Британскиот совет создава можности на меѓународно ниво за луѓе од Обединетото Кралство и од другите земји и гради доверба меѓу нив ширум светот. Нашата работа вклучува развивање релации меѓу луѓе од најразлични потекла и култури. Според тоа, ефективното работење со разноликоста и промовирањето на еднакви можности претставува мошне есенцијален дел од нашата работа.

Не може да постојат еднакви можности доколку разноликоста не се признава и не се почитува. Дознајте повеќе за разликите помеѓу еднаквите можности и разноликоста и за седумте области на коишто се фокусираме.

Еднаквост

Под еднакви можности се подразбира луѓето да бидат третирани правично и непристрасно, како и создавање услови на работното место, и воопшто во рамките на општеството, коишто ја поттикнуваат и ја вреднуваат разноликоста и промовираат достоинство. Исто така, овој термин опфаќа и обиди за исправање на неурамнотеженостите од минатото и водење сметка за тоа дека справувањето со клиентите, потрошувачите и добавувачите се одвива на конструктивен начин, кој поддржува соодветна инклузија и не дава повод за неоправдана дискриминација.

Разноликост

Разноликоста се однесува на создавањето инклузивна средина и практики коишто придонесуваат за организацијата и за луѓето што работат, односно соработуваат со неа. Го зема предвид фактот дека луѓето се разликуваат еден од друг на многу начини. Разбирањето, вреднувањето и ефективното справување со овие разлики може да доведе до поголемо учество кое, пак, може да придонесе за успехот на ниво на поединец или на тим, односно организација.

Главни области

Кога зборуваме за еднакви можности и разноликост, се фокусираме на седум главни области:

  • Возраст
  • Посебни потреби
  • Раса/етничка припадност 
  • Родова припадност (вклучувајќи и трансродовост)
  • Религија/верување и култура 
  • Сексуална ориентација 
  • Рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.

Развивме низа политики за промоција на еднаквоста и разноликоста и користиме бројни алатки за следење и оценување на напредокот во однос на нивно воведување во главните текови. Веруваме дека најдобриот начин за управување со еднаквите можности и разноликоста е да се осигури дека овие принципи се вградени во сите процеси и функции, да се сметаат за составен дел од сите одлуки на ниво на политики и да се присутни во планирањето на сите програми од почеток до крај. Ова го подразбираме кога зборуваме за внесување на принципите и праксите на еднаквоста и разноликоста во главните текови.