заедничко јадро, по што ќе следи една година специјализација со продолжено стажирање во индустријата до три месеци, што ќе доведе до квалификација Техничко ниво (Т ниво) на 3 ниво (слично на А-ниво или Baccalaureate стандард). Бројот на часови годишно ќе се зголеми од сегашните 600 на 900. Кога учениците ќе го завршат Т нивото ќе можат да продолжат на работа, на повисок степен на стажирање или во високото образование во зависност од занимањето што го одбрале.

Во Здружението на колеџи ја поддржуваме генералната намера на Планот за вештини. Инвестирањето и зголемувањето на профилот на вештини е за поздрав. Тоа што клучните чинители (учениците, родителите/старателите и работодавачите) се свесни за најдобриот пат кон конкретно занимање е добро, иако сеопфатно и непристрасно кариерно советување ќе биде неопходно.

Но постојат и прашања. Како владата ќе го промовира концептот за техничко образование? Потребно е да се случи огромна културна промена за техничкото образование да се смета за подеднакво престижно како и веќе утврдениот академски пат. Владата почна да го прави ова така што најави дополнителни финансии за испорака на Т-ниво, но дали е ова доволно?

Дел од дополнителните средства и часови ќе бидат доделени за стажирање во индустријата. Во моментов учениците одат на двонеделно работно искуство. За ваквото стажирање ќе треба многу повеќе работодавачи да нудат такви можности. За подолго стажирање ќе биде потребно значително планирање за тоа да биде значајно како за работодавачите така и за учениците, а треба да се земе предвид и како тоа ќе се вклопи во пошироката наставна програма. Владата инвестира пари како поддршка на колеџите да изградат капацитети и пилот стажирања, но ова ќе биде огромна промена во образовната пракса за колеџите и работодавачите.  

Има прашања и во врска со учениците кои не се подготвени да почнат со Т ниво, а за многу колеџи тоа се речиси половина од сите ученици на возраст од 16 до 18 години. Планот е тие да се запишат на преодна програма што ќе им помогне да ги постигнат потребните услови за запишување. За учениците со посебни образовни потреби, ова може да трае подолго од една година и за нив најсоодветна дестинација може да биде работа со поддршка или независен живот. Но досегашните детали посочуваат дека оваа програма ќе биде финансирана за сегашните 600 часа годишно, а сепак овие лица се најдалеку од вработување или високо образование.

Постојат прашања и за улогата на сегашните квалификации, особено кога нема технички пат, како што се спортовите и изведбените уметности, а таму има многу можности за вработување.

Планот за вештини и Т нивото се генерално направени според системите за техничко образование во другисеверноевропски земји, каде што имале резултати за младите. Да се надеваме дека истото ќе биде и овде. 

Дополнителни страници