Educational exams
Educational exams image

Ако сакате да полагате за прием  на универзитет, на институт, или на колеџ во Обединетото Кралство, да ги завршите вашите студии, или дополнително да го надградите вашето знаење, ви нудиме извонредна можност да го постигнете тоа. Како официјално и овластено тело во Македонија, Британскиот совет е образовна врска помеѓу Македонија и Обединетото Кралство.

Програми за далечинско учење

Спроведуваме образовни испити за повеќе британски универзитети и колеџи.

Универзитетот во Лондон (University of London)

Универзитетот во Лондон е една од светските водечки академски институции, меѓународно признат како центар со исклучителни резултати. Тој претставува федерација од 20 колеџи од светска класа и повеќе признати институти. Меѓу вработените и дипломците има над 55 добитници на Нобеловата награда и повеќе од 35 поранешни шефови на држави.

Дипломите на Универзитетот во Лондон, преку меѓународни програми, уште од 1858 година се достапни за студентите ширум светот. Денес, Универзитетот во Лондон има над 40.000 студенти во повеќе од 180 земји кои студираат на повеќе од 100 различни програми.

Универзитет Хериот - Ват (Heriot Watt University)

Овој универзитет ужива меѓународен углед заради иновативното образование, но и заради модерното, а во исто време и практичното истражување. Единбуршкиот факултет за бизнис на Хериот – Ват е една од водечките институции во Обединетото Кралство  која образува кадри за претприемништвото и за индустријата.

Отворен универзитет (Open University)

Отворениот универзитет (ОУ) е единствениот универзитет во Обединетото Кралство кој нуди само учењето на далечина.

Универзитет Ворвик (University of Warwick)

Ворвик е еден од водечките универзитети во Обединетото Кралство со признат углед  заради високите резултати во истражувањата, заради иновации и заради врските со бизнисот и со индустријата.

Лондонска школа за економија и политички науки (The London School of Economics and Political Science)

Од 1994 година Лондонската школа за економија работи паралелно со Надворешната програма на Универзитетот во Лондон  и  на студентите од целиот свет им нуди додипломски степени по економија, по управувачки финансии и по општествени науки. Овие програми се креирани и оценувани од академскиот кадар на Лондонската школа за економија. Денес во програмите се вклучени над 10.000 студенти.

Бизнис - школа на Универзитетот во Дурхам (Durham University – Business School)

Факултетот за бизнис во Дурхам е дел од тамошниот Универзитет, инаку трет најстар универзитет во Англија. Универзитетот во 1965 година има основано факултет за бизнис  и тој е со најдолга традиција во Обединетото Кралство.

Колеџ за управување со средства (The College of Estate Management)

Овој колеџ е меѓународно водечка институција  која обезбедува образование и обука на далечина за професионалци што работат во бизнисите со недвижнини и во градежништвото. На курсеви на овој колеџ, во моментов, се запишани студенти од над 70 земји.

Универзитет во Волверхемптон (University of Wolverhampton)

Универзитетот во Волверхемптон се наоѓа во срцето на Англија  и  во Западен Мидленд и Шропшајр има четири кампуси. Неговите курсеви опфаќаат од традиционални предмети, до ултрамодерни, какви што се на пример, дизајнирање на виртуелна реалност, дигитално моделирање на производи и е-трговија, па дури може да се добие и он-лајн диплома по деловна администрација.

Универзитет во Портсмут (University of Portsmouth)

Универзитетот во Портсмут е оформен во 1992 година. Поранешниот Портсмушки политехникум, еден од најголемите и најуспешните универзитети во Обединетото Кралство има долга традиција зашто израсна од Школата за науки и уметности на Портсмут и Госпорт, основана уште во 1869 година.

Универзитет во Бирмингем (University of Birmingham)

Основан е во 1900 година од граѓаните на Бирмингем кои сакале свој универзитет што ќе обучува и ќе образува луѓе кои би создавале и би управувале со бизнисите кои во Мидленд биле во развој. Денес тој  во Обединетото кралство е еден од петте најуспешни универзитети  кога станува збор за истражувачката работа.

Пријавување

Потребно е да се пријавите директно во институциите во Обединетото Кралство со барање нивните испити да ги спроведува Британскиот совет во Македонија. Потоа, институцијата, во ваше име, ќе контактира со Британскиот совет и ќе ги обезбеди потребните материјали за испитите.

Плаќање

За спроведување на вашиот испит Британскиот совет наплаќа 4500 денари. Исто така, во зависност од договорот со давателот на курсот, може да биде потребно да платите курирски трошоци за враќање на испитните материјали.

За да ги полагате испитите, треба да доставите доказ за платени надоместоци.

Може да платите онлајн, или преку банка.

Рефундирање

Ако сакате да ја откажете пријавата, средствата ќе ви бидат вратени само ако на администраторот  му докажете дека сте биле спречени поради болест, или некој сериозен инцидент. Во тој случај ќе ги платите само курирските трошоци.

Сериозните инциденти опфаќаат:

• Сериозна болест – на пример прием во болница, или сериозна повреда (а не полесни болести, како лесна настинка, на пример)

• Загуба, или денови на жалост (смрт на близок член на семејството)

• Повреда/траума (жртва на криминал, жртва на сообраќајна несреќа)

• Воена обврска

Доказите за болест, или за сериозен инцидент мора да се обезбедат најдоцна 5 дена од датумот на тестот.